Доза вести

Што останува од заедништвото кога ќе се продаде наследството? Премиера на филмот „Земјиште“

Земјиште - партиципативен филм

Партиципативниот филм на „Атриум“ е резултат на повеќемесечен интергенерациски процес во Битола и Пелагонија, во кој учесниците не се само протагонисти, туку и активни соавтори на делото

Филм што не настанал само зад камерата, туку во заеднички процес на истражување, разговор, визуелно создавање и споделување лични и колективни искуства, ќе биде премиерно прикажан вечерва во 20 часот во КСП „Јадро“ во Скопје. Станува збор за „Земјиште“, партиципативен експериментален филм на здружението „Атриум“.

Наместо класичен модел во кој авторството е однапред поделено меѓу режисер, сценарист и екипа, проектот се развивал преку заедничко истражување. Учесниците минувале низ работилници со разговори, театарски и психодрамски техники, визуелно и аудиовизуелно истражување, работа со камера и заедничка рефлексија.

Целта била да се создаде простор во кој луѓето што учествуваат не се само предмет на приказната, туку активно учествуваат во нејзиното обликување и ги носат сопствените наративи.

Приказна за земјата, наследството и заедништвото

„Земјиште“ раскажува за едно наследено и исцрпено парче земја и за пет жени кои со години се враќаат таму – да копаат, да јадат и да си заминат. Ритуалот се повторува иако неговата смисла одамна е избледена. Рутината се нарушува кога една од жените го продава својот дел од имотот. Одлуката што на почетокот изгледа како личен чин на ослободување постепено го поместува темелот врз кој се одржува нивното заедништво.

Преку оваа приказна, филмот отвора прашања за наследството, сопственоста, припадноста и односите што се создаваат околу местото што го делиме.

Од „Атриум“ велат дека важен дел од процесот бил и обидот културното и уметничкото создавање да се измести од вообичаените центри и практики на филмската продукција.

– Битола и Пелагонија, за нас претставуваат простор во кој се одвиваше значаен дел од процесот, од формирањето на колективот и истражувањето, до снимањето и создавањето на филмот – посочуваат од „Атриум“.

Според нив, ваквата децентрализација овозможила директен однос со локалната заедница, создавање солидарности и заедништва и развивање дело засновано врз пошироки интергенерациски согледувања и споделени лични и колективни искуства.

Филмот продолжува со разговор и публикација

По скопската проекција ќе биде претставена и публикацијата „Земјиште – рефлексивни и критички осврти“, која го документира процесот зад филмот. Во неа се собрани искуства, размислувања и согледувања од повеќемесечната работа – од почетните тематски определби до методолошките пристапи и прашањата што ги отвора создавањето партиципативен филм со интергенерациски колектив.

Во реализацијата на филмот учествуваат режисерката и монтажерка Ивана Мирчевска, сценаристката Калија Киселичка, снимателот Исток Чаповски, дизајнерот на звук Марко Рикалоски и снимателот на VO Александар Томевски. Продуцент е Дино Чупевски, а дизајнот на публикацијата е на Стефан Танков. Во филмот играат Јасна Весиќ, Татјана Јовановска, Христина Србиноска, Софија Кутлешовска и Ана Тамбура, со учество на Михаил и Андреа Гроздановска како асистенти при филмскиот сет и останати членови на интергенерацискиот колектив.