Додека го подготвуваме ова интервју, во кое зборуваме за индивидуалната и колективна улога во соочувањето со отпадот, по порталите се вртат видеа во кои комунални редари ги учат граѓаните како да фрлаат во канти за ѓубре. Октомври 2019 година. И да, сѐ уште главниот рефрен што ни одѕвонува е: „Да го фрламе отпадот во кантата, не околу неа“. Унапредената селекција, пак, ни е некоја идна лекција. За да стигнеме до неа, прво ќе треба да ја поминеме и фазата на стражарење пред контејнерите, со цел да се избегнат обесени кеси, уништени механизми, или, пак, ѓубре насекаде – освен во кантата.
Како да се залудни повиците: да се однесуваме кон својата средина како кон својот дом. Засега, сѐ уште мислиме дека со фрлањето на отпадот од домот сме се ослободиле од непријатниот мирис, не помислувајќи ниту за момент дека неговото патешествие е покомплексно од релацијата: дом – контејнер.
Постојат проблесоци на екоактивизам, кои повикуваат и дејствуваат за поголема свесност во оваа сфера, повеќе како индивидуални иницијативи, но нашата заложба е тоа да ни биде секојдневие, не ретки исклучоци. За да создадеме здрава животна средина, неопходно е да се сетиме: само поголемото внимание, свесност и ангажман на секој од нас може да нѐ носи кон одржливо живеење. Тоа е наша одговорност кон идните генерации.
Во овој број, одговори за сите предизвици врзани за управување на отпадот, како фрлање и селекција, рециклирање и реупотреба, важноста на улогата на компаниите и индустриските капацитети, создавање ефикасна еколошка политика и слично, побаравме од Антонио Јовановски од „зелената“ граѓанска организација „Биди зелен“ („Go green“), кој важи за стручњак за зелена / одржлива економија и развој.

Се сеќавам, уште пред најмалку 10 години, во една европска земја, пријателите ми рекоа дека отпадот што го создаваат мора да опфаќа пропишан габарит според одредени стандарди, а за вишокот, ќе треба да си доплатат за да им се дособере. Или, ако соседите таа недела имаат помалку отпад, да си го поделат. Најкомшиски. Кујната и технички им беше адаптирана за селекција на отпад, со прегради за пластика, стакло, хартија, храна. Колку кај нас лошото управување на отпадот е лоша системска мерка и стратегија, а во колкава мера вината може да се адресира кај  граѓанинот? Зошто постојано доцниме?

- Поради краткорочното размислување и немањето храброст. Визијата за управување на отпадот е да имаме регионални модерни центри за управување отпад (т.н. регионални санитарни депонии) со европски стандарди. Во домаќинствата ќе се воведе примарна селекција, како што кажувате со примерот, и секој ќе биде одговорен за отпадот и за количината што ја создава, по принцип „повеќе отпад, повеќе плаќаш“. Или, ако не селектираш како што треба, казна. Нашата држава, со европски пари, има изработено студии и планови за овие регионални санитарни депонии што многу добро го опишуваат овој систем. Работата е што за да се спроведе овој систем, треба и да се затворат постојните диви депонии и ѓубришта, што, на пример, само за источниот и за североисточниот регион чини 10 милиони евра, а инвестицијата за регионалната санитарна депонија многу повеќе од тоа - околу 37 милиони. За да се воведе ваков модерен систем на управување отпад, треба да поскапи комуналната такса. Политичарите не сакаат да ја зголемат цената за комуналната такса бидејќи е непопуларна мерка. Но, граѓаните мора да разберат дека комуналиите, секако, ќе поскапат за да може да се финансира еден модерен систем за управување отпад каков што посакуваме. Пред неколку години, најблиску беше Југоисточниот регион да донесе одлука за регионална депонија, но, на крај градоначалниците не се договорија и не донесоа заедничка одлука. Една од најголемите причини беше поскапувањето  на комуналиите. И така, работите со отпадот тапкаат во место. Сега, најблиску до изградба на регионална санитарна депонија и воспоставување систем во домаќинствата за кој зборуваме, се Североисточниот и Источниот регион. Градот Скопје ја има Дрисла, која исполнува минимални стандарди за регионална санитарна депонија, но примарната селекција во градот е минимална и недоволно организирана. Со поставување нови јавни контејнери само се зацементира состојбата и не се покажа сигнал дека се мисли сериозно за примарна селекција, што, за жал, повторно резултира во истиот хаос со отпадот со кој живееме.  



Во една пригода, во еден од нашите трговски центри забележав дека од поставениот адаптиран контејнер за различен вид отпад, луѓето од сервисот задолжени за собирање на ѓубрето комплетно го претурија во една црна кеса за ѓубре. Прилично практичен потег, но сосема спротивен од тоа кон што стремиме како граѓани.
Кои се итните чекори што треба да ги преземеме ако сакаме да ги подобриме нашите навики и однос на грижа кон опкружувањето? Кои се главните потези што ни недостигаат за да постои усогласеност меѓу потребите на граѓаните и надлежностите на нашите служби за излегување на крај со отпадот?
Колку стратегиските, плански и програмски документи што ги подготвуваме во оваа сфера, реално, прават импакт? 


- Главно, има стратегиски документи. Ни треба спроведување. Тоа што сте го виделе со отпадот од комуналното лице, ако е во Скопје, ќе заврши на Дрисла, и таму се случува секундарна селекција, односно пластиката и другите секундарни суровини ќе се издвојат пред да се депонираат. Но, примарната селекција е таа што е значајна. Граѓаните мора да се вклучат во процесот на управување на отпадот. Така е насекаде во развиените земји каде што имаат успешен систем за управување отпадот. 

Кај нас е доминантен системот на продолжена одговорност на производителот, како и во многу eвропски земји. Тоа значи, производителот или увозникот на одреден производ е одговорен за отпадот што го создава (неговиот производ во иднина ќе стане отпад). Производителите (увозниците) плаќаат надомест (т.н. еколошки данок) кон државата (поскапа варијанта), или се здружуваат и формираат т.н. колективни постапувачи (фирми од јавен интерес) на кои го плаќаат тој надомест. Тие во нивно име треба да го организираат системот и да соберат процент од произведената количина на нивните „клиенти“ (според Законот, процентот се зголемува секоја година). Колективните постапувачи ја гледаат многу повеќе бизнис-перспективата на овој систем, место јавната услуга што ја вршат. Тоа е моментниот систем кај нас и, очигледно, не функционира. Сѐ уште имаме минимална примарна селекција, илјадници неформални собирачи, огромна количина отпад што завршува на депониите и насекаде ѓубришта и диви депонии. 

Ние препорачуваме да се воведе систем за враќање на парите (кеш бек), (како во Хрватска и во Германија) каде што граѓаните за селектирањето добиваат одредена сума пари назад преку т.н. вендинг-машини. Тоа е поскапа варијанта за производителите и за увозниците, односно колективните постапувачи, и голем дел од еколошкиот надомест би се трошеле за вендинг-машините. Предлагаме тој систем да се финансира преку Фондот за рециклирање, кој ќе се полни од еколошкиот надомест на производителите, но бидејќи системот е веќе поставен како што е, тоа засега е само желба. Сепак, се израдувавме кога неодамна прочитавме дека колективниот постапувач „Пакомак“ ќе воведе вендинг-машини. Но, кога ја видовме ситуацијата подлабоко, увидовме дека тоа ќе се финансира и наградува од јавни пари, од парите на граѓаните. Се разочаравме. Ќе се набават 10 вендинг-машини, финансирани дел од „Пакомак“ (еколошки даноци од производители / јавни пари = даноци) и дел со пари од Фонд за иновации (повторно финансиран од даноци на граѓаните), а наградата за селектирање е јавна услуга (паркинг и слично, повторно од јавни пари на граѓаните). 

Сепак, има мерки со кои колективните постапувачи инвестираат за да се подобри селектирањето. Тоа е примерот со стаклото, каде што „Пакомак“ сериозно се заложи и придонесува за илјадници тони стакло да не завршат на депониите (стаклото е причина за самозапалување на депониите). Таков пристап од колективните постапувачи треба да има за секој вид отпад, иако не е „профитабилно“ од бизнис-перспектива, сепак, да се вложува храбро и кон суштински промени - за јавно добро на граѓаните и на животната средина. 

Отпадот што го создаваат индустриските капацитети дополнително ги загадува водата и почвата. Кои би биле главните мерки што треба да се активираат кај компаниите во поглед на соочување со отпадот, односно за подигнување на свеста за важноста на нивната улога во овој процес?


- Треба само да се следи законодавството и да се спроведува. Големата индустрија подлежи на добивање интегрирана еколошка дозвола А каде што точно стои што и како треба да се прави со отпадот и со отпадните води. Спроведувањето на интегрираните еколошки дозволи значи сериозни инвестиции за фирмите и многу од еколошките обврски не се приоритет за фирмите. Профитот на краток рок е поважен. „Југохром“ се затвори, но, сѐ уште дел од државните индустриски капацитети немаат интегрирана еколошка дозвола (на пример, РЕК Битола). Тука Владата треба сериозно да испланира средства за своите фирми, а Министерството за животна средина и Државниот инспекторат на животна средина треба да интервенира кај приватните индустриски капацитети.  За дел од отпадот и нема решение што и како да се прави, на пример т.н. „енергетски отпад“, односно големи трафостаници, далноводи и друга енергетска инфраструктура - треба да се регулира со посебни правилници.  

За помалите фирми е потребна еколошка дозвола Б, која ја издаваат општините. Според елаборатот за животна средина што го изработуваат за да ја добијат дозволата, фирмите треба да го селектираат својот отпад. Тоа ретко која од фирмите го прави. И тие што го прават, се жалат дека нема кој да им го собере селектираниот отпад. Затоа, сакаме и со социјалното претпријатие да им ја овозможиме оваа услуга на фирмите - да добијат редовна и ажурна услуга за собирање на селектираниот отпад.

Колку македонските граѓани се отворени за процесите на рециклирање и реупотреба, нешто што котира високо во многу земји каде што алармот за влошеното здравје на планетата Земја се сфаќа сериозно? Што ни треба за да ја подобриме оваа слика? Кампањи, акцент во образовните содржини, повисоки санкции?


- Доколку се создадат услови за селектирање, доколку им се објасни на граѓаните зошто е важно да се селектира, доколку се воведе систем на награди и на казни, тогаш ќе селектираат. На краток рок, важни се економските мерки кај граѓаните, односно наградување на позитивната практика на селектирање и воведување повисоки цени на одредени производи за да се дестимулира потрошувачката. 

На пример, пластичните кеси, со новиот предлог-закон за управување отпад ќе се наплаќаат по 10 денари и веруваме дека тоа ќе дестимулира користење пластични кеси и ќе развие свест кај граѓаните за реупотреба на веќе земени кеси или носење платнени торби за пазарење. Истото се случувало и во Англија кога воведувањето на мерката за наплаќање на кесите придонело нивната употреба да се намали од седум милиони на 500 илјади годишно. Европскиот парламент во март оваа година донесе одлука од 2021 година да се забрани еднократното користење пластика - прибор за јадење, чепкалки за уши, цевки за пиење и мешалки за кафе и за пијалаци итн. 

Тоа се мерки што ги преземаат развиените земји. Развиваат зелена економија. Ние треба да ги следиме и да учиме од нивните искуства и да не ги повторуваме нивните грешки.  

Економските мерки, на пократок рок, ќе влијаат на промена на однесувањето кај граѓаните, но, мерките во образование се клучните. Образованието за климатските промени и за одржливиот развој мора да се засили на сите нивоа на образование и да биде застапено хоризонтално во сите предмети што се изучуваат, за уште од најмали нозе да се развие свест и чувство на одговорност кон природата знаејќи ја вистината дека ние зависиме од неа, не таа од нас. 

Развиваме социјално претпријатие што ќе собира отпад од врата на врата


Во просек, во земјава годишно се создаваат околу 700.000 тони отпад. Секој жител создава по околу 350 килограми на годишно ниво. Деведесет проценти од ѓубрето завршува на дивите депонии, за кои се проценува дека ги има околу 1.000 во целата држава. Во вкупниот отпад, пак, дури 38.000 тони се пластика, а повеќе од 40.000 тони се стакло – цврст отпад за кој се потребни векови за да се распадне. Како да се соочиме со сето ова? Како да го унапредиме ефикасното управување на отпадот преку ефикасна еколошка политика? Можеме ли да преземеме, условно речено, добра практика од надвор, која се покажала како успешна?


- Неопходно е интегрирање на неформалните собирачи на отпад во системот, односно нивна формализација и поврзување со домаќинства, станбени згради и со фирми што селектираат. Моментно околу 3.000 собирачи секојдневно оперираат во градовите (не само во Скопје) и собираат секундарна суровина, која има вредност. Потоа, ја носат кај т.н. „отпади“ (фирми со дозвола за складирање и за тргување со отпад), кои најчесто им плаќаат на рака. 

Ние во 2018 година направивме пилот-проект „Ја собираме пластиката од дома“ каде што ги поврзавме собирачите со 385 домаќинства во населба Лисиче, во Скопје. Секој вторник се собираше пластиката. Резултатите беа солидни, граѓаните нѐ изненадија позитивно со нивната волја и дисциплина за селектирање, а од економски аспект за количината што се собраше можеа да се вработат 2 лица од собирачите. Тоа нѐ поттикна да развиеме ново занимање (професија) т.н. „собирач и постапувач со отпад“,  со кое се даде правна основа за нивната дејност. Во тек е развој на образовна програма за тоа занимање. 

Итната мерка, која гледаме дека може да поттикне примарна селекција и да осигуриме дека селектираниот отпад ќе заврши на вистинското место, е формализирање на собирачите и нивно поврзување со домаќинства и со фирми што ќе селектираат. Собирачите ќе имаат пристојна работа, нема да ги превртуваат контејнерите и кантите, а на домаќинствата и на фирмите ќе им се олесни селектирањето, односно ќе добијат услуга за собирање отпад од пред врата. Ова е социјална иновација на која нашето здружение работи во последниве години и се надевам, наскоро, ќе може да лансираме социјално претпријатие што ќе работи на инклузија на собирачите на отпад, кои ќе нудат услуга за собирање отпад „од врата до врата“, со надеж дека ќе прерасне во успешен модел, кој има еколошки, социјални и економски придобивки за сите.