„Лице в лице“, во соработка со Организацијата на жени на општина Свети Николе, и со самата локална самоуправа, вчера одржа настан посветен на женското здравје. Настанот привлече жени од овој град, кои припаѓаат на различни возрасни групи и кои споделија искуства, прашања и мислења за предизвиците што ги носи женското здравје. Отворивме прашања за квалитетот на живот, за секојдневните предизвици од здравствен аспект, за влијанието на козметиката, исхраната и начинот на живот, за достапноста на здравствени прегледи или интервенции, за начините на исхрана и достапната поддршка.
На настанот беше присутна и Емина Петкова, психолог, која особено се осврна на аспектите на менталното здравје кај жените, нагласувајќи ја важноста на емоционалната поддршка, како и поставувањето лични граници.
Во дискусиите се истакнаа прашања како што се несинхронизираноста на здравствените институции врзани за предизвици за женското здравје, причини за хормоналниот дисбаланс, за раната менструација и менопауза, како и влијанието на начинот на живот врз здравјето.
Присутните жени отворија теми и за важноста на групите за самопомош кои обезбедуваат поддршка за лица што поминале низ здравствени предизвици, како и за потребата од достапна едукација и семејна поддршка. Дискусијата ја истакна и неопходноста од едукацијата и информираноста како клучни фактори за унапредување на здравјето на жените.
На настанот беа споделени и реални приказни од животот на жените, што помогна да се мапираат најчестите предизвици со кои тие се соочуваат. Беше дискутирано и за влијанието на козметиката, исхраната и стресот врз хормоналниот дисбаланс, со цел да се најдат начини за подобрување на секојдневното живеење.
Настанот заврши со заклучок дека преку отворена дискусија и размена на искуства, може да се креираат иницијативи кои ќе ја подигнат јавната свест за женското здравје. Собраните информации ќе бидат употребени за создавање содржини и активности насочени кон подобрување на условите за женско здравје.
Прочитајте и за други теми
- Панел дискусија во „Јавна соба“: Родовата еднаквост – клуч за спречување на насилството врз жени и девојчиња
- Мирко Илиќ и „Толеранција“ доаѓаат во Скопје
- „Мојот антикорупциски дневник“ – младите против корупцијата преку едукација и отпорност
- Нема оправдување за насилството врз жените и девојчињата
- За забоболка одиш на забар, за душата – што правиш?