#47 Лице в лице – дигитално издание
100 ден
Лице в лице број 47: Вистината е еднина, лажните вести се множина! Лагата веќе го обиколува светот, додека вистината ги обува чевлите.
Овој број на „Лице в лице“ е посветен на справување со лажни вести, дезинформации и говор на омраза. Зборуваме за свеста за заканата што ни доаѓа од забавните и оттаму, навидум, пријателски содржини на кои секој ден се изложуваме. Закани што нè покануваат да го активираме алармот на свесниот граѓанин што се грижи за својата „дигитална добросостојба“, тој што знае да ги користи и да ги владее новите технологии за тие да не завладеат со него, а со тоа и со иднината на општеството и на планетата.
Објавуваме содржини за тоа каков говор употребуваме, кога се обраќаме или зборуваме за луѓе со попреченост, за луѓе со покачена телесна тежина, за тоа колку лесно потпаѓаме на дезинформации, но, и за тоа колку е важно да сме свесни и совесни за да ги надминеме овие елементи.
Купувајќи „Лице в лице“ им помагате на многумина. Читајќи „Лице в лице“ си помагате себе си!
Лице в лице број 47: Вистината е еднина, лажните вести се множина! Лагата веќе го обиколува светот, додека вистината ги обува чевлите.
Издвоена содржина:
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ ТЕМА: ВИСТИНАТА Е ЕДНИНА, ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ СЕ МНОЖИНА!
Граѓаните треба да имаат вештини да ја препознаат и разобличат нарацијата што содржи говор на омраза, предрасуди и стереотипи, без оглед на тоа кон кого е насочена, и да не учествуваат во одобрување, коментирање или споделување вакви содржини на социјалните мрежи. Децата уште од најрана возраст треба да учат за различностите во општеството, за прифаќање на другите, кои не се исти или слични на нив, да ги вградат овие принципи во својот вредносен систем, вели Весна Никодиновска, раководителката на проекти во Македонскиот институт за медиуми
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ ТЕМА: НА ХАРТИЈА ВО ЗАТВОР, ВО ПРАКТИКА – НОРМАЛНО
Да се освестиме самите ние, кои термини ги користиме кога разговараме со роднини и пријатели, но и со луѓе што не ги познаваме. Ненормален, ретардиран, идиот, се термини што непосредно се однесуваат на лицата со попреченост. Најверојатно се произлезени од нашиот разговорен јазик и се останати како едно негативно наследство, но се многу длабоки и носат далекосежни последици – вели Анита Гагоска, секретар на „Порака Нова“ од Струга
ОДГОВОРНА ИДНИНА: ДА ПЛИВАМЕ НАСПРОТИ КОНСУ МЕРИСТИЧКИТЕ СТРУИ
Ако продолжиме со овој брз начин на живот, без да обрнеме внимание на тоа што е најважно, ќе ни требаат две и пол Земји за да опстанеме наредните години. Ако не преземеме нешто денес, за некоја година ќе ни биде веќе предоцна
ГЕНЕРАЦИЈА Z: ВОЛОНТЕРСКАТА РАБОТА НЕ Е САМО ЧИСТЕЊЕ И КОВАЊЕ ШАЈКИ
Сѐ уште се сеќавам на првото влегување во Куршумли ан, состојбата во која беше оставен и идејата за тоа како треба да изгледа просторот во рок од четири-пет дена. Магијата почнува со запознавањето на сите други волонтери и на екипата од фестивалот. Работата е секогаш многу полесна со добро друштво, добра екипа, која најчесто е со многу сличен поглед на светот како тебе
МИНИСТЕРСТВО ЗА ХРАНА: ВКУСЕН И ЗДРАВ ЗАЛАК – ОД СЕМЕ ДО ТРПЕЗА
Иако Демир Хисар е мало место за живеење, приказната за „Моја бавча“ го прави посебно привлечно како туристичкото искуство и доживување. Сите леи во оваа бавча, длабоко во себе, носат вкусни рецепти од демирхисарските мајки и баби, кои, на свој начин, му даваат посебен белег на местото, кое вообичаено ни е познато само како богат извор на железна руда.