Шест години по Законот за млади: Во најголем дел од општините механизмите сè уште не функционираат
Шест години по усвојувањето на Законот за младинско учество и младински политики, голем дел од механизмите што требаше да обезбедат активно вклучување на младите во носењето одлуки сè уште не функционираат или постојат само формално, покажува најновиот мониторинг извештај на Национален младински совет на Македонија.
Извештајот за 2025 година беше објавен вчера во Скопје и укажува на сериозни недостатоци во имплементацијата на законските обврски кон младите на национално и локално ниво.
Иако Законот беше донесен со цел младите да добијат структурирано учество во процесите на донесување одлуки и подобар пристап до локални младински сервиси, голем дел од предвидените механизми сè уште не се воспоставени. Според податоците во извештајот, Националното собрание на млади и Националното советодавно тело за младински политики сè уште не се формирани, додека локални младински совети има само во 24 општини. Дополнително, досега се усвоени 17 локални стратегии за млади, а младински центри функционираат во само 13 општини низ државата.
Извештајот покажува и дека финансиската поддршка за младинските политики останува ограничена. Само 11 општини го издвоиле законски предвидениот минимум од 0,1 проценти од општинскиот буџет за млади, а од активностите предвидени во Акцискиот план за Националната стратегија за млади, целосно се реализирани само 23 проценти.

Во анализата се нотира и дека Истражувачкиот центар во рамки на Министерството за социјална политика, демографија и млади формално е основан, но повеќе од една година нема објавено ниту едно истражување.
Од НМСМ посочуваат дека институциите најчесто ги исполнуваат само оние обврски што немаат поголеми финансиски импликации, додека механизмите што бараат реални инвестиции, структурна поддршка и активно вклучување на младите остануваат нефункционални или делумно спроведени.

– Младинското учество не смее да остане декларативна обврска што постои само на хартија. Законот предвидува јасни механизми и одговорности, но без политичка волја, финансиска поддршка и функционални институции, младите остануваат исклучени од процесите што директно влијаат врз нивниот живот -велат од НМСМ.
Организацијата повикува на итни законски и институционални мерки, меѓу кои усвојување на измените и дополнувањата на Законот за младинско учество и младински политики, воспоставување механизам за надзор на неговата имплементација, како и донесување на потребните подзаконски акти. Воедно, од НМСМ бараат професионализација на службениците за млади, воведување транспарентни буџетски ставки за младински политики и Министерството за социјална политика, демографија и млади без одлагање да ги преземе законските надлежности. Како дополнителен приоритет се посочува и потребата од стратешки партнерства меѓу институциите и младинските организации.
Мониторингот е изработен врз основа на податоци добиени преку барања за пристап до информации од јавен карактер доставени до сите 81 општина во државата. Шест општини не доставиле одговор на барањата, а анализата ги опфаќа состојбите заклучно со 31 декември 2025 година.
Целиот извештај е достапен на страницата на НМСМ на овој линк.
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни