МЕНЕ МИ ТРЕБААТ БРЗИ, ДИНАМИЧНИ СОДРЖИНИ, ИНТЕРЕСНИ. ИНАКУ НЕМАМ ИНТЕРЕС ДА ОСТАНАМ НА САЈТОТ ИЛИ ФИДОТ ШТО ГО ЛИСТАМ. А ВО УЧИЛИШТЕ, РИТАМОТ НА ПРЕДАВАЊАТА И АЛАТКИТЕ ШТО ГИ КОРИСТИМЕ СЕ РАЗЛИЧНИ ОД ТОА ШТО НИ ТРЕБА. ЈАС НА ИНТЕРНЕТ УЧАМ ЛЕКЦИИ ВО СОСЕМА ЗАДОВОЛИТЕЛЕН ОБЕМ ЗА ПЕТПАТИ ПОКРАТКО ВРЕМЕ, ОТКОЛКУ ТОА ШТО ГО ПОМИНУВАМ НА ЧАСОТ ИЛИ ПРЕД КНИГА. ЗОШТО, СЕ ПРАШУВАМ, ТОЈ ВИД ПРЕЗЕНТАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА СТАНЕ ДЕЛ ОД НАШЕТО РЕГУЛАРНО ШКОЛСТВО
Нова училишна година. И пак тоа чувство на непријатност и на разбуричканост во стомакот, пак истата неинвентивна и здодевна приказна, а, во исто време, и бескрајно стресна. Не сакам да го чувствувам како мачилиште, ама такво е чувството – некоја чудна болка, екстремно здодевни часови, седење смрзнати во клупи по 45 минути, по шест, седум, осум пати на ден. Не дека е студено, но се чувствувам како од мене да се очекува да изгледам замрзнат. Стаклен поглед, исправен ’рбет, уредно седнат, рацете на клупа. Претерувам, секако, но се чувствувам дека тоа е тоа што се бара од мене.
На некои часови, пак, ретки, до душа, професорот нема да изреагира ако свртиш два реда муабет со тој до тебе. Тоа е чудно, а вообичаено, ова е дело што врз тебе може да го навлече бесот на професорот. А ако ти се случи тоа, среќно!
Опасно е да си дете на „пик“, а повеќето од нас биле во ваква ситуација. Кога си во „избраните“ често си пред табла и слушаш лекции… Ова не го знаеш?! Како не ти е срам, ги срамиш родителите, па како не ти текнува, па ајде пробај.. Ако погрешиш. пак, ете го презривиот поглед, не ни мора ништо да каже професорот, но уште полошо од тоа што тој би го кажал се коментарите на тролачите, на тие што едвај чекаат да им се насмеат на шегите на наставниците, да дофрлат – глупав, дебил и слично…
Професори, сте се прашале ли за тежината на зборовите со кои се расфрлате? Колку и некој ученик да изгледа силен, верувајте, по вакви „пеења“ пред цел клас, носи болка колку планина.
Паметам дека срцето почнуваше да ми чука уште кога ќе ѕвонеше за тој конкретен час по предмет на професор што ми фрлил око. Знам дека сигурно ќе ме стане, и знам дека нема да имам храброст ни тоа што го знам да го кажам… за да не згрешам.. или, уште полошо, ќе запелтечам, ќе замавтам со рацете, завртам со главата лево-десно….. ќе се мразам што го правам тоа… Една глупава ситуација… Главно, резултатот од ова малтретирање е… 3:0 против самодовербата што и така тешко се гради, а ептен лесно се губи. Хм, можеби затоа што никој не нè учи како се гради, а толку многу се работи да се разниша.
Денес информациите се добиваат поинаку
Случајно, барајќи материјал за презентација за говорот на телото, наидов на текст во кој се објаснуваше дека различни луѓе ја примаат информацијата на различни начини. Така, визуелците информацијата ја примаат преку слика и тие кога зборуваат сликата што сакаат да ја доловат ја бараат со поглед горе на таванот. Кинестетичарите, пак, биле уште полоши. Веднаш се препознав. Некој ти зборува, ти ѕвериш во подот. Токму така правам и прво се чудев кога ќе ги слушнев наставниците – ало, ме слушаш ли ти воопшто? На еден метар си од мене, кого ќе го слушам, си велев, но сега ги разбирам… Дека не ме разбираат. Мене и другите кинестетичари. Да, препознав дека мене ми е потребно тоа што го слушам да го претворам во некој вид чувство, да осетам низ прсти, јас да пробам, не да ми кажуваат како треба… Татко ми, исто така, многу ми се лутеше дека се губев кога ќе почнеше од „кулина бана“ да ми разглобува за задачата… А мене, всушност, само решението ми треба. Ако ми го каже, ќе помислам и магично ми доаѓаше начинот на кој се дошло до него… Долу десно гледам за да го добијам тој филинг на искуство, некако во мир, и тогаш сум супер. Затоа и велам дека часовите ми се комплетно бескорисни. Живо малтретирање. За разлика од аудитивците. Многу им завидувам. Нив времето во училиште им е ептен корисно. Сестра ми е од оваа сорта и материјалот, главно, си го совладува во училиште. Е неа ѝ се погодил системот – еден стои и зборува, другите слушаат.
Добро што налетав на статијава зашто во еден момент си помислив дека сум шимпанзо. Добро, си реков, не е до мене.
И се прашувам, толку ли е тешко да се види дека денес, во ера на интернет, информациите се добиваат на поинаков начин. Мене ми требаат брзи, динамични содржини, интересни. Инаку немам интерес да останам на сајтот или фидот што го листам. А во училиште, ритамот на предавањата и алатките што ги користиме се различни од тоа што ни треба. Јас на интернет учам лекции во сосема задоволителен обем за петпати пократко време, отколку тоа што го поминувам на час или пред книга. Зошто, се прашувам, тој вид презентација не може да стане дел од нашето регуларно школство. Ние, по информатика, пишуваме кодови на хартија со молив, така што по физика или хемија, сигурно, не можеме да очекуваме нешто повеќе.
На почетокот на прва година сфатив дека немам друго чаре, туку морам да се претворам во бубач и оттука ми доаѓаше најголемото чувство на мачнина. Не сакам вакво учење – дремење пред книга, а не можам секогаш да најдам опции за лекциите да ги учам на интернет. Учи, учи, четворка.. Учи, учи, тројка.. И комплетно се обесхрабрив и го прашав татко ми: – „Тато, а бе ова ли е животот?“ Нешто како да му текна тогаш, се штрекна. Ама не и мајка ми. Таа си сака петки за да сум бил поконкурентен за упис на факултет.
Навистина, родителите не разбираат колкав проблем, всушност, се тие во образованието на нивните деца. Имам другари што сосема си го менуваат лицето, позата, кога ќе добијат полоша оценка. Полоша велам, не лоша, единица, двојка… Тројка – никако, им велат! Нема игри, нема одмор, нема велосипед, „Нетфликс“, што и да е… Тогаш децата стануваат раздразливи, викаат по другите деца, особено ако се посилни… Врсничко насилство, велите.. не, булингот е од родителите. Оттаму почнува тој феномен…
И така кругот се врти – лошо поставен образовен систем – незадоволни наставници, неискоординираност меѓу материјалот во основно и во средно, застарени алатки за учење, а дигитална доба е, збунети и неразбрани ученици, амбициозни родители…. и силни удари по овие збунетиве и неразбраниве.
Триаголник што задушува. Сакам слобода! Сакам да учам и сакам да знам, сакам современи алатки за учење, сакам почитување и разбирање, сакам задоволни и мотивирани професори, сакам средина што ме охрабрува!
Нека ни е среќен почетокот на новата учебна година!
(Авторот е средношколец)