Доза вести, Лице в лице

„Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик

постер за изложба Зрно

Дваесет автори од петнаесетина земји ќе изложуваат во КИЦ – Скопје, носејќи современи фотографски практики што отвораат прашања за меморијата, заедницата, екологијата и секојдневниот живот.

На 10 јули, со почеток во 21 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложбата на селектираните дела од меѓународниот отворен повик на Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“, со која пред скопската публика ќе се претстават 20 автори од 15-тина земји.

Изложбата е дел од програмата на „Зрно“, кој годинава продолжува да создава простор за современа авторска фотографија, експериментални визуелни практики и меѓународна културна размена. Во домашниот културен контекст, каде ваквите независни платформи се ретки, фестивалот се позиционира како место за средба меѓу домашни и странски автори, публика и културни иницијативи.

Селекцијата ги обединува различните пристапи кон современата фотографија, од документарни и интимни серии, до концептуални, експериментални и хибридни визуелни форми.

– Преку внимателно одбраните дела, изложбата отвора прашања за меморијата, пејзажот, телото, заедницата, екологијата и секојдневниот живот. Особено значајно е што дел од претставените проекти се занимаваат со маргинални простори, локални приказни и теми кои ретко добиваат видливост во
институционалниот културен контекст – објаснуваат организаторите.

Токму преку ваквите перспективи изложбата создава можност за дијалог меѓу различни визуелни јазици и културни искуства.

Изборот на авторите е направен од осумчлено меѓународно жири составено од фотографи, куратори и визуелни уметници од повеќе европски земји: Ева Шлегл од Виена, Драго Вејновиќ од Бања Лука, Ане-Мете С. Сомер-Келтер од Копенхаген, Жозеп Домингез Кастелс од Барселона, Ивана Брезовац од Белград, Флоријан Копр од Виена, Наташа Такач од Осијек и Сашо Алушевски од Скопје.

Изложбата на меѓународниот отворен повик е дел од програмата на „Зрно“, која покрај изложбите вклучува и работилници, едукативни содржини и активности што ја поттикнуваат соработката меѓу авторите и локалната заедница. Настанот е вклучен и во програмата на Скопско лето 2026.