Доза вести

Работилница за женски кооперативи во Скопје: ткаење солидарност за одржливи женски заедници

повик за работилница за женски кооперативи

Женските кооперативни модели се појавуваат како одговор на прашањето како да се преживее и заеднички да се делува во време на економски, социјални и климатски кризи. Токму оваа тема ќе биде во фокусот на тридневната работилница „Ткаење солидарност – од раце до срце“ која ќе се одржи од 7-ми до 9-ти мај 2026 година во Кино во Железничката зграда во Скопје.

Работилницата се реализира како дел од соработката помеѓу фестивалот „Прво па женско“ и неговото 14-то издание и „City as a Stage: Urban Utopias“, во рамки на поширока иницијатива за истражување на урбани и општествени алтернативи, со посебен фокус на женско самоорганизирање и поддршка на жени жртви на родово базирано насилство.

„Замисли да се сретнеме повторно за 7 години – во 2033. Светот е поинаков. И ние сме поинакви. Во оваа „иднина“, дел од нас се оттурнати од пазарот, заменети или маргинализирани, но истовремено станале помалку зависни од системите што не ги поддржуваат. Навраќајќи се во мај 2026, се собираме во едно старо кино во Скопје – не како експерти, туку како луѓе што се обидуваат да останат со проблемите, и едни со други. Помеѓу чувството на распад и потреба за опстанок, започнуваме да замислуваме и да тестираме други начини на живеење. Една од тие можности: Женска кооператива – простор за заедничко живеење, работа и грижа, кој поврзува различни генерации, искуства и форми на знаење“, пишува во најавата за работилницата.

Во рамки на програмата City as a Stage: Urban Utopias се истражуваат локални практики на солидарност и самоорганизација преку дејствување на активисти, уметници и заедници. Работилницата „Ткаење солидарност“ се надоврзува на овој пристап преку истражување на женските кооперативи како можен одржлив модел на заедничко живеење и работа.

Заедно со STEALTH.unlimited, учесниците ќе работат на развивање сценарија за кооперативни иднини, мапирање постоечки практики (живеење, енергија, заедници и финансирање), како и анализа на локалниот контекст во Скопје. Целта е да се истражи како вакви модели би можеле реално да функционираат во пракса.

Работилницата ќе заврши со јавна презентација на резултатите на 9-ти мај во Скопје.