Списание по списание - куќа
Списание по списание - куќаЗа него лани пишувавме дека е „од тие луѓе што успеваат во животот“. По помалку од една година, Тунан Садик успева да обезбеди поубаво место за живеење за себе и за сите дома
Маја Раванска
Момче на 17 години целосно го реновираше својот дом во кој живее со своето седумчлено семејство. Тунан Садик е еден од најуспешните продавачи на „Лице в лице“, а продажбата на списанието му овозможи да создаде поубави услови за живот за себе и за своите најблиски. Можеби ви раскажувал за ова, но многу поверојатно е дека само ви го понудил списанието насмевнувајќи се и освојувајќи ве со својата непосредност, мангуплак, но и учтивост. За него лани пишувавме дека е „од тие луѓе што успеваат во животот“. По помалку од една година, Тунан Садик успева да обезбеди поубаво место за живеење за себе и за своите тројца помали браќа Реџеп, Габриел и Дебран, мајка му Алиса, татко му Бајрам и дедо му Реџеп. Иако повремено, како продавач на списанието работи и татко му, Бајрам, Тунан е главниот човек што носи приход во семејството.
- Секој ден излегувам и продавам. Уживам во оваа работа, не ни забележувам дека сум на работа, толку ми е убаво. Излегувам од дома и правец – Дебар маало. Таму ми се другарите и другарките, поради нив имам голем успех – вели Тунан.
Тој објаснува дека дури се чувствува како популарна личност со која луѓето сакаат да комуницираат:
- Си имам муабет со сите. Се шегуваме, ме викаат брат, братучед... Убаво ми е во друштво на сите тие луѓе, се чувствувам како да сум познат. Знам дека ме почитуваат и ме поддржуваат затоа што сум вреден и дека, навистина, многу работам.