Јубилејното, 50-то издание на „Лице в лице“ е посветено на темата создавање услови за инклузивни работни места.
Ова издание се фокусира на улогата на претпријатијата што се двигатели на промени, кои се стремат кон одржливо лидерство, кои ја разбираат улогата на бизнисот во создавањето подобро општество, претпријатијата што применуваат професионално менторство за кое зборуваме низ страниците на овој број.
дизајн: „Контура“
Купувајќи „Лице в лице“ им помагате на многумина. Читајќи „Лице в лице“ си помагате себе си!
Издвоена содржина:
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ ПРОДАВАЧИ – МАТЕМАТИЧАРИ ИЛИ ПЕЈАЧИ – „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ Е ТУКА ДА БИДЕ ОТСКОЧНАТА ШТИЦА ЗА СИТЕ
Гордо на засилениот тим продавач(к)и, како и на солидарната и пријателска атмосфера кај нив, „Лице в лице“ го издава 50. издание со верба во подобро и поинклузивно општество.
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ ТЕМА – ИНКЛУЗИВНИ РАБОТНИ МЕСТА ЗА ПОДОБРА ИДНИНА НА БИЗНИСИТЕ
Значителен потенцијал на работна сила се губи поради отсуството на поддршка во процесот на работна интеграција, а, од друга страна, претпријатијата се соочуваат со недостиг од работна сила што им ги нарушува работните процеси и ги присилува да го намалат производството. Разбирањето на потребите, навиките на ранливите лица што потешко можат да се вработат и фокусот на нивно приспособување и поддршка преку социјално менторство (менторство при работна интеграција) придонесува тие да прераснат во стабилна работна сила, која станува корисна и за себе и за бизнисот во кој се случило вработувањето, и за околината и за општеството.
ИНТЕРВЈУ – САНДРА КРСТЕВСКА-САРЕВСКА, СОЦИЈАЛНА МЕНТОРКА: СОЦИЈАЛНОТО МЕНТОРСТВО ГО НАДМИНУВА ЈАЗОТ МЕЃУ РАБОТНИКОТ И РАБОТОДАВЕЦОТ
Лицата со кои се работи секојдневно издвојуваат нови победи во својот живот. Успешно се грижат за своите деца, одат на работа, ги завршуваат своите работни задачи, се дружат со колегите од работа, го споделуваат својот живот и со други луѓе, освен со домашните. Гледаат и други проблеми со кои се соочуваат колегите од нивната околина, ја гледаат убавата страна на животот. Имаат чувство на исполнетост кога ќе им легне платата на сметка, тоа е нивни личен труд
ЗОШТО ЖЕНИТЕ ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО СЕ ВРАЌААТ КАЈ НАСИЛНИКОТ?
За жената, конечно, да реши да проговори, да го пријави, да го остави и да не му се врати на насилникот, клучна е вистинската и навремена информираност за нејзините права, но, секако, и довербата во институциите. Важно е да ја познава законската рамка, но и динамиката на насилство. Што и да реши да преземе треба да биде сигурна дека има поддршка од некого.
„МАМА ОРГАНА“: БИООТПАД ШТО СОЗДАВА ВРЕДНОСТИ, ЧИСТ ГРАД И РАБОТНИ МЕСТА
Како основа за производство на нашите производи употребуваме биоотпад, односно отпад од храна и отпад од зеленило, кој се создава од одржување на јавните зелени површини и паркови. Во процесите и активностите создаваме работни места за самохрани мајки, вели Наталија Бургиева, основачка на „Мама органа“