Лице в лице интервју

Елеонора Венинова: Луѓето се толку апсурдни, што морав да ги гледам низ очите на вонземјаните

Елеонора Венинова, сценаристка, режисерка и авторка на романот „Кеплерците“

Режисерката и сценаристка Венинова напиша роман во кој хуморот е начин да се зборува за тешките работи. Со неа зборуваме и за слободата што ја нуди романот, но и за филмската индустрија, која понекогаш знае однапред каква приказна „треба“ да раскажуваш

Замислете, доаѓаат вонземјани и нè обвинуваат за сè што правиме: Зошто луѓето се расправаат за политика по кафани, а забораваат на граѓанските обврски? Зошто пушачите се жалат на загадување? Зошто толку лесно ја уништуваме природата, а потоа се чудиме што нешто не е во ред?

Токму за овие теми зборуваме со авторката и режисерка Елеонора Венинова, а поводот е нејзиниот прв роман, „THE KEPLEANS: BERLIN“, во кој токму вонземјаните се главните ликови. Венинова го напиша на англиски јазик, достапен е во електронска верзија, но и во печатена во неколку книжарници во Скопје. Промоцијата ќе се одржи утре, од 19 часот во „Макка бар“. Зад неа стојат долгометражниот филм „Преекспонирано“, кратките „Влакна“, „Борба за смрт“ и „Прошетка“, како и сценаристичка и режисерска работа на повеќе популарни телевизиски серии, меѓу кои „Преспав“, „На терапија“ и „Семејството Марковски“.

Интересно е дека си сте ја зеле перспективата на вонземјани, за да раскажете приказна за луѓето. Мора ли да се погледнеме низ очите на некој што не нè разбира, за да видиме колку се апсурдни нашите постапки?

– Дефинитивно да. Одлуката низ чии очи/перспектива ќе се раскаже приказната е една од најважните одлуки при пишување и на книги и на сценарија, бидејќи со неа го одредуваме и светогледот кој сакаме да го споделиме со читателите. За мене луѓето се толку апсурдни, ирационални и несфатливи што единственото логично решение беше да ги одберам вонземјаните како главни ликови. Не е дека луѓето не се присутни во книгата, другите два централни ликови, тинејџерката Аурора и нејзиниот дедо Хер Хан, се луѓе кои имаат многу сопствени проблеми и кои низ интеракцијата со вонземјаните учат нешто за себе, но и за светот во којшто живееме.

Што најлесно можеме да си дозволиме да кажеме преку хуморот, што би било потешко да го кажеме преку драма? Што е тоа во човечката природа што е истовремено смешно и застрашувачко?

– Хуморот е одлично средство за обработување на многу тешки теми. Во оваа книга, како и во моите филмови, се провлекуваат некои доста тегобни мотиви како смртта, постоењето, трауматски фамилијарни настани. Интересно е што кога овие табу теми се третираат низ една сатирична перспектива, стануваат далеку поприфатливи за читателите. На пример, дејството во книгата се одвива во 1970-те, во време на Студената војна, во поделениот Берлин кога двата блока се на раб на нуклеарна војна, што за жал, не е многу различно од времето во кое живееме денеска. Секојдневно сме „бомбардирани“ со вести за бомби, напади, жртви и јас, како и повеќето луѓе, сакам да избегам од таа реалност. Книгите, филмовите и културата ни го овозможуваат тоа бегство. Истовремено, како уметници имаме обврска да се бавиме со актуелни теми и настани, колку тие да се болни и тешки. Во овие ситуации, хуморот станува единствено средство со кое може да допреме до читателите со теми кои нè засегаат сите нас. Наместо да ги избегнуваме, ајде да ги дискутираме и процесираме, макар тоа било и преку хумор и сатира.

По филмови и серии, напишавте и роман. Чувствувате ли дека со годините станувате послободна како авторка? Што ве интересира денес, а можеби пред десет години не би се осмелиле да го истражувате?

– Секако дека сега чувствувам поголема слобода, па и храброст да правам некои работи што можеби пред десетина години не би се осмелила. Јас одамна пишувам проза, имам и некои текстови, необјавен роман, раскази по фиоките кои, или сум ги заборавила, или сум ги трансформирала во сценарија, зашто тоа ми било покомотно. Со „Кеплерците“, всушност, реализирам една дамнешна желба да објавам роман. Иако, овој роман е настанат „по грешка“, односно, првично го развивав како ТВ серија, па потоа го адаптирав во роман. Процесот ми беше многу интересен. Книжевноста дава слобода во изразувањето која, просто ја нема кога се пишуваат сценарија. Пишувањето сценарија е еден толку технички и ограничувачки процес, полн со правила. За прв пат се чувстував целосно слободна да правам и пишувам што сакам без да размислувам за тоа како напишаното ќе биде снимено, дали ќе биде продукциски скапо и кои сè компромиси ќе ги направам кога ќе дојдам на сет.

Што може книжевноста да ви дозволи како авторка, што филмот не може?

– Слободата за која зборував претходно е најголемата придобивка. Особено ми е интересно и што во книгите може да ги слушаме/читаме мислите на ликовите, што во филм или серија е или невозможно, или знае да биде доста трапаво – во форма на нарација со која ликот нè води низ дејствието. Можноста да ѕирнеме во умот на ликовите е нешто што навистина ме возбуди, особено што најчесто сме во умот на вонземјаните и нивните мисли кои тие гласно ги кажуваат и анализираат. На нивната планета нема мисли, барем не така како што има кај луѓето. Додека студирав во Америка, една од работите кои професорите ни ги забрануваа при пишувањето сценарија беше токму пишувањето мисли на ликовите. Правилото вели: „Не смееш да го пишуваш тоа што не се гледа или слуша на филм“. Убаво е кога може да го прекршувам ова правило на секоја страница.

Вашите дела се занимаваат со сложени меѓучовечки односи, премолчени работи и противречности во однесувањето. Како се борите да ги раскажете приказните што навистина сакате да ги раскажете, а не оние што индустријата, публиката, продуцентите, пазарот… ги очекуваат од вас?

– Ова е навистина мачна тема за филмаџиите. Има одредени очекувања од фестивалите, финансиерите и продуцентите за тоа каков тип на филмови или серии треба да се прават за да се постигне поголема дистрибуција, па дури и насоки какви теми треба да се третираат, кој социјален контекст и слично. Малку ми е смачено од овој начин на функционирање во филмската и телевизиската индустрија и тоа е една од причините зошто се решив да ги издадам „Кеплерците“ како роман. Темите кои мене ме интересираат и кои сакам да ги третирам, не секогаш се поклопуваат со она што го очекуваат фестивалите од земја како Македонија, или она што продуцентите сметаат дека ќе биде добра и гледана ТВ серија. Имам работено и на комерцијални проекти, следејќи креативни насоки од други и можеби и во иднина повторно ќе работам на такви проекти, но настојувам да останам доследна до она што сакам да го раскажам и снимам во моите проекти. Затоа, последниве години повеќе работев на кратки филмови коишто истовремено и ги продуцирав, за да ги раскажам приказните кои јас сакам да ги раскажам, на мој начин.

Од ваша перспектива, како се одлучува кои приказни ќе добијат простор во филмот и телевизијата кај нас, а кои ќе останат настрана? Кој или што најмногу влијае врз тие одлуки?

– Во однос на филмот, кај нас главен финасиер е Агенцијата за филм. За жал телевизиите воопшто не се интересираат да продуцираат филмови, а богами ниту ТВ серии, што би требало да им биде и приоритет и задолжение. МРТ е веројатно најголема енигма во однос на тоа како се носат одлуки за тоа што ќе се финансира со јавни пари. Нивните конкурси најчесто се од една страничка со многу нејасни критериуми, а и процесот на одлучување е исто така нетранспарентен и мистериозен. Безмалку сите ревизорски извештаи се критични за работата на МРТ ама никој многу не се потресува околу тоа.

Кога ги набљудувате луѓето како авторка, но и надвор од работата, кои општествени навики најмногу ве изненадуваат со тоа колку упорно се повторуваат?

– Ова прашање изискува доста опсежен одговор, бидејќи има премногу навики кои се повторуваат, но ќе се обидам да бидам концизна. Не можам да ја разберам ноншалантноста на сограѓаните кон нашата животна средина, нагонот да се уништи природата но и урбаните елементи, да се извалка местото во кое живееме, да се повредуваат животните кои живеат меѓу нас и генерално, насилството кое постои внатре во семејствата, па и пошироко во општеството. Исто така една од најголемите енигми ми се пушачи кои се жалат на загадување.

Колку сме спремни да слушаме некого што доаѓа од сосема поинаков свет?

– Мислам дека сме љубопитни, но тоа е само на почетокот. Во моментот кога тој некој ќе сподели нешто што не ни е по ќеиф, веднаш се буди милитантноста што е доста типична за човечкиот род. Нема многу разбирање, повеќе е желба за доминација и наметнување на сопственото мислење.

„Oглупавувањето“ на сериите неминовно води кон уште поголема ерозија на способноста за концентрација, анализа и расудување. Со тоа, на долг рок и оглупавување на гледачите.

Кои приказни најчесто отсуствуваат од филмовите и сериите што денеска ги гледаме?

– Денеска има толку многу хиперпродуцкија на филмови и серии што може да се најдат секакви приказни. Мислам дека не недостасува ништо, повеќе е проблем начинот на кој се раскажуваат тие приказни. Стремежот во комерцијалните серии е да се поедностави следењето на дејството до тој степен, што серијата практично може да ја следните паралелно додека скролате по социјални медиуми, се допишувате со пријатели или си зачистувате низ дома. Ова „оглупавување“ на сериите неминовно води кон уште поголема ерозија на способноста за концентрација, анализа и расудување. Со тоа, на долг рок и оглупавување на гледачите.

Што, од македонското секојдневие би било најтешко да му го објасните на некој што никогаш не живеел тука, па макар и да е вонземјанин?

– Уф, има многу работи… мислам најтешко би ми било да го објаснам концептот „На ти го-дај ми го“, којшто така глатко си функционира во сите сфери на нашето живеење, без разлика дали тоа што се дава или зема прави директна или индиректна штета на некој друг.

Што мислите дека денес премногу сериозно сфаќаме? Што пак, не сфаќаме доволно сериозно, а треба?

– Мислам дека многу сериозно и жестоко дискутираме за политика по кафани, наместо посериозно да се зафатиме со нашите граѓански обврски кои не подразбираат само гласање (или негласање) туку и активно делување во сооднос со вредностите кои ги очекуваме од другите и/или политичарите.

Која книга, филм, серија, претстава, музика, поткаст… би го препорачале на публиката на „Лице в лице“?

– Последен филм кој навистина ме допре е германско-австриската копродукција „Секој пат“ (“Everytime”) на авторката Сандра Волнер, кој на еден доста чуден и невообичаен начин го истражува тагувањето и загубата на близок човек.

Фотографии: Бранко Ристовски, Дамир Вујковиќ и Кристина Затуровска. Илустрација на корица за книга: Тамара Антевска