Доза вести

Што значи да не се биде едно? „Анархични тела“ го отвора Викендот на гордоста Скопје 2026

Викенд на гордоста Скопје 2026 - постер

Фестивалот за квир уметност, култура и теорија годинава го отвора прашањето за телото, идентитетот и заедништвото преку тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“

Со групната изложба „Анархични тела: согласност да не се биде едно“, вечерва во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје официјално започнува фестивалот Викенд на гордоста Скопје 2026, еден од најзначајните регионални настани посветени на квир уметноста, културата и критичката мисла.

Изложбата, чиј куратор е Славчо Димитров, отвора простор за преиспитување на доминантните сфаќања за телото, идентитетот и индивидуалноста. Наместо телото да се разбира како фиксна и стабилна категорија, поставката го претставува како динамичен процес, отворен за релации, промени и различни начини на постоење.

Во изложбата учествуваат дела на Јане Чаловски, Христина Иваноска, Дарко Алексовски, Клелија Живковиќ, Ѓорѓи Десподов, Јован Јосифовски, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска.

Според кураторскиот концепт, новите дела не нудат класични претстави на телото, туку истражуваат состојби на нестабилност, поврзаност и трансформација. Телесноста се појавува како релација, афект, структура во движење и простор за повеќекратни можности на појавување и самоизразување.

По отворањето следува музичка селекција на Дарко Јорданов од радиото „Стереолаб“.

Изложбата е инспирирана од квир, феминистички и деколонијални перспективи, кои ја разбираат телесноста како нешто што не мора секогаш да биде целосно видливо, дефинирано или читливо. Во тој контекст, квир перспективата се третира не само како прашање на идентитет, туку и како политичка и уметничка практика што ги преиспитува воспоставените норми за родот, сексуалноста и телесната кохерентност.

Овогодишната фестивалска тема „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се промислува преку идејата за анархично тело – тело што не се потпира на фиксирани категории, туку на релации, меѓузависност и отвореност кон различностите.

Фестивалот ја развива оваа идеја низ повеќе уметнички, теориски и културни програми, поставувајќи прашања за слободата, заедништвото и начините на кои телата постојат надвор од доминантните системи на контрола, видливост и вреднување.

Викендот на гордоста Скопје 2026 го организира Коалиција „Маргини“ во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Повеќе за кураторската поставка има на овој линк. Целосната програма е на овој линк.