Срдечна дружина на улиците на Неготино
Срдечна дружина на улиците на Неготино
Кога се договаравме кој од нив да претставиме во овој број, сфативме дека имаме компликувана задача. Тие заедно излегуваат да го продаваат „Лице в лице“ низ Неготино, па затоа ги претставуваме како тим
Ќе се пофалиме дека нè има во списанието, на сите ќе им кажеме, вели гордо Верче, продавачка на „Лице в лице“ од Неготино. Сместена во станбена единица на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“ – Неготино, таа, заедно со уште неколку кориснички и корисници, е дел од продавачите на уличното списание во овој дел на земјава.
Кога се договаравме кој од нив да претставиме во овој број, сфативме дека имаме компликувана задача. Тие заедно излегуваат да го продаваат „Лице в лице“ низ Неготино, па затоа ги претставуваме како тим.
Верче, Марина и Севда се пријателки. Живеат во различни станбени заедници за организирано живеење во Неготино, но ги поврзува продажбата на „Лице в лице“.
Срдечна, весела и муабетчика, Верче ја знае цело Неготино. Вели дека многу сака да го продава списанието затоа што така се дружи со граѓаните, шета низ градот и ужива во контактите со луѓето. Има 38 години и живее заедно со свои пријатели од „Порака Неготино“ во станбената заедница на здружението.
Со процесот на деинституционализација, кој од 2008 година го менаџира „Порака Неготино“, во партнерство со Министерство за труд и за социјална политика, Верче дошла од Специјалниот завод „Демир Капија“ во Неготино, по што нејзиниот живот се сменил комплетно. Таа објаснува дека и во Демир Капија имала ангажман, шиела алишта и чаршафи.
– Но, не ми беше убаво. Тука ме донесоа директорката Гордана, Валето и Душанка и сега ми е супер, ми годи – вели таа.
Токму слободата и дружењата многу придонеле овие лица да можат полесно да се вклучат и интегрираат во општеството.
– Овде можам да шетам, да пазарувам. Многу сакам да се шетам, сите ме знаат во градот. Ми даваат подароци, си купувам и самата по нешто. Освен со корисниците, многу се дружиме и со соседите Костадинка и Ненад, со нивните две дечиња Кристијан и Ивана – вели таа.
Додава и дека понекогаш го подготвува појадокот заедно со Радица и со Кика, а задолжена е и за набавки за заедницата.
– Многу ми е убаво. Се дружам со сите, а особено со Стојне, Севда, Марина, Кика. Ќе одиме и на одмор. Многу се дружам и со Стојне – вели Верче, настојувајќи да не пропушти да спомене некого.
За разлика од Верче, Марина и Севда се посрамежливи и потивки, но и тие уживаат во тоа што го имаат како живот во заедниците во Неготино. Марина Анакиева доаѓа од Заводот за рехабилитација на деца и на младинци „Топанско Поле“.
Таа има две мали деца, Кристијан и Баже, кои ги чува свекрвата Снежана.
– Тие живеат во Виница, а јас често ги посетувам, секој месец. Парите што ги заработувам од списанието си ги чувам за нив. Им купувам алишта, храна, играчки – вели Марина.
Вели дека ѝ недостигаат, но дека е задоволна што во Неготино врши работа што е важна за неа и за корисниците, помага и се дружи.
– Многу сакам да работам и земјоделство, градинарство. Во дворот често копам и садам цвеќиња, а уживам и кога се грижам за пиперките и за доматите – објаснува Марина, прашана за тоа како ѝ поминува денот.
Севда Ибраимова, исто така, доаѓа од Заводот за рехабилитација на деца и на младинци „Топанско Поле“. Срамежливо одговара на прашања и прво што кажа е дека многу сака да црта. Во Дневниот центар во Неготино научила многу работи, а најомилено ѝ е цртањето на стакло и на свеќи. И таа, како и Верче и Марина, е задолжена за набавките во својата заедница.
– Пазарувам за сите корисници и водам сметка да има доволно зеленчук и овошје. Јас сум задолжена за салатите, а правам и убаво кафе – вели Севда.
Таа објаснува дека во институцијата во која била претходно работела во кујна и во пералницата и нагласува дека многу ѝ недостигаат другарките од Топанско. За среќа, и во Неготино си нашла добри пријатели.
– Се дружам со сите, а најмногу со Кика. Вредна сум и освен што го продавам списанието, ги полевам цвеќињата секое утро, се грижам собите да се чисти и средуваме, заедно со Лазето, Маринчето и со Борче.
Верче, Марина и Севда објаснуваат дека продажбата на списанието им оди одлично и дека уживаат во тоа:
– Многу лесно продавам. Одам во дуќаните, таму најмногу ми купуваат. Јас им кажувам дека е убаво списание и дека е добро за нас корисниците од „Порака Неготино“ и сите ми купуваат – вели Марина.
Севда, пак, додава дека таа најчесто сака да продава во кафулињата и во рестораните, како и во продавниците каде што има алишта.
– Собрав многу пари. Си купувам алиштенца, сега сакам и сандали да си купам. Најубаво ми е и кога ќе си земам бурек со месо и јогуртче, или ѓеврек, сендвич со парите – вели Верче.
Прашани за нивните најголеми желби, одговараат едноставно – да се дружиме, да шетаме, да патуваме, а Марина додава:
– Најголема желба ми е да работам ама да не се нервирам. Секогаш за глупости се нервирам.