Сè додека не дојдов на планина, мислев дека сум слободен
По години живот во Скопје и работа со ранливи заедници во ХОПС, Влатко Деков се преселил на планина, каде денес преку „Од планината, со љубов“ создава природни тинктури, чаеви и поинаков ритам на живот.
Брзам да стигнам на работа, брзам да се вратам дома, брзам да ги испочитувам сите рокови. Брзам да стигнам на концерт, на претстава, слушам поткасти убрзано, читам три книги во исто време, набрзинка пијам кафе, уште побрзо ручам… брзам, брзам, брзам. Од олкаво брзање, секој ден ми бега пред да го почувствувам дека дошол.
Со вакво темпо на живот, постојаната борба со обврските и чувството дека деновите само поминуваат, а телото и умот не стигнуваат да здивнат, на врата ми тропнаа и средовечните болештини. Скролам (набрзина) низ мреживе дур „одмарам“. Случајно налетувам на „Од планината, со љубов“. Додека читав за сремушот, див лук што расте високо на планина, далеку од загадувањето и хаосот на градот, ми дојде желба да успорам. Си верувам на интуицијата, па веднаш нарачав тинктура од сремуш.
Неколку месеци подоцна, јас сè уште брзам, но притисокот ми е помирен. И не, не сакам ова да звучи како приказна за „магични“ препарати што го решаваат здравствениот предизвик преку ноќ. Но, природата ги има сите иљачи… ако знаеш каде да бараш и како да ја почитуваш. Особено, кога зад производот стои човек што не брза, што знае каде расте секој лист и што со часови пешачи по планина за да го набере во вистински момент.
Така започна и овој разговор. По години поминати во Скопје и долгогодишно искуство во здружението ХОПС – Опции за здрав живот, работејќи со корисници на дроги, сексуални работници и други ранливи заедници, овозможувајќи им пристап на намалување на штети, како и пристап до сервиси и услуги, Влатко Деков одлучил да го напушти градот и да започне поинаков живот. На планина, меѓу билки, тишина и мир. Создавајќи природни тинктури и чаеви, денес го развива брендот „Од планината, со љубов“.
Во ова интервју тој споделува и за една многу длабока приказна за враќање кон природата, слободата и поспокојниот живот, но и за љубовта, грижата и заштитата на планината.
Читнете и уживајте! Се надевам дека ќе сфатите дека природата, цело време ни ги дава одговорите, само ние пребрзо поминуваме покрај нив.

Гледам јасна врска меѓу концептот на намалување на штети од употреба на дроги и ресоцијализација на луѓето (Вашата работа во ХОПС) и употребата на билки за здравје. Двете бараат време, трпение, грижа, искуство, знаење. Раскажете ни како дојде до оваа идеја за „Од планината, со љубов“.
– Да во право сте, двете работи се поврзани затоа што и едната и другата им помагаат на луѓето да ја подобрат нивната здравствена состојба, или пак заради превенција на болести. Идејата за „Од планината, со љубов“ дојде сама по себе. Решив да го напуштам Скопје и воопшто, градот како место на живеење и да се преселам да живеам на планина. На почетокот мојата работа во ХОПС ја сведов на минимум. Сега еве веќе два месеци и не работам во ХОПС. Овде на планина имам други приоритети кои засега не ми дозволуваат друг вид на ангажман. Еден од тие приоритети е да работам на создавање на природни лекарства како тинктури и масла, на собирање билки за чаеви а во иднина и на производство на некои видови на зачини, џемови од билките кои растат низ планината, далеку од загадувањето и човечкото влијание.
Идејата за развој на брендот „Од планината, со љубов“ не е случајна. Уште како дете бев опкружен со книги поврзани со билки и нивните лековити состојки кои ги купуваше татко ми. Летниот распуст го поминував на село во Малешевијата кај баба ми, каде локалното население постојано собираше билки. Тоа оставило траг кај мене, па сега билките само се поврзаа со мојата професионална кариера – да им помагам на луѓето кои се во специфична здравствена состојба.
Ви недостига ли градот? Или, што од градот Ви недостига? Што пак, Ви недостасуваше во град, па се преселивте на планина?
– На планина ми е најубаво. Постојат повеќе причини за напуштање на градот како место на живеење, посебно Скопје. Градот веќе не е соодветно место за живот, барем според моите критериуми. Воздухот е екстремно загаден, постои и звучно загадување – бука од кафулињата и рестораните, гласна музика, бука од автомобили кои дополнително го намалуваат квалитетот на животот. Сообраќајната култура и безбедност е исто така на ниско ниво. Една од главните причини, е што животот во градот е премногу стресен. Постојано се трча по нешто, постојано има безброј „мора”, крајни рокови и сето тоа доведува да не се чувствувате удобно и пријатно. Тој начин на живот доведува до сè поголем број луѓе кои се справуваат со анксиозност и депресија. Таквиот стресен живот неминовно ќе доведе и до други здравствени проблеми, па ќе почнете да одите по доктори.
Во моето опкружување сè поголем е бројот на пријатели и познаници кои добиваат разни болести, одат на повеќе операции кои се нижат една по друга и на крајот парите ги трошат на лекување, а не за убав живот.
Затоа решив да не бидам дел од тој магичен круг на трка по кариера и пари, со висок ризик за сопственото здравје и да се посветам повеќе на себе и на поспокоен и мирен живот. Во градот веќе нема мир и спокојство. Тоа најмногу ми недостасуваше во градот, а овде тоа го имам.
На планина добивате и уште нешто за кое најчесто не сте свесни, поточно јас не бев свесен. Тоа е слободата. Сè додека не дојдов овде, живеев во илузија дека ние во градовите сме слободни луѓе. Нема поголема лага.
Овде не постојат улици, сообраќајни и други правила, крајни рокови, намуртени луѓе кои на вашето добро утро, ја вртат главата на другата страна, нема несовесни возачи, нема булинг, нема викотници, нема шалтери и некои Наде или Мите од другата страна на шалтерот кој/а пие кафе со колешката и кога ќе ве види постојано ви вели да дојдете утре.
Овде и кучињата се многу помирни од градските.
Во близина има една куќа која се издава за туристи. Нејзиниот сопственик пред некое време имаше две кучиња кои слободно се движеа каде ќе посакат. Куќата често ја изнајмуваа скопјани кои доаѓаа со нивно куче милениче. Кога ќе го пуштат, тоа почнува да трча како лудо. Честопати агресивно лае, а понекогаш и ги напаѓа двете домашни кучиња, кои пак, само си лежат и смирено го гледаат ова градското како трча и беснее на сите страни. На нивниот терен, во нивниот двор, доаѓа ново куче, а тие не реагираат. Се прашувам што ќе се случи ако овие две планински кучиња отидат во градот, во дворот на некое градско куче. Сигурно градсково нема мирно да си лежи и да ги набљудува. Слично е и со луѓето.
Сега забележувам колку ние луѓето од градовите сме гласни, колку викаме, зборуваме, не слушајќи го другиот. Кога сме повеќе луѓе на маса, настанува какофонија од гласови – во ист момент зборуваат 3 или 4 луѓе. Мислам дека животот во градот, во згради, животот во четири ѕида не е својствен за човекот. Но, за да го разберете тоа, мора да живеете еден период некаде надвор, во природа.
Од животот во градот ми недостасуваат само културните настани. Ама ете, сега тие настани многу повеќе ги ценам затоа што не ми се веднаш до домот. Струмица ми е на 30 километри, а Скопје на 170 километри.
Насловот јасно упатува на билки набрани со љубов, што пак, е многу силна формулација. Што значи „љубов“ во практична смисла, кога применуваме физички труд на висина од 1700 метри, на планина?
– Сè е многу едноставно, дури и искачување по планината, ако се има љубов. Во мојот случај, е љубов кон билките и љубов да им се помогне на луѓето кои се наоѓаат во некоја здравствена ситуација. Сега речиси секој ден, по час и половина се искачувам до местото каде расте исклучително лековитиот сремуш, односно дивиот лук од кој правам тинктура.
Сремушот, во 1990-тите години бил прогласен за лековита билка на годината, а нешто подоцна е рангиран во првите 4 најлековити билки во светот. Со мене носам алкохол, тегли и слично, за да можам, на лице место да ја направам тинктурата. Само на тој начин, таа ќе биде лековита. Научно е докажано дека алициниот, основната состојка на дивиот лук поради која тој е толку многу лековит, многу брзо оксидира и се губи околу 3% на секој час од кога ќе се скине.
Веројатно полесно ќе ми биде да ги наберам сите листови сремуш наеднаш, да ги донесам дома и ја направам целата тинктура. Но тогаш тинктурата нема да биде толку лековита. На тоа место има повеќе див лук но јас никогаш не го берам повеќе од 50 проценти, ниту пак го берам кога е расцветан. Мора да се има љубов кон оваа билка како и кон сите билки и да им се овозможи тие и понатаму да се размножуваат и да опстанат.
Забележувам зголемен интерес за враќање кон природата, за грижа за себе, за здраво, природно одгледана храна. Колку, според Ваше искуство, луѓето навистина разбираат што значи да купат чај од човек што го набрал оваа сезона, наместо од гигант што го носи чајот од другата страна на Земјината топка?
– Луѓето сè уште многу повеќе купуваат чаеви од маркети, кои се индустриски одгледувани и со сомнителен квалитет и постапка на сушење, отколку да се снабдуваат со природен чај. Не се доволно запознаени дека добар и лековит чај е само оној кој е набран на чисто место далеку од загадувања, соодветно собран, исушен под сенка и чуван соодветно во хартиена ќеса подалеку од сонце. Сепак, чаевите на „Од планината со љубов” си го најдоа својот пат до оние луѓе кои навистина сакаат да конзумираат квалитетен природен чај, собран на планина.

Како изгледа одржливо берење билки во пракса? Кои се Вашите лични правила што не ги прекршувате кога берете билки на планина?
– Билките мора да се почитуваат и да се внимава да не се уништат. Затоа, во ниеден случај не треба да се набере повеќе од 70 % од еден вид билка која ја има на ливадата. Тоа е првото правило за да опстанат билките. Ако ги набереме сите билки, тогаш следната година ќе останеме без нив. А без билки ќе нема доволно цветови. Без цветови, пчелите и другите инсекти опрашувачи нема да можат да се хранат, а со тоа ќе дојде до нивно изумирање а со нив и до изумирање на голем број на растенија. Сето тоа ќе влијае многу негативно и на целиот еко систем вклучувајќи го и животот на луѓето.
Дополнително, без инсектите опрашувачи, квалитетот на овошјето и на билките од кои правиме чаеви, кои се опрашуваат сами преку ветерот, ќе биде многу помал, со помалку гликоза и многу помалку витамини и минерали. Во природата сè е поврзано. Затоа ние луѓето како најголеми нејзини непријатели, треба да станеме посвесни за нашата улога и за промена на нашето однесување во насока на зачувување на природата.
Радосен сум што среќавам сè повеќе луѓе кои го знаат ова и покажуваат интерес за зачувување на планините и на целата животна средина. Но, од друга страна, жалам што државните институции се немоќни, односно, што се целосно во служба на капиталот. Наместо да ја заштитуваат природата, гледаме како преку иницијативи за отворање рудници и мали хидроцентрали на планинските реки, тие сè повеќе уништуваат.
Уште еден многу значаен принцип е билките да се берат на суво и сончево време. Берењето влажни билки ќе доведе тие да мувлосаат. Секако, потребно е и да се сушат на сенка, бидејќи најголемиот дел од билките, ако се сушат на сонце, ќе ги изгубат лековитите етерични масла и состојки.
Следен принцип е билките да се берат на непристапи места, каде нема луѓе и било какви возила, а со тоа нема и загадувања. Бидејќи ги берам на планина каде нема буквално никој, овој принцип е целосно однапред исполнет. Тоа се четирите златни правила кои никогаш не ги прекршувам.

Додека Интернетот е преплавен со курсеви за вештачка интелигенција, како да забораваме да гледаме на знаењата кои се однесуваат на она што ни го нуди природата: земјоделството, билкарството, одржлив рурален туризам… Го гледате ли овој Ваш ангажман како некоја професија на иднината на која треба да ѝ се обрати посебно внимание?
– Апсолутно да. Сето она што го спомна, земјоделство, билкарство, одржлив, и јас би додал, не масовен рурален туризам, алпинистички туризам и слично, е она што и ние во Македонија треба да се потрудиме да го развиеме, во што поголема мерка. Гледајќи ги трендовите во светот, Македонија може многу да понуди во секоја од овие области. Се надевам дека час поскоро за тоа ќе бидат свесни и носителите на одлуки, пред сè Владата, и дека ќе направат соодветни стратегии во таа насока. Во меѓувреме, ние кои сме носители на овие идеи и го живееме тој живот во согласност со природата, ќе се обидуваме со нашите мали чекори, секој во својата област да креираме подржувачка околина за тоа. Во тој контекст и ви благодарам што одвоивте место во вашиот медиум за да зборуваме за овие работи.
Како изгледа еден Ваш „обичен ден“ во сезоната на берење билки?
– Тоа се прекрасни сончеви денови бидејќи само тогаш треба да се берат билките. Иако станувам рано, со берењето започнувам околу 10 часот. Не излегувам порано затоа што на планина, на надморска висина над 1300 метри, ноќите се студени и со излегување на сонцето наутро, многу често се појавува роса, дури и во јули и во август. Тоа значи деа билките се влажни и не треба да се берат.
Сакам да откривам нови места каде растат билките и затоа најчесто шетам по нови патеки и предели откривајќи ја планината. Избегувам цело време да берам на исти места, дури и тогаш кога на тие места има доволно билки за берење. Затоа со мене секогаш носам повеќе вода, а често пати и лесен ручек, затоа што останувам и до 16 или 17 часот. После тоа, собраните билки ги прочистувам и ги ставам на сушење под сенка. После таков ден, сонот ме „напаѓа“ рано, па во 10 часот најчесто сум во кревет.
Дали е ова самечка работа, семеен мал бизнис или нешто трето?
– За сега само јас сум вклучен во тоа, иако понекогаш и потесното семејство ми помага, пред сè околу чистењето и сецкањето на билките, како и во нивното пакување.

Планината бара многу активен начин на живот, но во исто време, и мир и тишина. Што значи за Вас планината?
– Животот овде е комбинација од повеќе физчка активност, но во исто време и мир, тишина и слобода каква што нема во градот. Овде миризбите се неверојатни, посебно наутро и после дождот. Боите се многу поинтензивни. Пејзажите се различни секој ден, со неверојатни изгрејсонца и зајдисонца. Небото е толку сино, што на моменти личи на океан, кој пак навечер се претвора во плашт од милиони ѕвезди.
Планината ме учи на трпеливост, на смиреност и ме прави подобра личност. Планината ме држи подалеку од тој вртлог на лошите вести, војните и несигурноста кои го карактеризираат ова време во кое живееме.
Паметам Ваши фотографии кои раскажуваат неверојатни приказни кои е тешко да се доловат со зборови. Оставате ли простор, време, енергија, волја и за фотографија?
– Да, фотографијата е моја стара љубов и за жал, сега помалку ја работам. Најголемиот дел од фотографските проекти беа направени при моите патувања низ светот. Сега поретко патувам и имам помалку можности за фотографирање. Пробувам и тука да фотографирам некои пејзажи или нешто што ме инспирира, но засега немам доволно фотографии за еден нов циклус кој би бил изложен. Се надевам дека во иднина ќе реализирам нешто и во таа насока.
Прашање за препораки – што гледате, слушате, читате?
– Животот овде малку ме промени во начинот на слушање музика. Многу повеќе слушам радио отколку да пуштам некој албум. Сепак, кога пуштам музика, најчесто тоа се некои веќе познати работи. Минатата година ги гледав „Slowdive“ на концерт во Прага и го прерачувам нивиот последен албум. Она што сега го читам е „Тајниот живот на дрвјата” од Петер Волебен кој одлично ја објаснува таа поврзаност на растенијата и живиот свет во природата. Го препорачувам и романот „Во темнината“ на чешката авторка Ана Болава. Сосема случајно ја открив, а во романот станува збор за жена која собира и продава билки за лекување. Ме привлече тоа што кога ја зедов в раце, на првата страна од книгата го прочитав напишаниот епиграф: „Собирањето билки не е за луѓе со послаб карактер”. Ете, некогаш книгите сами нè пронаоѓаат.
За време на Ковид пандемијата ги прочитав сите дела на Кундера, вклучително и неговите есеи и топло ги препорачувам на вашите читатели. И секако, за оние кои сакаат малку повеќе теорија, ги препорачувам делата на Мишел Фуко, кои ќе ве научат критички да ги преиспитувате „вистините“ што ги прифаќаме како дадени (на пример, за нормалноста, за лудилото, за моќта во секоја смисла, за сексуалноста…), гледајќи ги како историски и општествено конструирани.
Пишува: Маја Раванска
Фотографии: Влатко Деков
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни