„Лице в лице“ го поттикнува дијалогот, создава соработки, мрежи и преку заеднички акции ги поврзува активистите, граѓанското општество, интелектуалците, уметниците, академската јавност, професионалците, граѓаните, претприемачите, бизнисите, институциите... Ги поврзува сите на кои им значат промените, на кои им се важни другите – во насока на создавање здрава животна средина, одржлив развој, урамнотежен однос на општеството и на економијата, дестигматизација и на демаргинализација на групите, поединците, ставовите и на идеите…
Така, „Лице в лице“ е оригинална платформа за одржлив развој која промовира нови идеи, со сите и за сите кои не бегаат од стварноста, кои се загрижени за иднината и кои се подготвени да направат нешто денес!
„Лице в лице“ е и алатка, која, креативноста ја става во служба на општествени промени, дава конкретни резултати, нуди решенија на планот на економската и општествена вклученост и засилување на најранливите сограѓани, промовира одржлив развој и се држи до принципот „Leave no one behind“.
Цели:
1. Нудење практични решенија за намалување на сиромаштијата, за поголемо вработување и за ублажување на социјалната и културна исклученост, за создавање услови и давање можности маргинализираните групи легално да остваруваат приходи, за вработување и поттикнување специфични и применливи знаења и вештини, односно за општествена и економска вклученост.
2. Преку задвижување и редовно издавање независно списание, „Лице в лице“ ја збогатува домашната медиумска сцена со висококвалитетен, единствен тип издание, наменет на целата читателска публика, а со силно активистичко насочување, изразена социјална чувствителност, грижа за зачувување на животната средина, за различностите, со отвореност за новото, поинаквото, алтернативното и за маргинализираното.
3. Поттикнување соработки, неформални мрежи, здружувања и заеднички делувања на различни чинители - од поединци, преку неформални групи, здруженија на гражани, до бизниси и институции.
Покрај социјалната кохезија, поврзувањето и интегрирањето на маргинализираните групи и поединци во групите и со општеството во целина, оваа иницијатива во себе обединува уште неколку цели:
- Поттикнување и поддршка на екосисстемот на социјално претприемаштво и социјална економија: зацврстување, застапување, промоирање и популаризација на концептот за социјално претприемаштво;
- култура за промени: испитување практични решенија преку кои културно-медиумската продукција може да придонесе за ублажување на наведените проблеми и за отворање нови економски потенцијали;
- платформа за одржлив развој и за активизам: демократизација и плурализација на медиумската понуда, афирмација на вредноста на цивилното општество, здружување на граѓанското општество, solution journalism;
- марка на подобро општество: создавање марка (бренд) на платформа за одржлив развој која поврзува и дејствува во името на сите тие на кои им е важно и кои сакаат да направат нешто – денес!