„Зрно 2026“: Измести го фокусот за да видиш – фестивалот што ја открива скриената страна на фотографијата
Фотографијата понекогаш се открива токму тогаш кога ќе престанеме да ја бараме на вообичаен начин. Со пораката „Unfocus to see“, фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ го поставува главното прашање на своето ново издание: што можеме да видиме кога ќе го промениме сопствениот поглед.
Фестивалот годинава ќе се одржи од 9-ти до 15-ти септември, а локацијата ќе биде објавена дополнително. „Зрно“ ги повикува фотографите, уметниците и љубителите на визуелната култура да влезат во побавен и посензитивен процес на создавање, каде техниката, материјалот и идејата се подеднакво важни.
Програмата ќе се одвива низ изложби и интензивни фотографски работилници, со посебен акцент на аналогните и алтернативните процеси. Учесниците ќе имаат можност седум дена да работат со различни фотографски техники и да ги изучуваат процесите кои бараат трпение, прецизност и креативен пристап.
Во рамки на работилниците се најавени напредна црно-бела фотографија, креативна манипулација на Polaroid емулзии, изработка на сопствена камера и колор цијанотип, и други техники. Организаторите го најавуваат ова издание како место каде фотографијата не завршува со притискање на копче, туку продолжува низ процесот на создавање, експериментирање и размена на знаење.
Изложбената програма на фестивалот ќе донесе повеќе авторски и меѓународни проекти.
Учесниците на работилниците ќе добијат обезбедено сместување, храна, материјали за работа и менторство од искусни фотографи. Пријавувањето за „Зрно“ е отворено преку електронската адреса [email protected], а сите детали се на овој линк.
Овој петок меѓународна фото – изложба во рамките на Скопско лето
Во рамки на 47. издание на фестивалот Скопско лето, во соработка со „Зрно Фестивал“, овој петок, 10.07.2026 од 20 часот ќе биде отворена меѓународна изложба на современа фотографија која претставува избор на дела од автори од 13 земји, обединети преку различни современи фотографски и визуелни практики.
– Преку документарни, концептуални и експериментални пристапи, изложените дела отвораат теми поврзани со меморијата, идентитетот, просторот и секојдневниот живот. Изложбата создава простор за дијалог меѓу различни визуелни јазици и културни искуства, претставувајќи пресек на актуелните текови во современата фотографија – најавуваат организаторите.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови