За работа ме бива, но морам прво да го решам станбеното прашање
Продажбата на улица не му е омилена бидејќи не сака да им пристапува на луѓе што му се муртат, но затоа веднаш почнува разговор ако види дека може самиот нешто да заврши и да помогне
Отворен, точен, редовен и исполнителен за сите обврски, подготвен секогаш да ги почитува договорените задачи. Сашо Стефановски важи за еден од најодговорните продавачи на уличното списание „Лице в лице“.
Многумина го запознаа на роденденот на Општина Аеродром, а тој е и лицето што најчесто ќе го видат тие компании што ќе ги поканат на гости продавачите на нашето улично списание.
Вели дека многу тешко му оди продажбата на улица и не сака да им пристапува на луѓе што му се муртат, но затоа, веднаш почнува разговор ако види дека може самиот нешто да заврши и да помогне.
– Расипана ви е бравата, јас ќе ви ја поправам – ни рече на една од првите средби во канцеларијата на „Паблик“.
За неколку часа дојде со алат и со уште еден пријател, кој, како што кажа, „повеќе се разбира од него“ и ја завршија работата.
Неговите секојдневни посети на нашата канцеларија ни беа знак дека Саше сака да се дружи, сака да има со кого да го испие утринското кафе и да направи муабет.
Кога немаш дом не можеш да живееш нормално
– Откога знам за себе, јас сум по домови. Демир Капија, во Кондово, па во Заводот за деца и за младинци во Топанско Поле, „Ранка Милановиќ“, „25 Мај“… секаде сум бил. Не сакам да се навраќам, само ќе ви кажам дека секој би избегал од такви места – вели Саше, јасно давајќи ни на знаење дека неговото минато, иако оставило длабоки лузни, го смета за период што е зад него.
– Сега најважно ми е да го решам станбеното прашање. Како дете без родители, државата е должна да ми даде стан и тоа морам да го решам за да си го средам животот. Со работа секогаш се снаоѓам, ме бива за тоа – вели тој.
Го прашувам дали се смета за жртва на системот.
– Не знам кој е виновен, но знам дека не е во ред да се оставаат луѓето вака да се мачат. Не сум мрзлив, сакам да работам, но ете кога немаш свој дом, сенешто те спречува да живееш нормално – вели тој опфаќајќи ја суштината на бездомништвото.
Повеќе земји во светот (САД, Италија, Шпанија, Белгија, Франција…) го антиципирале ваквиот проблем и е ставена во функција програма насловена „Прво дом“, која подразбира соодветно домување за луѓе што се соочуваат со бездомништво, а потоа и вклучување на различни сервиси и услуги во насока на надминување на оваа состојба.
Саше вели дека не се чувствува како бездомник затоа што знае луѓе што се во многу полоша состојба од неговата. Вели, не сака да се жали:
– Но, морам да го решам домот. Секаде одам и прашувам. На сите им кажувам за мојот проблем, белки некој ќе е надлежен да го реши – вели тој, најавувајќи дека и денеска ќе отиде до МТСП и до Министерството за транспорт и врски за да види до каде е работата со доделувањето социјален стан, за што аплицирал минатиот месец.
Од друга страна, сфаќа дека се соочува и со сериозен проблем на бездомништво и се присетува дека му нуделе сместување во „Чичино Село“:
– Тоа беше еден период кога бев загубен, не знаев на која врата да се обратам. Ми понудија да ме сместат во „Чичино Село“ како бездомник. Не прифатив затоа што таму условите се никакви, а и веднаш ќе се укинеше паричната помош што ја добивам и која многу ми значи, особено во периоди кога не можам да поработам нешто – вели тој.
Со „Лице в лице“ учам да читам и да пишувам
Свесен дека повеќе се снаоѓа во занаети и во физичка работа, отколку во продажба, објаснува дека за него работата во „Лице в лице“ е најважна поради тоа што секој ден учи нешто ново.
– Морам да научам да читам и да пишувам. Моето образование по институциите не беше соодветно. Научив сè што треба за да можам да работам, освен да читам и да пишувам. Нè учеа да поправаме дрвенарија, прозорци, врати, многу сум добар и со електрика, па често поправам бојлери, пегли, фенови за коса и други електрични уреди. Но, не ме научија да читам и да пишувам. Сега е времето да го научам и тоа – вели тој со сериозен израз.
За неговиот работен ангажман како продавач на „Лице в лице“ објаснува дека му се допаѓа што има можност да продава на организирани продажби, но конвенционалниот начин – на улица, едноставно, не е за него.
– Има луѓе на кои не можеш да им пристапиш. Не комуницираат со нас. Јас сакам да им се обратам, ама тие ќе ме одминат, не сакат ни да ме погледнат. Тоа ми паѓа тешко и потоа цел ден ми е уништен – вели тој.
На прашањето дали оваа демотивација би го натерала да се откаже од списанието, Саше се насмевнува:
– Многупати ми дошло да се откажам, но, ќе се вратам овде, ќе испијам кафе, ќе направиме муабет со Лиде (координаторка на продавачите на списанието, н.з.) и сè е поинаку. Знам дека ова е прекрасна програма и сакам да сум дел од ова.
Додава и дека му е важно да ги спомене и пријателите Данил, Ферди и Габриел, како и поддршката од Црвениот крст, кој му ја плаќа киријата за собата во која е сместен, и од отец Оливер.
– Важно ми е да ги споменам и клучарот Шани, семејството Николовски, како и сите соседи со кои се знаеме од времето кога живеев во сместувачко семејство кај Лепосава во Дебар Маало. Бевме пет деца, а јас бев највозрасен и често и се грижев за помалите. Меѓу омилените места ми е и слаткарницата „Апче“, од мал ја паметам и таму сите ме знаат – објаснува тој.