Н: Најважна ми е сигурноста на моето семејство
П.Н: Друштво во продажбата му прави неговиот највозрасен син, Тунан, за кого вели дека ретко може да мирува и да седи дома. На тој начин, нивната голема фамилија има поголема поддршка во обезбедувањето дневен приход за подостоинствено секојдневие
„Шест месеци работа и веќе чувствувам големи промени… Кантите за ѓубре и собирањето отпад и шишиња – се веќе минато“.
Вака го почнува својот одговор продавачот на „Лице в лице“, Бајрам Садик, на прашањето за чувството како е да се биде во униформата на единственото улично списание во земјава и какви промени предизвикува тоа во неговиот секојдневен живот.
Бајрам има 35 години, живее во Шутка и е дел од тимот продавачи благодарение на поканата на неговиот колега и братучед Ерџан Садик, од кого, навистина, има многу да научи, особено ако се знае дека тој ја носи титулата најдобар продавач за 2015 година.
– Ерџан ме покани да се приклучам на тимот, ама долго се двоумев. Не бев сигурен дали можам да одговорам соодветно на задачата. Се покажа дека сум се мислел непотребно. Уште првиот ден успеав да продадам 50 примероци од списанието. Тоа ме охрабри и ми даде поттик да продолжам – вели Бајрам, сопруг на Алиса и татко на четири сина.
М.Н: Тој што брза, не поминува добро
Друштво во продажбата му прави неговиот највозрасен син, Тунан, за кого вели дека ретко може да мирува и да седи дома. На тој начин, пак, нивната голема фамилија има значајна поддршка во обезбедувањето дневен приход за подостоинствено секојдневие.
– Син ми продава и по 40 броја дневно. Некогаш, значи, и повеќе од мене. Засега, мислам, го држиме и рекордот на најголем број продадени примероци од „Лице в лице“ за еден ден. Од бројот посветен на темата: социјална правда продадовме дури 175 броја во само еден ден – открива Бајрам.
Убаво е, вели тој, да се има работа. Денот си има поинаква структура, а со тоа и животот.
– Откако сум со „Лице в лице“ мислам дека и повеќе се дружам, излегувам, сè некако има повеќе ред. Дури и наградите не се толку важни. Добро, сега, би сакал да го соборам сопствениот рекорд на продадени примероци, ама за тоа има време – вели тој.
И не ги крие тајните на својот успех. Напротив, ги споделува со задоволство.
– Продавам и навечер. Ќе отидам во Дебар маало на некоја забава и менаџерите ќе ги известат сите присутни, преку микрофон, дека можат да си купат и „Лице в лице“. И ќе си седнам, не брзам. Кафе, цигара, муабет… Останувам дури и до 22 часот. Треба да се поседи во локалот, да не се брза, да не се бега, затоа што ако се замине веднаш од таму – сме погрешиле, треба да почекаме и други да дојдат… Тој што се брза, не поминува добро – ми вели Бајрам.
Понекогаш, смета тој, добро е и да се направи пауза, со цел и да не им се здодее на луѓето, зaшто „сите сакаат нешто ново, а не да им се нуди иста содржина секој ден“.
М.Н: Успевам и да заштедам
Животот во Шутка, во една соба, а со четири деца, од кои најмалото има три месеци, не е лесен, ниту, пак, едноставен, ама Бајрам е сигурен дека со постојана работа може да им го обезбеди тоа што им е неопходно.
– Добро е, не ми треба не знам какво богатство, сакам да има за жената, за децата, тие да бидат задоволни, доста е. Не ми треба куќа на катови… Внимаваме и да заштедиме нешто, да ставиме настрана зашто животот со мали деца подразбира и големи потреби. Особено ако се болни. Мора човек да има за таква ситуација. Ако здравјето не е најдобро, а се нема пари – тешко е… – вели Бајрам.
За среќа, додава, има семејство што му дава сила и енергија да продолжи да се бори за секој нов ден. За нивната насмевка и среќа.
-Има луѓе ќе земат 1.000 денари денес и може да ги потрошат веднаш, на пивце или на коцка, и ќе дојдат дома без пари. Нема никакви шанси да се коцкам и да пијам. Знам дека мора да бидам одговорен кон луѓето околу мене – вели успешниот продавач на „Лице в лице“.
Неговата сопруга, Алиса, не работи. Ги чува четирите сина, (Тунан, Реџеп, Габриел и Девран) и се грижи за домаќинството. Таа е главната логистика во куќата и во домашните активности.
-Понекогаш ѝ помагам, перам теписи или варосувам, ама и тоа е само ако не сум на работа тој ден, инаку сè прави сама. За готвење не се мешам премногу. Не дека не знам да направам манџа, туку да не ја научам дека можам и тоа, па да добивам често и такви задачи. Алиса си готви најубаво – се смее Бајрам.
М.Н: Подобро образование за моите деца – подобра иднина
Викендите се, обично, резервирани за одмор и за дружба со семејството.
– Тогаш си дозволуваме и да станеме подоцна, да си поиграме. Слабост ми е Девран, најмалиот син. Нема утро без игра со него. Потоа може да дојде сè друго. Одиме во центарот на Шутка, шетаме, ќе купиме некој сендвич или тост, сок, зависи кој што ќе си побара. Потоа се враќаме дома, па може да ни дојде некој гостин, и така – вели Бајрам.
Тоа што си посакува за иднината е да има работа, а со тоа и некаква сигурност.
– Парите брзо се трошат, за заштедите да не зборувам. Би работел и нешто друго, дополнително, ако ми се укаже можност. Најважно ми е децата да се добри, семејството да е задоволно, сè друго е во втор план. Би сакал и децата добро да се школуваат зашто со тоа би пораснале и нивните шанси за вработување. Нивната сигурност – ми вели Бајрам.
Рамка: Би сакал да читам историски книги
Бајрам Садик е дел од тековните обуки што ги спроведува „Лице в лице“, во координација на Жармена Божиновска и под водство на Катерина Ангелковска, тренер со сертификат за принципи за успех според методот „Џек Кенфилд“ и основач на „Успех без граници“, како и од Јасмина Дуриќ, социјален работник и психотерапевт.
Вели дека е среќен што е дел од овие работилници и дека чувствува големи придобивки. Верува дека на ваков начин ќе може соодветно да ја коригира грешката што ја направил напуштајќи го образованието по своето четврто одделение.
– Многу сум задоволен, добиваме совети за однесувањето, пишуваме, разговараме… Силно верувам дека ќе научам и добро да читам. Потоа, мој избор ќе бидат книги што се однесуваат на некои важни историски настани – вели Бајрам.