Eтички насоки за креирање содржини
Почитувани пријатели на Платформата за одржлив развој, во чии рамки го креираме уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, драго ни е што со вашиот авторски придонес станувате дел од мисијата со која, заеднички ја движиме промената кон подобро, поинклузивно и поодржливо општество.
Вашиот влог во содржината е особено важен аспект на концептот на „Лице в лице“, кој опфаќа и отворена платформа за освестени професионалци кои наоѓаат интерес, својата идеја, искуство, експертиза, знаење и можност, да ги претстават на јавноста, преку уличното списание.
„Лице в лице“ одвојува простор за содржина која опфаќа визионерски идеи, добри практики и искуства кои ги таргетираат Целите за одржлив развој, но, и соржини кои отвораат прашања од поинаков агол, кои нудат иновативни решенија на горливи предизвици на денешницата, како и приказни кои инспирираат и поттикнуваат на активност.
Со овие појаснувања, придонесуваме кон јасна комуникација за нашите очекувања, вклучително и правото да ја уредуваме или отстрануваме содржината кога е потребно, за да обезбедиме доверба и да поттикнеме позитивни односи со соработниците, авторите и нашата публика.
Етика, недискриминација и содржина која промовира инклузија
Содржините на „Лице в лице“ се залагаат за демаргинализација на групи, поединци, идеи, социјална инклузија, зачувување на здрава и одржлива животна (физичка и ментална) средина, родова еднаквост, афирмација на јавните простори и јавниот интерес.
Меѓу содржините ќе најдете приказни за луѓе, случувања, акции, уметнички дела, идеи, научни откритија, чија заедничка нишка е активистичкото, инклузивното, и напорите да се постигнат добри резултати.
Етичноста при известувањето за ранливите сограѓани и етичноста како принцип воопшто, е основниот принцип на делувањето на „Лице в лице“.
Содржините кои се однесуваат на ранливите луѓе, вклучително и деца, млади, поминуваат низ процес на согласност со истите тие луѓе, и/или со согласност од нивни родители/старатели. Во голем дел од случаите, објавуваме анонимни сведоштва, искуства и изјави.
Со ова, го поддржуваме интегритетот и правичноста кога известуваме за луѓето кои нашето општество ги оставило на маргините. Секоја содржина го почитува и начелото на заштита на лични податоци, заштита на идентитет на жртва, ранливо лице итн.
Начелото на недискриминација го нагласува императивот да се застапуваат сите поединци и заедници со правичност и без предрасуди.
Нашата новинарска етика се заснова на одговорно известување за фактите, обезбедувајќи точност, објективност и почитување на различните перспективи.
Преку содржините на „Лице в лице“, делуваме во насока на борбата против дезинформациите и говорот на омраза, давајќи им приоритет на позитивните приказни кои носат решенија. Нашите приказни не се „брзи вести“ или пак „кликбејт“ содржини.
Секоја информација е внимателно и одмерено пласирана, имајќи ги предвид чувствата и реакциите на засегнатите страни.
„Лице в лице“ нема да објави содржина која повикува на насилство, или екстремизам од било каков вид. При креирање на содржините на „Лице в лице“ ги почитуваме елементите кои вклучуваат активно спротиставување на дезинформациите, говорот на омраза, лажни вести.
Родовата еднаквост е суштински аспект на нашата медиумска етика, барајќи правична застапеност и можности за жените и маргинализираните родови идентитети. Нашиот одговор на родовата пристрасност вклучува промовирање на различни гласови, предизвикување стереотипи и поттикнување на инклузивни приказни, каде што поединците, како херои на нашите содржини, можат да придонесат и да напредуваат.
Со придржување до принципите на етика, недискриминација и родова еднаквост, „Лице в лице“ е препознаено како витална платформа за поттикнување инклузивен, информиран дискурс, промовирање социјална правда и унапредување на демократските вредности.
Сакате да пишувате за Платформата за одржлив развој „Лице в лице“?
Креирањето на новинарска и авторска содржина на платформата „Лице в лице“ се заснова на етички новинарски принципи, преку консултирање на извори од барем две засегнати страни, како и независни извори. Сите податоци кои се изнесуваат во содржините, треба да бидат јасно и прецизно атрибуирани. Податоците, статистиките и бројките кои ги објавуваме во склоп на новинарските и авторските содржини, треба да водат кон релевантен и проверен извор на информации. Вклучуваме различни гласови, вклучително и анализи и ставови на експерти, официјални изјави и податоци од различни институции, кои се соодветно атрибуирани.
Целата е да се обезбеди точност на информациите и да се појаснат различните перспективи.
Креаторите на содржини и новинарите кои се вклучени во нашите содржини треба да презентираат сеопфатен поглед на настаните, темите и прашањата, минимизирајќи ја пристрасноста и зголемувајќи го кредибилитетот. Овој пристап не само што ја поттикнува транспарентноста, туку и им овозможува на читателите да формираат поинформирано мислење врз основа на мноштво гледишта и го поттикнува нивното критичко размислување.
Повеќе за овој сегмент, прочитајте во нашите ЗАЛОЖБИ, на овој линк
Во еден сегмент од содржините, „Лице в лице“ објавува содржини кои ги добиваме од нашата публика.
Најчесто, содржините ги добиваме преку сегментот на нашиот веб сајт кој е насловен Вклучи се (линк овде). Ваквите содржини (текст, видео, фотографии итн.) најчесто не се креирани од професионалци во медиумската сфера и ги објавуваме во сегментот Блог. Доколку одлучи да ги објави, „Лице в лице“ обезбедува процес на верификација за да ја одржиме точноста и кредибилитетот. Ова, пред сè вклучува обезбедување усогласеност со нашите етички стандарди, како и уредничка поддршка. Во сите содржини од надворешни лица, се назначува авторот, но и се дава краток опис/атрибуција на позадината на авторот на таа содржина.
Форматот на овој сегмент е Авторот е…… Повеќе детали во сегментот основни параметри подолу од овој документ.
Toчност, доверливост и непристрасност
„Лице в лице“ внимателно уредува содржини на одговорен начин, со добивање согласност за објавување, соодветно давајќи заслуга на авторот, како и на цитираните ставови, изјави, документи. Не поддржуваме и нема да објавиме материјал кој се заснова на омраза од било каков вид, клеветење, ниту пак неосновани тврдења кои можат да навредат или да понижат некоја личност, идеја, заложба.
Доколку настане превид, „Лице в лице“ ќе ја отстрани несоодветната содржина, вклучително текст, фотографии, податоци, коментари итн. и ќе објави извинување за настанатата грешка.
Доколку имате жалба за некоја објава, било во печатеното издание на „Лице в лице“, или пак на содржините на веб сајтот, ве молиме да нè контактирате на следниов мејл [email protected].
Уредник на „Лице в лице“ ќе одговори на вашето барање и ќе постапи според етичките принципи кои ги појаснуваме подолу:
Нашиот медиум одржува внатрешни уредувачки правила и систематски процес за да се осигури дека целата содржина која ја објавува е точна, веродостојна и усогласена со етичноста на медиумот и не упатува кон пристрасност. Овој процес вклучува уреднички инпути на содржината пред да се објави, нејзина верификација, проверка на фактите, назначување на изворите и јасно разграничување на уредувачките улоги. Со овие елементи, „Лице в лице“ обезбедува надзор и одговорност.
Уредничкиот надзор се однесува на прегледување на содржината во различни фази на продукција, како и осигурување дека ги исполнува највисоките стандарди за интегритет, точност и непристрасност пред објавувањето.
Доколку уредничкиот тим на „Лице в лице“ добие жалба за некоја содржина, ќе постапи веднаш по неа, а најдоцна во рок од една недела.
„Лице в лице“ не објавува рекламна содржина во склоп на авторски текст.
Делот за адвертајзингот е означен како Одговорно рекламирање и тоа подлежи на сегментот кој е опфатен во официјалниот ценовник и маркетинг понуда. Затоа, во авторските текстови нема да објавиме донатори, поддржувачи на проекти и иницијативи, практики на фирми и компании во насока на нивно маркетирање. Она што е соодветна содржина во оваа насока, се резултатите и импактот од одделни проекти и иницијативи.
Конфликт на интерес
„Лице в лице“, како дел од Здружението на граѓани „Паблик“, се придржува до внатрешната политика на организацијата, која се однесува на заштита од конфликт на интерес, било да е вистински, потенцијален или воочен, и/или поврзан со било какви политички, бизнис или лични интереси.
Почитување на договорен рок
Ве молиме да го почитувате договорениот рок за поднесување на текстот, содржините и останатите материјали. Во случај да не можете да го испочитувате рокот, замолуваме за навремено информирање на уредникот кој ве контактирал.
ОСНОВНИ ПАРАМЕТРИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ИМАТЕ НА УМ ВО ВРСКА СО ТЕКСТОТ
Форматирање на текстот
Главниот текст треба да е напишан во фонт Calibri 11 и да е меѓу 800 и 1000 зборови.
Ве молиме користете македонска поддршка.
Цитати, изјави
Доколку во текстот користите придружни цитати или изјави, наведете го авторот веднаш по наведениот цитат. При користење изјави од луѓе кои се клучни за текстот, наведете ги со име и презиме и со професија/занимање кој е клучен за контекстот за кој ги консултирате.
Содржина на текстот
ПРВ ДЕЛ
Почнете со главниот аспект / предизвикот за кој што зборувате во текстот. Опишете го во неколку реченици. Доколку користите изјави / цитати, можете да ги внесете како поткрепа на воведниот дел.
ВТОР ДЕЛ
Овде влегувате во поширока елаборација на проблемот, контекстот, причините, последиците, односно ги опфаќате сите аспекти што сметата дека се релевантни за предизвикот за кој што пишувате.
Потоа, може да опфатите и аспекти кои се однесуваат на главниот предизвик, но и кои го дообјаснуваат, му даваат контекст, го појаснуваат.
ТРЕТ ДЕЛ
Објаснете и за решенијата, добрите практики од светот (со наратив и / или со изјави/цитати).
Дополнителни материјали поврзани со текстот
Доколку имате фотографии, илустрации, инфографици или друг тип визуелна содржина која е компатибилна со текстот, ве молиме да ги испратите како посебни документи, во истиот мејл со испраќањето на текстот. Ве молиме да не ги внесувате овие материјали во ворд документот.
Особено е важно да бидат со висока резолуција за да се соодветни за печат (фотографии со минимална резолуција од 3200 x 2400 пиксели и 300 dpi) и да имате дозвола од авторите на овие материјали за нивно објавување во „Лице в лице“.
„Лице в лице“ ќе ги наведе авторите и изворите на ваквите содржини/материјали, и тие ќе бидат соодветно атрибуирани во медиумот – во печатеното издание и на веб сајтот.
Автор (внесете име и презиме)
Авторот е (внесете како да ве атрибуираме, професија / занимање, позиција)
Наднаслов, наслов, поднаслов и меѓунаслови (авторот дава предлог, уредникот е одговорен за финалната форма)
НАПОМЕНА
Уредничкиот тим на „Лице в лице“ го задржува правото за уредување на текстот. Во некои случаи ќе бидат направени интервенции кои ќе бидат посочени кај авторите, но, таквите интервенции нема да ја менуваат суштината на текстот. Доколку е потребно, уредничкиот тим ќе побара доработка на текстот кај авторите, со цел појасно да се пренесе главната идеја која треба да стигне до публиката на списанието.
Редакцијата на „Лице в лице“ не секогаш целосно се согласува со ставовите изнесени во списанието.
Тие се одговорност на самите автори.
Текстови, графички прикази, илустрации, фотографии и друг материјал создадени за потребите на списанието, можат да се редистрибуираат и изложуваат единствено со претходна согласност на издавачот и со негово атрибуирање.
Вашите текстови испраќајте ги на мејлот [email protected], или на мејлот на уредникот кој ве контактирал.
Ви благодариме!