Ајвар, феферонки и „Лице в лице“
Вели дека продажбата ја прави среќна зашто ѝ нуди можност да излезе во град и да разговара со многу луѓе, а ѝ овозможува и да си купи сѐ што ѝ е потребно
Маја Раванска
Ајвар, феферонки и „Лице в лице“. Оваа есен тоа се трите главни задолженија и уживања на Ката Велкова, продавачка на нашето улично списание од „Порака Неготино“ – Волково.
Веселата жена, која често го продава списанието заедно со продавачките Горде, Анабела и Пепи, вели дека периодов е многу зафатена.
– Одморот ми помина, бев во Охрид и сега е време да се фатиме за работа. Правиме зимница и многу сме вредни сите. Подготвуваме ајвар, лутеница, пинџур, руска салата, жива туршија, а сиот зеленчук е од нашата бавча – гордо објаснува Кате.
Бавчата, во која секој жител на куќата во која живее Кате дал свој придонес, заедно со вработените на „Порака“, е богата со разновиден зеленчук, па затоа и сега имаат што да соберат за зимница.
„Лице в лице“ е за сите луѓе што сакаат убави теми
Во заедничката куќа во која живеат откако се деинституционализирани од Специјалниот завод во Демир Капија, заедно со повеќе корисници на „Порака Неготино“, секој си има своја обврска во која, навистина, ужива. Кате раскажува дека сите си помагаат меѓусебно.
– Многу ни е убаво – вели пивнувајќи кафе. – Си се дружиме, си работиме заедно, си помагаме, не сме сами – вели таа.
Не пропушта да ги спомене Весна, Маца, Горде, Анабелче, Пепи, како и нејзиниот брат Младен.
– Со сите се дружам. Уживам кога во ГТЦ го продаваме „Лице в лице“. Најмногу ни купуваат млади луѓе и тие сè знаат што пишува во списанието, повеќе од нас – вели Кате и се смее со својата карактеристична, заразна насмевка.
На прашањето, како може читателите да знаат што пишува во списанието повеќе од самите продавачи, мудро одговара:
– За нив си е списанието, тие да го купуваат зашто нив ги интересираат тие сите најубави теми.
Таа признава дека не го чита списанието затоа што, за жал, не може да чита, па кога нешто ја интересира, ги замолува Горде или Анабела да ѝ прочитаат. Вели дека продажбата ја прави среќна затоа што разговара со многу луѓе, излегува во град и има пари за да си купи „сè што ќе посака“. А нејзиното „што ќе посака“ е навистина скромно:
– Сега ми требаат повеќе чифта нови чорапи. Не можам повеќе да сум боса во сандали, залади многу.
Бруно е најдобриот пријател на Кате
Кате важи за многу комуникативна и весела жена, која ужива во прошетки. Ја прашувам со кого уште се дружи, а таа ми одговара:
– Со Бруно, тој ми е многу добар пријател.
Бидејќи до тогаш немав чуено дека во заедницата во Волково живее и Бруно, ја прашав од каде го запознала Бруно, каде се дружат.
– Јас и Весна го шетаме низ Волково и му даваме да јаде. Многу добро куче е и повеќе тој нè чува нас, отколку што ние го чуваме него – ми одговара таа откако сфати дека јас не претпоставив дека станува збор за „најдобриот пријател на човекот“, а не за некој нов пријател на Кате.
Петок е, па Кате објаснува дека имаат гравче за ручек, а таа му помагала на готвачот да го направи.
– Не знам да зготвам грав, но можам да помагам. Најубаво ми е кога го јадам со феферонки. Сите јадења се поубави со лути феферончиња – вели Кате.
Кристина Николовска, која сите ја викаат Кика и која работи со нив, ми објаснува дека сите корисници обожаваат да јадат луто и уживаат во феферонките, кои самите ги подготвуваат. За тоа дека се вредни, сведочи и Кика:
– Не можам да добројам што сè правиме и ќе направиме за зимница. Сиот зеленчук од бавчата го складираме или правиме туршија, како и сос од домати, а од брашното направивме јуфки и тарана. Во куќава во Волково живеат 38 луѓе и за сите нив мора да има богата и избалансирана исхрана за зимата што доаѓа – вели таа.
Ги оставаме Кате и сите нејзини пријатели да го довршат вкусното гравче за ручек и да уживаат во лутиот вкус на феферонките.
Доколку сакате да ја пресретнете Кате и да ја прашате за некој рецепт за зимница, ќе ја најдете во ГТЦ или на плоштад „Македонија“, нејзините омилени места за прошетка и за продажба на уличното списание.