Инклузивноста е новиот потенцијал на бизнисот да привлече и да задржи вработени
Колку како бизниси сме подготвени да го видиме потенцијалот на лица на кои што длабоко во нас им залепивме етикети на непосакувани работници, а никогаш гласно не го изговараме тоа – Роми, лица со попречености, новите млади генерации кои што сме процениле дека не знаат ништо, а бараат многу, самохраните родители, жените жртви на насилство, лицата кои што долго биле исклучени од пазарот на трудот од низа причини и сега немаат работни навики.
Климентина Илијевски
Се менува пазарот на труд, се менувaаат потребите на работниците, постои движење на работниците, се менуваат и општествата…
Во исто време недостатокот на работна сила го менува стопанството. Во моментов според податоците на Агенцијата за вработување, има 8.754 отворени работни места. Oд друга страна, имаме над 116.000 регистрирани невработени, над 30.000 приматели на социјална помош, а над 29.000 не бараат работа зашто сметаат дека нема расположливи места. Најбарани занимања се продавачи, хигиеничари, општи работници, шијачи, возачи на камион, келнери, готвачи, а најпогодени поради недостаток на работна сила се преработувачката индустрија и трговијата на големо и мало.
Проблемов нè упатува кон барање решенија. А кога бараме решенија добро е и да сме свесни што ни носат старите патерни на однесување, дали се тоа резултати какви што посакуваме и да видиме колку сме отворени за нови начини на делување. Ако контекстот во кој што функционираме можеби не можеме да го смениме, што можеме да промениме кај себеси, во сопствениот начин на делување како компании?
Сè повеќе млади не го сакаат стандардниот начин на работа од 9 до 5. Имаат поинакви вредности, не се разбираат со работодавачите. Дали треба да ги превоспитуваме? Не, треба да се прилагодиме едни на други! Инпутите што доаѓаат од таа страна носат многу, ако знаеме да ги прочитаме. Како овие информации можат да бидат корисни за нашиот бизнис? Што му треба на работникот? Дали успевам да го разберам? Какви предрасуди имам? Дали генерализирам и извртувам и колку ова е во моја корист? Какви потреби има самохраната мајка што ја вработувам? Колку моето прилагодување кон овие потреби ќе ја зголеми нејзината ефикасност?
Колку, како бизниси сме подготвени да го видиме потенцијалот на лица на кои што длабоко во нас им залепивме етикети на непосакувани работници, а никогаш гласно не го изговараме тоа – Роми, лица со попречености, новите млади генерации кои што сме процениле дека не знаат ништо, а бараат многу, самохраните родители, жените жртви на насилство, лицата кои што долго биле исклучени од пазарот на трудот од низа причини и сега немаат работни навики.
Точно е дека повеќето од овие лица тешко се задржуваат на пазарот на труд. Зошто? Првенствено поради залепените етикети што подразбираат и несвесни предрасуди во нивната околина. И често знаеме да кажеме – не, ние немаме проблем со овие луѓе, ама нив едноставно не ги бива, не можат да се вклопат, проблематични се, отсуствуваат од работа, не се снаоѓаат.
Не можеме да прескокнеме преку тоа дека долгото отсуство од пазарот на труд, ги прави овие лица поразлични, дека им е потребно време за адаптација, дека им е потребно менторство, надворешно – од социјален ментор и внатрешно, од ментор за професионална интеграција на работното место. И за ова постои програма за работна интеграција преку социјално менторство што ги подготвува овие лица за пазарот на труд.
Но, ова не е доволно. Како што треба да бидат подготвени индивидуалците за влез на пазарот на труд, така треба да бидат подготвени и бизнисите како да креираат инклузивна работна култура. Ова не подразбира само отвореност за вработување различности, туку и внатрешно делување, трансформација на културата, која што на долг рок носи значаен бенефит за бизнисот што подразбира и зголемување на добивката.
Оваа трансформација е процес кој започнува тогаш кога бизнис лидерот ќе ја разбере вредноста од градење инклузивна работна култура и ќе се отвори за промени за менување на старите патерни. Ова значи и промена во системот и лични промени кај менаџментот и кај сите вработени, зашто инклузивната култура ја градиме сите ние кои што сме дел од еден работен колектив. И промената е пред сè лична, а се одразува на целиот систем. Какви резултати носи? Помотивирани и посреќни вработени кои што чувствуваат припадност во колективот и го користат својот максимален потенцијал со што се зголемува и ефикасноста на бизнисот, како и неговата добивка.
Инклузивноста и инклузивните работни места се новиот потенцијал на бизнисот да привлекува и да задржува вработени и новиот потенцијал што ќе го овозможува неговиот развој.
(Авторката е извршна директорка на „Паблик“, и еден од креаторите на програмата ‘социјално менторство’)