Доза вести, Лице в лице

„Првите. Жените меѓу мажите“: изложба што ја открива историјата создадена во пукнатините на македонската историја на уметност

Изложбата „Првите. Жените меѓу мажите“ во МСУ -Скопје го открива придонесот на жените во македонската уметност. Отворање на 10 ноември 2026.

Истражувачката изложба во Музејот на современата уметност во Скопје ги враќа во фокусот жените чие творештво и придонес долго време останале на маргините на уметничката историја.

Кој ја создавал модерната и современата македонска уметност, а чии имиња и дела останале недоволно видливи во нејзината историја? Ова прашање е во фокусот на изложбата „Првите. Жените меѓу мажите“, која ќе биде отворена на 10 ноември во Музејот на современата уметност во Скопје.

Изложбата, во кураторство на Ивана Васева, ги претставува уметничките кои активно учествувале во развојот на македонската модерна и современа уметност меѓу првата половина на 20 век и повоениот период, кои често биле недоволно застапени во музејските колекции, историските прегледи и изложбените програми. Организаторите посочуваат дека генералната идеја на изложбата е да ги преиспита доминантните наративи во историјата на уметноста и да понуди поинакви перспективи за минатите уметнички практики и нивното претставување.

– Изложбата претендира да прикаже на едно место дел од опусот на неколку жени уметнички и, преку тоа, критички да го преиспита
Ова истражување е и обид за креирање „историја создадена во пукнатините“ (или во меѓупросторите), каде што жените, малцинствата и колонизираните народи создавале знаење, филозофија и отпор, не преку официјалните институции (од кои биле исклучени), туку низ скриените „пукнатини“ на доминантниот патријархален и колонијален систем – се вели во најавата за оваа изложба и истражувачки проект.

Историја на уметноста раскажана и од женска перспектива

Во фокусот се уметнички родени во првата половина на 20 век, до 1949 година, кои се родиле во границите на денешна Македонија, се декларирале како Македонки родени надвор од земјата, ја граделе својата кариера тука или биле професорки на значајни уметници во земјава. Нивните професионални патишта се развивале во различни околности. Студирале во Софија, Белград, Загреб и подоцна, во Скопје, носејќи со себе разновидни уметнички влијанија, од академски реализам, до експресионизам, апстракција и современи концептуални практики.

– Уметничките поретко добивале самостојни изложби, биле помалку застапени во музејските колекции и историските прегледи, често биле претставувани како „исклучоци“ наместо како рамноправен дел од уметничките движења, морале да ги усогласуваат професионалните амбиции со општествените очекувања поврзани со семејството и грижата за домот. Поради тоа, многу од нивните придонеси долго време останале недоволно истражени – се вели во најавата за изложбата.

Токму затоа, посочено е во најавата, овие уметнички не треба да се разбираат само како „жени уметници“, туку како активни учеснички во формирањето на модерната и современата македонска уметност.

– Нивниот заеднички контекст е обележан со процесите на институционално градење на националната култура и модернизацијата на уметничките практики, но и со постојаното преговарање за видливоста и признавањето на жените во едно поле во кое долго време доминирале мажите.

Со ова, МСУ отвора и простор за критичко преиспитување на начинот на кој се создава и пренесува уметничката историја, но и за препознавање на творештвото што долго време останувало во нејзините недоволно истражени делови.

Изложените дела опфаќаат различни уметнички медиуми: сликарство, графика, скулптура, цртеж, таписерија и текстил, керамика, костимографија и инсталација.

Истражување на уметноста, но и на женското организирање

Проектот не се ограничува само на изложување уметнички дела. Истражувањето опфаќа и документација за вмрежувањето, формите на организација и политичкото дејствување на жените во првата половина на 20 век, како и можностите за реконструирање на нивната историја.

Историскиот контекст го истражува историчарката Ивана Хаџиевска, чиј авторски текст ги разгледува општествените и политичките околности што влијаеле врз појавата и дејствувањето на жените уметнички. Изложбениот дизајн е на Јован Ивановски, во соработка со кураторката Васева. Преку просторна поставка инспирирана од ризоматска форма, проектот ги истакнува поврзаноста, соработката и различните начини на организирање и создавање на жените уметнички. Во реализацијата на изложбениот дизајн учестуваат и студенти од трета година на студиската програма сликарство и трансмедиумски практики при Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Конзерватор е Љупчо Иљовски, а соработници се Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски. Дизајнерска соработничка е Илиана Петрушевска.

Уметнички кои се дел од овој истражувачки проект и групна изложба се: Олга Бенсон, Марица Антонова Попстефаниева, Зора Петровиќ, Марија Малахова, Катја Ефтимова, Кераца Висулчева, Лена Стефанова, Љубица Сокиќ, Василка Христова, Нада Корда Сима, Вида Јоциќ, Марија Данова, Борка Аврамова, Загорка Зага Малинковска, Мена Спировска – Менче, Рада Петрова Малкиќ, Љубица Накова Донска, Јелена Патрногиќ, Љубица Андреевска – Љупка, Персида Перчуклиевска, Лилјана Ѓузелова, Лепа Хаџи Димова, Илинка Глигорова Суза, Искра Грабул, Мира Апостолска, Ружица Јосифовска, Драгица Јанева, Мирослава Спировска Мира, Јелена Ристеска, Елена Дончева Танчева, Ана Темкова, Зорица Тодорова Младеновиќ, Анета Светиева, Македонка Андонова, Лиљана Блажевска, Евгенија Демниевска, Даница Марковска, Нада Накова, Виолета Чауле Гранка, Марија Туша – Иљовска, Олга Милиќ, Тонкица Митровска, Сунчица Божиновска, Лидија Саздовска.

Изложбата е составена од дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, како и од позајмени дела обезбедени во соработка со други институции во земјава и приватни лица. Изложбата ќе биде поставена до 21 март 2027 година.