Лице в лице интервју

Во природата сè има смисла, само треба да забележиме

Лидија Давчева - пресувани цвеќиња

Низ старата вештина на пресување цветови, креативката Лидија Давчева создава мали ботанички мемории, учејќи нè да забавиме, да гледаме повнимателно и повторно да се поврземе со природата.

Се радуваме на приказните кои ни пристигнуваат во нашето сандаче. Важни ни се затоа што потсетуваат дека нашата заедница е полна со луѓе кои создаваат, учат од природата и несебично ги споделуваат своите знаења и искуства. Така ја запознавме и Лидија Давчева, учителка и креативка која, инспирирана од нашите содржини, ни пиша со желба да ја сподели својата љубов кон пресуваните цветови и билки и да инспирира и други.

Овој пристап е поврзан со старата јапонска вештина ошибана (oshibana), уметност во која наместо четка и бои, се црта со пресувани цветови, лисја и стебла. На јапонски буквално значи „пресуван цвет“, а ја практикувале и самураи како вежба за трпение, концентрација и набљудување на природата. Една од основните идеи на ошибана е се зачува минливата убавина на природата. Билките продолжуваат да „живеат“ и по завршувањето на нивниот природен циклус.

Со Лидија, која ова свое хоби го споделува преку профилот „Blooming for Life“ разговаравме за цветното патување што почнало пред четири години, за приказните што ги носат растенијата, за работата со деца и за тоа како една навидум едноставна вештина може да стане начин на живот.

Од каде интересот за пресување цвеќиња?

– Во природата секое растение си има свое значење, своја задача, име и време на цветање и растење. Токму затоа почнав да пресувам растенија и цветови, како обид да го откријам тој волшебен свет и да ја зачувам нивната убавина. Пресувањето е како правење хербариум. Тоа е процес низ кој природата се преобразува, се претвара во уметност, применета уметност.

Моето цветно патување почна пред околу четири години. За тоа време научив да го следам ритамот на природата, годишните времиња и кое растение кога цвета. Се разбира, имам уште многу за учење, како пак да сум на почетокот. Восхитот кон убавината на природата не престанува и нема да ме напушти љубопитноста и желбата да откривам нови растенија.

„Цвеќињата се насекаде, за оние кои можат да ги видат“

Анри Матис

Велите дека со пресувањето зачувувате момент од природата, како мала ботаничка меморија што трае многу подолго од самиот цвет. Внимавате ли, растенијата што ги користите, да бидат собрани на одржлив и внимателен начин?

– Исто како што фотографијата е „замрзнување“ на времето, моментот, така и пресувањето растенија е обид да се материјализира еден спомен, да се зачува од заборав. Пешачењето во природа е активност што ме спаси за време на Короната и во многу други животни ситуации. Движејќи се во природа, собирам обемен  материјал за пресување. За жал, сè уште не знам да одгледувам цвеќиња, ги сушам во буквална смисла на зборот.

Би сакала во иднина да можам сама да ги одгледувам растенијата и цветовите што најмногу ги употребувам. Најчесто ги купувам или ги собирам од дворовите на пријатели, комшии, по парковите и.т.н „Цвеќињата се насекаде, за оние кои можат да ги видат“, рекол Хенри Матис. А јас, каде и да одам, ги забележувам.

Опишете ни го процесот на пресување цвеќе, од моментот кога ќе го наберете растението до финалната уметничка изработка? Што е поинтересно, самиот избор на цвеќиња, нивното берење, пресувањето…?

– Уживам во целиот процес. При берењето речиси секогаш ќе наидам на некое непознато растение или цветче. Го запишувам и меморирам. Потоа внимавам во кој дел од денот ги берам. Еве на пример, наутро не излегувам на берба затоа што има роса, а навечер ги затвораат ливчињата и тогаш не можам да ги ставам во пресата. Ги сушам, пресувам на традиционален начин во преси, специјално изработени за таа намена. Не користам никакви хемикалии или средства. Суштината е да им се одземе нивната природна влажност. Јас само ги ставам во пресите, а сè друго прави мајката природа. Потоа чекам. За добро да се исушат е потребно време, околу две до три недели, зависи од растението.

Највосхитувачкиот момент е отвoрањето на пресите и восхитотот од глетката. Правам и грешки секако, ама така се учам. Откако добро ќе се исушат, ги сортирам по бои или видови. Тоа е најмачниот дел, и ми одзема најмногу време. Потоа следи креативниот дел, правење композиција, избор на соодветни рамки, подлоги…тука на сцена стапува имагинацијата, фантазијата.

Фотографија: Иван Трајков. Моделка: Љубица Вампирџиева.

Работилниците со деца ги гледате како светли точки во вашата работа. Што најмногу сакаат децата да научат од светот на цвеќињата и пресувањето?

– Работилниците се убава можност да го споделите тоа што го работите со другите. Само споделеното знаење има вредност. Никој не останал рамнодушен пред моќната детска фантазија, бидејќи тие го гледаат светот со други очи. Во самата детска природа е креирањето и создавање нови светови. Ние возрасните само треба да го поттикнеме тој творечки импулс, да обезбедиме соодветна работна средина, потребни материјали и играта започнува. Многу ги ценам изработките на децата.

Дали некогаш некое пресувано цветче или растение Ви раскажало „приказна“ и станало инспирација за посебна изработка?

– Сите цветови ми раскажуваат по некоја приказна, тоа што најмногу ме фасцинира е како народот точно ги именувал, како името на растението се поклопува со неговите својства, толку точно и прецизно. Еве на пример, сончогледот го симболизира животниот циклус од раѓање до смртта. Анемонијата или позната како Велигденче, цветата во март и април кога обично го славиме Велигден и симболизира нов почеток, нова надеж. Во природата сè има длабока смисла и поврзаност, само што ние не го приметуваме тоа. Сите цветови носат порака на надеж и вечна убавина.

Во време на масовна дигитализација, колку ваквата рачна и „бавна“ активност, ви помага повторно да се поврзете со природата?

– Пресувањето е активност што навистина ме успорува и ми помага да го гледам светот околу мене од поинаков агол. Ми овозможува да ја негувам и јакнам нишката со природата, на која сите ѝ припаѓаме и сме дел од неа.

Вашето „цветно патување“ звучи многу лично. Дали ова хоби за Вас, повеќе уметност, терапија, бизнис, или начин на живот?  

– Пресуваните цветови се претворија во мој идеален медиум преку кој можам слободно да се изразам. Исто така оваа вештина нуди и многу можности за декоративни изработки и начин да се заработи плус, а сето тоа стана и мој  начин на живот.

Размислувате ли оваа уметност и работилниците со деца да прераснат во социјален бизнис или иницијатива што ќе вклучува повеќе жени, млади или ранливи категории?

– Во моменов, моите декоративни изработки, слики од пресувано цвеќе можат да се најдат на веб страната на цвеќарницата „Фрида“ (линк овде). Би сакала ова да прерасне во нешто поголемо и да имам можност да ја споделам приказната со повеќе луѓе од секакви категории. За да се оствари сето тоа, е потребна страшна организација, ресурси и многу работа. Бидејќи пресувањето не е само уште една крафт-вештина, туку нуди многу можности за себеостварување и пронаоѓање на својот внатрешен креативен импулс и безброј можности за рачни изработки на накит, бележници, честитки, декоративни слики, плакати, принови, цветен дизајн на мебел, облека и уште многу други убави нешта во секојдневието, што го прават животот поубав.

Пишува: Маја Раванска
Фотографии: Приватна архива на Давчева.