Копнеат по средба со родителите и со роднините

Копнеат по средба со родителите и со роднините
И двете уживаат во продажбата на уличното списание. Минатата година ја оценуваат како мошне успешна. „Убавина“, велат двете истовремено. И процената им е на место. Тие се најпостојаните продавачи на „Лице в лице“ за 2015 година од редовите на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп, „Порака – Неготино“ од Волково каде што се згрижени веќе неколку години
Ведри и секогаш подготвени за работа. Велат дека не сакаат времето да им поминува без некоја обврска. Само кога се зафатени – се среќни.
И им верувам. Тоа го покажуваат и нивните насмеани лица секогаш кога ќе дојдат во редакција по нови броеви на „Лице в лице“.
Анабела и Пепи се најпостојаниот тандем за работа од редовите на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп, „Порака – Неготино“ од Волково.
„Многу сум среќна“, беше признанието што Анабела ми го кажа на првата средба во новава 2016 година.
– Ми се падна паричката во лепче и многу сум радосна. Мојата желба за оваа година е да си ги најдам родителите. Многу сакам да ги видам. Татко ми само еднаш сум го видела, кога ме побара во Демир Хисар. Не знам колку години имав, ама би сакала родителите пак да дојдат. Да ме побараат. Сакам да живеам заедно со нив – вели Анабела.
Слична желба има и Перјан, за пријателите – Пепи, која не крие дека 2016 година сака да биде година кога почесто ќе се гледа со нејзините блиски.
– Сакам да се видам со братучетка ми, тетка ми, со зет ми, со целата фамилија… Дел од нив се во Германија, а некои и во Белгија. Би сакала да ме земат таму и да живеам со нив. Немам телефон и не сум ги слушнала периодов – објаснува Пепи.
На „терен“ секој ден од 10 до 14 часот
Новава година, велат, им почнала многу весело. Прославата во Центарот за помош на лица со ментален хендикеп, „Порака – Неготино“ од Волково била со сите нишани. Убава музика, пеење, вкусни сармички и бомбички.
– Ја прославивме среќно. Сè ни беше подготвено, велат двете девојки, кои во Волково живеат во заедница со Петрица, Жаки, Божана и со Петка во една од куќите на Центарот.
Велат, ваквиот тип живеење им е многу подобар од институционалното, и дека тука имаат многу повеќе дружби, пријателства, активности…
Една од нив е и продажбата на „Лице в лице“. Нивна најчеста локација е трговскиот центар „Бисер“, но често може да е сретнат и на плоштадот „Македонија“. На „терен“ се речиси секој ден, во термините од 10 до 14 часот. Недела, пак, им е ден за одмор.
И двете уживаат во дружбата со нашето улично списание. Минатата година си ја оценуваат како мошне успешна. „Убавина“, велат двете истовремено.
И процената им е на место. Тие важеа за едни од најпостојаните продавачи на „Лице в лице“.
– Среќна сум додека продавам. Имам обврска, имам и пари. Најчесто ги трошам на моментни потреби. Еве, последно си купив чорапчиња, пред тоа синџирче, обетки… Сакам да можам да си купам и лаптоп, ама многу е скап – вели Анабела.
Пепи, пак, објаснува дека заштедата од продажбата на „Лице в лице“ ја чува за купување мобилен телефон.
– Така ќе можам почесто да се слушам со роднините – вели таа.
Јадеме салати од сопствената градина
Анабела и Пепи не одмораат, дури и кога не продаваат „Лице в лице“. Тогаш се зафатени со обврски во заедничкиот дом. Чистат, мијат чинии, учествуваат во подготовка на заедничките оброци, а кога е сезона – вешти се и во одржувањето на градината што ја имаат, каде што се грижат за овошјето и за зеленчукот што ги консумираат.
– Кога можеме, садиме, копаме… Тие обврски во градината ни се почести од пролет, а во лето уживаме во салатите и во овошјето. Од овошје најмногу сакам да јадам јапонски јаболка – споделува Пепи.
Анабела, пак, покрај домашните обврски, вели дека со задоволство слободното време, покрај за „Фејсбук“ и за слушање музика, го користи и за одење во играорна.
– Обожавам да играм и да пеам. Тоа ептен ме радува. Сум учествувала и во претстави…, еве последен пат играв војник, заедно со Горде (исто така, продавачка на „Лице в лице“), ама, сепак, пеењето го сакам повеќе од глумењето. Некако, мислам дека повеќе ме бива за тоа – вели Анабела, во чиишто квалитетни пејачки способности сме се увериле на неколку пати.
Нејзина желба е, меѓу другото, кога постои можност – да патува. Минатата година таа беше на семинар во Турција, а во годините пред неа би сакала да ги посети и Англија и Австралија.
– Лани бев во Истанбул, и градот многу ми се допадна. Би сакала да одам и во Лондон и во Мелбурн, кај луѓето од згрижувачкото семејство каде што престојував – вели Анабела.
Пепи, пак, во слободното време повеќе сака да гледа претстави во театар, но и телевизија.
– Не сакам филмови со насилство. Сакам да гледам серии, да одам во парк, на претстави, на изложби… Не сакам кога е здодевно. Убаво ми е кога постојано нешто правам. Пример, како кога правевме некакви рачни изработки. Било да е накит или нешто со шиење. Сакам и кога времето го поминувам со сестра ми, која неодамна имаше здравствени проблеми. За среќа, сега е подобра – вели Пепи.
Како што го почнавме муабетот, така и го завршуваме. Со убави вести.
– Утре ми е роденден. Планот ми е да поканам многу луѓе. Пријателите од заедницата се подразбираат. Сакам да има многу гости, да има торта и да се пее. Друго – ништо не е важно – вели Анабела.