„Лице в лице“ е улично списание за одржлив развој, кое е клучен елемент на истоимената Платформа за одржлив развој.
Излегува во Македонија од септември 2012 година, и е печатен медиум кој го промовира моделот на социјално претприемништво.
Продавачи на списанието се претставници од најранливите групи во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е за продавачот, а останатата половина се насочува кон продукција на следно издание и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.
Содржините на „Лице в лице“ ги поттикнуваат компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира оваа Платформа, кои како главна одлика го имаат одржливиот развој, се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина.
Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.
Списанието излегува периодично, до три пати во годината, на 52 страници во боја. Содржината на магазинот, во најголем дел, ја создава тим на волонтери, како и поддржувачи на мисијата на списанието.
„Лице в лице“ е член и на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов и на националната Мрежа на социјални претпријатија (SEN.mk)
„Лице в лице“ е непрофитно, независно улично списание, посветено на одржливиот развој, на социјалната инклузија, на вредности кои упатуваат кон социјална правда, на принципите на еднаквост, демократија и на хуманост.
Претставува пионерски чекор на полето на социјалното претприемаштво во Република Македонија и е единствено улично списание во земјата. Се залагаме за човековите права, за правата на загрозените и на маргинализираните групи и поединци, за родова рамноправност, за соработка и за поврзување, за здраво физичко и ментално опкружување, за одржлив развој, за мир, против насилство, расизам и омраза од секој вид.
– Купувајќи Лице в лице им помагате на многумина – повеќе луѓе ќе добијат можност да се тргнат од улицата, која засега им е единствената адреса.
– Читајќи Лице в лице си помагате себеси – на единствен и инспиративен начин ќе сознаете дека светот може да се гледа и со други очи и дека состојбите зависат од нас.
Содржини кои гласно зборуваат за решенија
Нè интересираат, пред сè, добрите дела, новите корисни идеи и практики, активности што „работат“ во прилог на позитивните промени. Ќе ги афирмираме тие што се трудат да ги ублажат негативните ефекти, кои на нов начин ги разбираат проблемите и се обидуваат да ги објаснат, а особено тие што активно придонесуваат за нивното ублажување. Ќе ги охрабруваме сите напори (во сите области) што придонесуваат за социјална, културна и за економска вклученост, одржлив развој, за здравјето на планетата, ефикасна заштита на јавниот интерес.
Се залагаме за:
– Демаргинализација на групи, поединци, идеи;
– За вклучување, а против исклучување;
– Зачувување на здрава и одржлива животна (физичка и ментална) средина, а против загадувањето од секој вид;
– Афирмација на јавните простори, јавниот интерес, а против недостапност и узурпација.
Промовираме вклучувачки трендови, кои придонесуваат за ублажување на проблемите: добри резултати, успешни примери, нови идеи и програми во секојдневниот живот, уметност, култура, граѓански активизам, економија, теорија, спорт.
Нè интересираат луѓе, случувања, акции, уметнички дела, идеи, научни откритија, нови или стари теории, случувања од минатото, сето тоа на што му е заедничко активистичкото, инклузивното и напорите да се постигнат добри резултати.
Лице в лице како еколошко списание, се печати на рециклирана хартија, а е посветено на испитување на односот на поединецот и на неговото ментално и физичко опкружување.
Покрај физичкото загадување, изложени сме и на културна и на ментална вредносна контаминација. Се бориме за општество во кое економијата и екологијата ќе дејствуваат во хармонија.
Настојуваме да укажеме на облиците на системска ментална контаминација (медиуми, образование, јавно дејствување, пропаганда и сл.) на кои е изложено општеството и да поттикнеме некои акции што би можеле да ги ублажат последиците од тоа.
Преку овие принципи се трудиме да поттикнеме што повеќе луѓе и да ги помрднеме од фотелјите во акција, од набљудувачи кон учесници.
Кога пишуваме, известуваме, рецензираме, правиме интервјуа, фотографираме, дизајнираме, дебатираме и полемизираме, кога зборуваме за настани, акции, појави, успеси, последици, планови, резултати, уметност, правда и економија, технологија и земјоделство, здравство, историја, екологија, храна или спорт, секогаш ќе ни биде пресудно (секако, не и единствено важно) колку тоа случување, личност, организација, идеја, теорија или практика:
– придонесуваат за ублажување на кој било вид изолираност, исклученост или маргинализација или, за жал, влијаат за нејзиното настанување;
– колку се (искрено) во духот на концептот на одржливиот развој, колку влијаат на намалувањето на загадувањето или придонесуваат тоа да биде поголемо, колку придонесуваат за одржлива иднина;
– колку се во функција на јавниот интерес или колку го узурпираат.
Кој/Што нè интересира?
Социјална инклузија, одржлив развој, родова рамноправност, демаргинализација, активизам, образование, ментално здравје, зелена економија, волонтерство, здрава животна средина…
Сите оние што го гледаат светот со други очи, кои и нам ни помагаат во таа вештина. Тоа се тие што имаат што да кажат, но кои никој, или ретко кој ги прашува. Тоа се тие што секојдневно, вредно и покрај многуте тешкотии, работат за нашето општество да биде подобро. Тоа се непознатите (или помалку познатите), кои се залагаат за слични работи секаде на светот. Тоа се тие што на кој било начин се тргнати настрана, маргинализирани, тие што се малцинство, кои дејствуваат на маргините, како и тие што, борејќи се за основните вредности, имаат нови, добри идеи. Тоа се тие што нудат решенија.
Тоа се нашите продавачи, но и сите други со слични судбини. Тоа се луѓе и организации, институции, компании… кои се грижат. Тие што мислат дека има надеж и вреди да се потрудиш, тие што се трудат и покрај сè да им биде подобро ним и на другите. Тоа се тие што веќе здобиле име во својата професија, кои се борат за истите вредности како и ние, но и тие што сега почнуваат да ја градат својата репутација на исти принципи.
Кој не нè интересира?
Лице в лице e простор и платформа за добри дела. Нема да се занимаваме со тие што го загадуваат и расипуваат, туку само со тие што се грижат да има подобар свет. Тој што го прави тоа, а не е споменат кај нас, ќе знае дека треба да се менува, да се активира, да се разбуди или само да се потруди повеќе.
„Клучните теми“ во нашето општество и во медиумите не се навистина клучни, тие се наметнати како такви. Ние иницираме кампањи и акции, креираме содржини, но и практични совети, пласираме нови и различни мислења!
Ја следиме активноста, поддржуваме и создаваме коалиции, шириме теориски, но и практични знаења и вештини, инспирираме акција.
Се обидуваме да воведеме нова, отворена, поинаква и поразновидна дискусија во јавниот дискурс. Дискусија што се однесува на темите во областите од неконвенционалното мислење, презентирајќи ја на нов, поинаков, провокативен и делотворен начин.
Првиот број на „Лице в лице“ излезе на 15 септември 2012 година. Беше промовиран на Школка во скопскиот Градски парк. На настанот присуствуваа тие што застанаа зад списанието уште од првиот миг.
На промоцијата посетителите можеа да ја видат и изложбата на рачни изработки, оригами, накит од рециклиран материјал, и други предмети кои децата од Дневниот центар ги направија специјално за промоцијата на „Лице в лице“. Изложбата беше продажна, а собраните пари беа наменети токму за нив и за подобрување на условите на Центарот.
Гостин на промоцијата беше женското диџејско реге дуо Ели Раста Грл и Иренска, познати и како „Џам систаз“, кои беа меѓу првите јавни личности, покрај актерката Лабина Митевски и режисерот Дарко Митревски, Сергеј Андреевски и Дарко Панчев, кои дадоа силна поддршка за платформата „Лице в лице“.
На промоцијата на магазинот, Здружението за управување со пакување и со отпад од пакување „Пакомак“, кое е меѓу пријателите на „Лице в лице“ испрати и важни еко-пораки.
Им благодариме на сите тие што на кој било начин се придружуваат кон нашата иницијатива и кои помагаат оваа идеја да се шири и да добива нови поддржувачи.
Целата галерија од промотивниот настан за првиот број, ја има на следниов линк.
„Лице в лице“ го поттикнува дијалогот, создава мрежи и преку заеднички акции ги поврзува активистите, граѓанското општество, интелектуалците, уметниците, академската јавност, професионалците, граѓаните, претприемачите, институциите, сите тие на кои им значат промените, сите тие на кои им се важни другите – во насока на создавање здрава животна средина, одржлив развој, урамнотежен однос на општеството и на економијата, во насока на дестигматизација и на демаргинализација на групите, поединците, ставовите и на идеите…
Така, Лице в лице е оригинална платформа за активизам и за нови идеи на сите тие што не бегаат од стварноста, кои се загрижени за иднината и кои се подготвени да направат нешто денес.
Лице в лице е и многу практична и корисна алатка, која креативноста ја става во служба на општествени промени и притоа дава конкретни резултати, нуди решенија на планот на економската и општествена вклученост и засилување на најзагрозените категории жители.
Главни цели:
1. Нудење практични решенија за намалување на сиромаштијата, за поголемо вработување и за ублажување на социјалната и културна исклученост, за создавање услови и давање можности маргинализираните групи легално да остваруваат приходи, за вработување и поттикнување специфични и применливи знаења и вештини, односно за општествена и економска вклученост.
2. Преку задвижување и редовно издавање независен магазин, Лице в лице ја збогатува домашната медиумска сцена со висококвалитетен, единствен тип издание, наменет на целата читателска публика, а со силно активистичко насочување, изразена социјална чувствителност, грижа за зачувување на животната средина, отвореност за новото, поинаквото, алтернативното и за маргинализираното во однос на вообичаеното од секој вид.
Покрај социјалната кохезија и поврзувањето и интегрирањето на маргинализираните групи и поединци во групите и со општеството во целина, оваа иницијатива во себе обединува уште неколку цели:
- социјално претприемаштво: зацврстување, намалување на сиромаштијата и на невработеноста на најзагрозените групи преку популаризација и непосредна реализација на концептот за социјално претприемаштво;
- култура за промени: испитување практични решенија преку кои културно-медиумската продукција може да придонесе за ублажување на наведените проблеми и за отворање нови економски потенцијали;
- платформа за активизам: демократизација и плурализација на медиумската понуда, афирмација на вредноста на цивилното општество и здружување на граѓанското општество;
- марка на подобро општество: создавање „активистичка марка“, платформа за поврзување и за дејствување на сите тие на кои им е важно и кои сакаат да направат нешто – денес!
НАШИОТ ТИМ
Координаторка на координаторите во Мрежата на „Лице в лице“: Магдалена Чадиноска Кузманоски
Редовни соработници: Небојша Илијевски, Александра Лопарска Илоска.
Финансии и администрација: Славица Ќурчинска, Фатима Рамадановска
Фотографија: Томислав Георгиев
Јазична редакција: Анета Василевска
Графичко уредување: „Контура“
„Лице в лице“ МРЕЖА
„Лице в лице“ инспирира промена!
Лична, општествена, еколошка.
„Лице в лице“ функционира во рамки на мрежа од седум партнерски организации во четири
градови во земјава. Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, која е издавач
на „Лице в лице“ ја координира мрежата, ја креира содржината на списанието и на веб
платформата, и во соработка со партнерските организации, создава стратегија за личен и
професионален развој на продавачите на списанието.
Партнерските организации ја координираат и ја поддржуваат работата на своите продавачи
на терен и ги менторираат во нивниот развој.
Уличната продажба на списанието и работата на продавачите е одговорност на мрежата на
партнерски организации на „Лице в лице“.
Скопје
Црвен крст на град Скопје
Одговорно лице: Драгана Лазаревска [email protected]
Продавачи: Хасан Аметовски, Кристијан Марковски, Кристијан Пешевски, Горан Станковски
Здружение за заштита на правата на детето – Дневен центар за деца на улица Шуто Оризари
Одговорно лице: Ирена Велкоска [email protected]
Продавачи: Рамајана Реџепи, Ајтен Илијази, Решат Илијази, Самир Џаферов, Реџеп Садик, Бајро
Садик, Сунај Камбер, Сељатин Фејзо, Алмир Мустафа, Амир Дестанов, Армандо Реџепи, Рахман
Реџепи.
Порака Неготино – Волково
Одговорно лице: Кристина Николовска [email protected]
Продавачки: Анабела Мередиева, Гордана Малинова, Ката Велкова, Перјана Демир
Битола
Младински културен центар Битола
Одговорно лице: Ирена Туфекчиева [email protected]
Продавачи: Мубија Милошевска, Горјан Костов
Неготино
Порака Неготино – Неготино
Одговорно лице: Валентина Тасева [email protected]
Продавачи: Верче Христова, Севда Ибраимова, Џемал Алиев, Коста Цековски, Блаже Митев,
Христина Петковиќ
Струга
Порака Нова – Струга
Одговорно лице: Стефан Малески [email protected]
Продавач: Игор Шајновски
Со годишна претплата обезбедете си го секое издание на „Лице в лице“ .
Осигурајте се дека сте дел од приказната на „Лице в лице“ и направете годишна претплата на единственото улично списание во земјава. Ќе го добивате „Лице в лице“ на ваша адреса, а во исто време ќе учествувате во создавање подобро општество со еднакви можности за сите.
Обезбедувајќи си годишна претплата, вие:
- учествувате во градењето систем за поддршка на продавачите (работни средби, работилници за унапредување на нивните капацитети, надградување на нивните продажни и претприемачки капацитети),
- станувате активен чинител во развојот на социјалната економија во земјава,
- поддржувате инклузивни програми наменети за ранливи сограѓани,
- практикувате одржливи решенија,
- списанието се печати на рециклирана хартиja- се вклучувате во движење за одговорна иднина.
Повеќе на онлајн продавницата на „Лице в лице“, достапна на овој линк
Шест броеви: 600 денари + 60 денари за ПТТ.
За уплати во банка:
Износот од 660 денари уплатете го на: ХАЛК банка 270 056 816 260 161 со забелешка Претплата за списанието „Лице в лице“.
Постапката е иста и за уплата за еден број од списанието: 100 денари + 10 денари за ПТТ.
За уплати од странство
IBAN: Mk07270722000003178
SWIFT: EXPCMK22
Bank of beneficiary Halkbank AD Skopje,
Адреса: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – „Лице в лице“
Oрце Николов 93/5
1000 Скопје
Ве молиме задолжително наведете го вашето име и презиме, адреса и податоци за контакт (телефон и е-адреса). Повеќе информации на 02 2 466 444 и [email protected]