Од мене ќе се чудите!
Кога во 2012 година почна да го продава списанието беше срамежливо 19-годишно момче. Три години подоцна Ерџан е сопруг, татко и личност со цел – тежнее да создаде свој дом за себе и за своето семејството, редовно го продава списанието, а неодамна се запиша и во вечерното училиште во Шуто Оризари. Годинава тој ја понесе титулата – најдобар меѓу 40-ината продавачи на „Лице в лице“
Ѕвончето на домофонот неуморно ѕвони. Се прашуваме со колегите, „Очекуваме некого“?
Не, велат тие, никој не се најавил за ова време… На вратата се појавува Ерџан. Тоа е најактивниот продавач на „Лице в лице“ во последниве неколку месеци.
Се појавува и кога не го очекуваме, затоа што за рекордно брзо време ги продава примероците што ги подигнува од нашата редакција. И не чека, веднаш доаѓа по нови.
Тоа е новиот Ерџан. Одговорен и сериозно созреан. Татко и сопруг. Тивок и насмеан, и точно знае што му е целта во денот.
– Ќе земам нови 50 примероци. Ќе ги продадам до вечер – вели тој убедливо и го подготвува својот црвен ранец шмркнувајќи од жешкото нес-кафе, додека колешката Жармена го потсетува и охрабрува дека резултатите од неговиот труд стануваат сè повидливи. И подобри.
Ерџан веќе три години е дел од програмата на „Лице в лице“. На почетокот продаваше срамежливо, повремено и несигурно, тешко комуницирајќи со околината околу себе. Сега, пак, по три родендени на „Лице в лице“, вели: „Цело Дебар маало е полно со мои пријатели. Сите ме знаат“.
Ме радува неговата нарасната самодоверба, која ја зачинува со точна доза внимателност во пристапот, а, сепак, звучи убедливо во тоа што го работи – продажба на единственото улично списание во земјава.
Разликата меѓу стариот и новиот Ерџан е причина да го навратам на годините наназад. Да се потсети на почетоците и да направи споредба со тоа што му се случува сега.
– Порано, кога почнував со продажба на „Лице в лице“, ретко кој веруваше во мене. И координаторката Ирена во Дневниот центар за деца на улица беше внимателна со тоа колку примероци ќе ми даде за продавање. Се плашеа дека ќе бидам неодговорен. Ама им реков: „Ќе се чудите од мене“ – вели Ерџан навраќајќи се на почетоците на дружбата со „Лице в лице“.
И, навистина. Ерџан успева да ги импресионира сите со својата работливост и неуморност. Сега се случува да продаде дури и по 50 списанија дневно, а цел му е да ја достигне бројката од 1.000 броја месечно. Ваквата амбициозност на двапати му го донесе и признанието „најдобар продавач“ за две изданија на „Лице в лице“, едноподруго, за што беше и награден со пакет производи од „Рептил маркети“.
Го прашувам на што се должи неговата зголемена мотивираност за работа, дали, можеби, тоа што е сега сопруг на Сунита и татко на петмесечниот Елмедин, па улогите си ги сфатил соодветно – одговорно и сериозно.
– Да. Сè се смени. Сега не шетам како порано. Морам да мислам на жената, на детето. Порано беше друго. Тогаш одев и по канти, собирав и шишиња… Сега тоа е минато. Научив како вистински да заработувам – вели тој.
Дваесет и двегодишниот Ерџан има завршено само трето одделение, но, деновиве споделува и една убава вест со нас – се запишал во вечерното училиште „Макаренко“. Сфаќам, вели, дека без образование – нема ништо.
– Неписмен човек не може да напредува. Јас досега можев да си го напишам само името. Без презиме. Ама, сега сум решен да го променам тоа. Сакам да читам, да пишувам, така ќе можам и поинаку да го претставам „Лице в лице“, откако ќе го прочитам. Сега на купувачите им вртам страници, а кога ќе научам да читам, по нешто ќе можам и да им раскажам – вели тој.
Се согласивме дека таа констатација е вистинита, дека образованието може многу да му помогне во оваа работа, но и во некои нови животни предизвици. Сепак, му велам, ти и без тоа си еден од најдобрите продавачи на „Лице в лице“. Која е тајната?“
– Убаво се чувствувам во престилката на „Лице в лице“. Сигурно. Тоа е мојата работа. Срамота е да се испружи рака и да се проси, а животот без пари е тежок. Но, што ме прави најдобар – не можам да откријам во детали. Тоа е тајна. Најважно е дека треба постојано да се работи, да се излегува на терен. Јас понекогаш не се враќам дома и по цел ден. Се прибирам дури околу 11 часот навечер. А и не се расправам кога продавам, ништо не може со сила. Сè е по договор и одобрување – споделува тој.
Обично, одмора за викенд, и тогаш ѝ помага малку повеќе на Сунита, го заспива бебето, игра со него, или, пак, оди на фудбал со другарите. Ја држи позицијата за напад и речиси секогаш е дел од победничкиот тим.
– Ако сте решиле да бидете добри, поточно најдобри, така и ќе биде – вели тој низ насмевка.
Ерџан најчесто можете да го сретнете низ кафеаните и кафулињата низ Дебар маало, неговата најдобра средина за продажба. Затоа што, вели, таму има најмногу луѓе што сакаат да му помогнат. И благодарен им е за тоа. Ги чувствува како вистинска поддршка.
– Цело Дебар маало ми се пријатели. Сите ме познаваат. Не ме оставаат ниту сок да си платам, што понекогаш ми е многу срам. Таму успевам најмногу да продадам. Има луѓе што го купиле списанието и пак го купуваат. Еднаш се случи еден човек да ми купи три броја, за луѓето што му беа во друштвото, ама кога се вратив од прошетка низ други места, каде што не успеав да ги продадам другите, тој ми рече: „Дај ми ги и тие 17 броја“. Ми даде 1.700 денари, и ми рече дека е убаво порано да си одам дома – се присетува Ерџан.
Заработените пари, вели, најмногу ги троши на храна, пијалаци, ама и за облека. Особено затоа што сака да изгледа средено и чисто. Но, и не само за себе.
– Влегувам во ресторани каде што луѓето јадат, пијат, и не е убаво да изгледам валкано. Се трудам да купам секогаш по нешто ново за да изгледам пристојно. Другите пари ги трошам за бебето, за кашички, за лекови, по нешто за Сунита. Ете, сега, неодамна ѝ купив тренерки, патики, а ми побара и фарба – се смее Ерџан.
Живее во заедница со своите родители, четворицата браќа, снаите и внуците. Вели, за лошо, за арно, тука си се, ама и дека не е секогаш лесно да си со 15 луѓе во една куќа, на едно место.
Идејата му е за кратко време да може во рамки на истата куќа да направи одделен простор за него и за неговото семејство, ама, свесен е, вели, дека и за тоа треба пари. не само желба. Една си повлекува друга.
– Сакаме да ставиме плоча, за да имаме наш простор. Се надевам дека ќе можам да го остварам тоа во иднина. Би сакал да можам да купам и автомобил, ама за тоа не можам да мислам додека не завршам училиште. Без тоа не можам да полагам. Имам и уште една желба – да отворам продавница во која ќе работи сестра ми – вели Ерџан споделувајќи ги желбите што посакува да му се остварат.
За крај, го прашувам како се чувствува како најдобар продавач за 2014 година.
– Наградите ме прават среќен, така чувствувам дека добро сум си ја завршил работата. Но, секогаш може да се биде и подобар. Како ќе чекори понатаму „Лице в лице“, така ќе чекорам и јас со него. Да не е ова списание, не знам што би правел – нагласува Ерџан на крајот од нашиот разговор.