Кога влијанието се претвора во општествена вредност: темелите на одговорноста на Комерцијална банка
Од јавно здравство до образование и заедници, како инвестициите во одржливо општество на Комерцијална банка се претвораат во мерлив општествен импакт поврзан со Целите за одржлив развој
Квалитетот на живот не се мери во стратегии и извештаи, туку во моменти што траат секунди, а менуваат сè. Во сирена на амбулантно возило што пристигнува навреме. Во место во градинка што се отвора за дете кое првпат учи да припаѓа. Во подадена рака кон млад човек кој повторно добива сила, по криза за да продолжи понатаму.
Тоа се навидум мали, но суштински промени што не добиваат наслови во медиумите, но ја (ре)дефинираат довербата во едно општество. Токму таму започнува вистинското влијание: во живот што станува побезбеден, подостапен и подостоинствен, без тоа секогаш да се забележи веднаш.
Ова разбирање за влијанието не е комуникациски избор, туку стратешка насока на Комерцијална банка АД Скопје. Вградено е во самата основа на Банката – во начинот на кој се управува, во одлуките што се носат и во односот кон заедницата. Континуираното унапредување на корпоративното управување и практиките за одржлив развој не се паралелна агенда, туку дел од истиот систем што го поврзува бизнисот со општествениот просперитет и заштитата на животната средина.
За Комерцијална банка, корпоративната општествена одговорност е основа врз која се гради довербата. Овде, наместо да зборуваме за маркетинг, ги преведуваме ваквите активности на Банката во видливо влијание кое е поврзано со глобалните Цели за одржлив развој.
Вистинското наследство на една финансиска институција е евидентно и во способноста да ја трансформира стабилноста во општествена вредност. Овој пристап го поместува фокусот од „што кажуваме“ кон „што менуваме“.
Банката ги третира донациите како поврзани точки во поширок систем на унапредување на квалитетот на живот. Токму таму започнува и нејзиното влијание во повеќе клучни области што ја обликуваат благосостојбата на заедницата.
Oд солидарност до системска поддршка за јавното здравство
Кога трагедијата во Кочани ја отвори потребата од колективна реакција, одговорноста не се сведуваше на изјава, туку на долгорочна заложба. Финансиската поддршка од 30 милиони денари за Фондацијата „Заедно за едно“ е структурирана интервенција која адресира повеќе слоеви на закрепнување: здравствени третмани и рехабилитација, вложување во менталното здравје како суштински дел од опоравувањето, но и создавањето услови за повторна социјална и професионална интеграција на погодените семејства.

Донациите на амбулантни возила за Општата болница во Кочани и за Здравствениот дом во Неготино, како и значајната поддршка за целиот јавен здравствен сектор за време на Covid кризата, се пример за тоа како одговорното делување може да ја зајакне инфраструктурата на здравствениот систем. Подобрувањето на условите за итна медицинска помош значи побрза реакција, поголема ефикасност и директно влијание врз исходот на здравствените ситуации. Секоја минута заштедена во транспорт значи потенцијално спасен живот, што ја трансформира оваа активност во високо мерлив и значаен општествен ефект.


Овој пристап директно се поврзува со Целта за одржлив развој 3: Здравје и благосостојба. Комерцијална банка со овој пристап ја трансформира филантропијата во функционален импакт, каде секоја инвестиција има јасна повратна вредност во подобрена грижа за граѓаните. Дел од своето клучно влијание, Банката го гради низ призмата дека здравството е приоритетна инфраструктура за општествена стабилност.
Комерцијална банка, не го гради своето општествено влијание само тогаш кога е најпотребно. Во 70 години постоење, за нив е јасно дека со овие заложби, тие ги поставуваат темелите за иднината.
Инвестирање во ран детски развој – влијание во квалитетно образование и одржливи заедници
Паралелно со инвестициите во здравството, Комерцијална банка континуирано вложува и во образованието. Една од најзначајните интервенции е стратегиското вложување во раниот детски развој, клучен фактор за понатамошен образовен и социјален напредок. Со изградбата на градинката „Верверичка“ во Кисела Вода во Скопје, Банката создаде современи услови за повеќе од 110 деца. Оваа иницијатива придонесува кон Целта 4: Квалитетно образование, како и кон Целта 11: Одржливи заедници.

Просторот во кој растат најмладите не е само физичка инфраструктура, туку средина која влијае врз нивната креативност, социјализација и чувство на сигурност. Затоа, инвестицијата во градинка е долгорочно влијание кое ќе се рефлектира низ генерации.
Оваа иницијатива ја позиционира Банката како актер кој инвестира во долгорочен човечки капитал. Ваквите проекти не се комуницираат единствено како успех, туку како обврска кон иднината.
Екосистем со интегрирано влијание
Младите, спортот, културата, животната средина, хуманитарните активности и науката се делови од мозаикот на поширок екосистем на влијание кое го гради Комерцијална банка. Ако ги погледнеме полињата на вложувања во заедницата, гледаме дека тоа опфаќа партнерства со институции и организации, долгорочни програми наместо еднократни активности, што јасно нè носи кон интегриран пристап кон општествени предизвици.


Поддршката на спортот, ја отвора димензијата на влијание кое се гради преку инспирација и можности. Комерцијална банка е поддржувач на машката фудбалска репрезентација, на Македонската кошаркарска федерација, ракометниот клуб Вардар. Оваа поддршка создава услови за развој на спортски таленти, тимска работа и здрав начин на живот. И овде, важна е врската со Целта 3: Здравје и благосостојба. Спортот тука се третира како социјален катализатор.

Во културата (годишната награда за Роман на годината, „Охридско лето“, Струмичкиот карневал…) , животната средина, хуманитарните активности, спортот и научно-истражувачката дејност, Комерцијална банка гради бројни партнерства и вредни модели на соработка, кои се однесуваат на Целта 17: Партнерства за целите. Оваа поврзаност овозможува секоја поединечна инвестиција да добие поширок контекст и поголема ефективност, трансформирајќи ја од краткорочна поддршка во долгорочна вредност за граѓаните на нашата земја.
Влијанието како идентитет, не како кампања
Она што го издвојува пристапот на Комерцијална банка е промената во наративот. Тука зборуваме за континуирана посветеност и видливост на општествената вредност. Наместо да ја нагласува сопствената улога, Банката ја става во преден план промената што ја овозможува, кое станува новиот јазик преку кој се гради кредибилитет.
Во оваа рамка, комуникацијата станува транспарентен прозорец кон влијанието а не алатка за негова интерпретација.
Со 70 години постоење зад себе, Комерцијална банка ја користи својата позиција за да ја засили својата улога во иднината. Преку бројни иницијативи, кои се внимателно насочени, стратешки поврзани и јасно усогласени, со глобалните Цели за одржлив развој, Банката демонстрира дека одговорноста не е додадена, туку основна вредност.

- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни