
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ со Кристијан Марковски
Насмеаното, популарно лице
на уличното списание
Секогаш е тука да помогне, да даде поддршка,
да насмее и да орасположи. Родендените на членовите на тимот тој ги одбележува,
прво со будење во седум часот наутро, со роденденска честитка што оди во
радиоетер, а потоа со уникатен подарок, направен од вештите раце на неговата
мајка Соња. Кико е момче што се грижи, покажува внимание и постојано сака да е
во движење, да дејствува
Маја Раванска
Прв е кога треба да ве насмее, прв е да гушне и да бакне кога слуша добри
вести, прв е во реакциите кога треба да даде решение на прашања што кријат
повеќе одговори. Прв е „ да пресече“. Нашиот Кико!
Можеби бројките во однос на продажба не би го ставиле меѓу најуспешните
продавачи, но Кико е прв во многу други сегменти, кои се особено важни за
мисијата што ја има уличното списание. Секогаш е тука да помогне, да даде
поддршка, да насмее и да орасположи. Родендените на членовите на тимот тој ги
одбележува, прво со будење во седум часот наутро, со роденденска честитка што
оди во радиоетер, а потоа со уникатен подарок, направен од вештите раце на
неговата мајка Соња. Кико е момче што се грижи, покажува внимание и постојано
сака да е во движење, да дејствува.
Ѕвони телефонот во канцеларија, а од другата страна на слушалката слушаме
познат глас:
- Ќе дојдам да ви помогнам кога ќе се селите, сметајте на мене. Да дојдам утре?
Имам искуство со пакување кутии – весело прашува Кико додека сите бевме
оптоварени од стресот поради преселбата на канцелариите. По ваквиот повик,
неизбежна е насмевка кај сите.
Со мали, ситни знаци на внимание, Кико покажува и докажува колку е грижлив,
отворен да помогне и колку знае како да пристапи за „тоа што го бива“.
Свесен е дека е многу одговорна личност и тоа го истакнува кога го прашувам да
се опише себеси.
- На секој договор се појавувам 15-20 минути пред време. Тоа ме прави одговорен
човек. Не сакам да доцнам и не сакам да ме чекаат – вели тој.
Раскажува дека станал продавач на „Лице в лице“ преку неговиот ангажман како
волонтер во Црвениот крст на град Скопје.
- Ми се допаѓа оваа работа затоа што запознавам нови луѓе. Најчесто продавам по
институции, омилено ми Министерството за труд и социјална политика, а убаво
поминувам и кога ќе отидам на гости во Стопанска банка, во Црвениот крст, на
Универзитетот ФОН, како и низ локалните кафулиња во Скопје. На овие места имам
познати луѓе, мои поддржувачи, кои веруваат во ова што го работам, а со
купувањето на списанието ја поддржуваат и мисијата на „Лице в лице“ – вели
Кико.
Вели дека за неговото воспитание огромно влијание имаат мајка му Соња и брат му
Мартин.
- Тие се и многу позитивни за мојата работа со „Лице в лице“. Секогаш ме
поттикнуваат и ме поддржуваат во сите активности. Секако, јас ги
поддржувам нив. На пример, мајка ми изработува рачни уникатни слики од суво
цвеќе и ги нуди на базари и на интернет, има и своја страница на „Фејсбук“. Таа
е пензионерка, но е многу активна и ова го има како занимација што ја одмора.
Одлична е во тоа што го прави – вели Кико и скромно кажува дека можеме да
сметаме на неа доколку ни треба подарок за љубители на цвеќе и на уникатни
производи.
Иден новинар од кого ќе го купуваме „Лице в лице“
Тој завршува со студиите на Универзитетот на Југоисточна Европа, на насоката
односи со јавност. Вели дека сега ја подготвува својата дипломска работа, која
е на тема „Комуникација во бегалската криза“.
- Поминувам многу убаво време на факултет и кога ќе завршам ќе ми недостигаат
колегите, професорите и ходниците. Имавме многу добра дружба со сите.
Во септември планирам да дипломирам, темата ми е многу позната од повеќе
аспекти и верувам дека успешно ќе ја одбранам – објаснува тој.
Тој е меѓу продавачите што најредовно доаѓаат во просториите на организацијата,
речиси секој ден се јавува, чисто да нè праша како сме и секогаш, секогаш ги
знае сите актуелности. Кико има јасна визија за себе. Вели дека сака да се
вработи како новинар:
- Се гледам најмногу на телевизија, тој медиум ми е близок. Редовно следам
настани, знам што се случува во јавниот живот, секој концерт, случка, ги знам и
ги посетувам и уживам во тоа да сум информиран.
Негова омилена рубрика е шоубизнисот.
- Ги следам познатите личности во чекор уште сега. Кога ќе почнам да работам ќе
ми биде многу лесно да договорам интервјуа со познати личности и да истражувам
за нив. Редовно одам на концерти. Не можам да одвојам омилен концерт, премногу
се, а и премногу драги музичари сум видел и чул во живо, па потешко ми е да
издвојам. Да почнам од Каролина, или од Влатко, сеедно, важно е дека еднакво
сум уживал со сите нив.
Објаснува и дека не се гледа како новинар во „Лице в лице“ затоа што списанието
не ја опфаќа темата шоубизнис, а тоа е областа што најмногу го интересира:
- Доколку не планирате да ја воведете, ќе си останам вклучен како продавач – се
смее тој и продолжува:
- Така ширам познанства, се запознавам со нови луѓе, а имам и „пропусница“ кај
познатите поради списанието.
Работниот ангажман со списанието не го
спречува да биде активен и во Црвениот крст, каде што волонтер.
- Се приклучив како волонтер преку натпреварот за прва помош, а потоа почнав да
волонтирам при општинската организација Црвен крст во Чаир. Потоа се префрлив
во Клубот на млади при Црвен крст на Град Скопје и сè уште волонтирам и им
помагам на луѓе и на деца со посебни потреби. Им помагам да се релаксираат, се
дружиме, играме, пееме, со нив сум за да им го разубавам денот, да им покажам
дека насмевките се важни – вели тој.
Споделува дека многу му е драго и кога на ваквите средби доаѓаат и музичари од
„Илија Николовски - Луј“.
- Таму се секогаш кога ќе ги повикаме, многу сум им благодарен. Ја сакаме
македонската музика, јас сум пресреќен кога ги пеам песните на нашите
изведувачи, но и се веселиме на сите актуелни странски хитови.