Матичниот број ме оддалечува од сонот да станам готвач
ЛИЦЕ
В ЛИЦЕ СО ВАЛЕНТИН РАКИП
Матичниот број ме оддалечува од сонот да станам готвачЈас сум од тие деца-фантоми што ги викаат. Неубаво чувство, гадно
дури. Како да не постојам. Ако не ми извадат матичен број, нема да можам
ни да се запишам во средно, а нема да можам ни да станам готвач – вели Валентин,
свесен за причинско-последичните врски на нефункционирањето на системот,
кој треба да му ги овозможи основните човекови права
Маја Раванска
Со јасна визија за својата идна професија, вреден и скромен. Седумнаесетгодишниот
Валентин е продавач на „Лице в лице“ во кој гледаме нова надеж. Разговорот
со него оди мазно, зборува срамежливо, но јасно. Точно знае што сака
и како да стигне до тоа: посетува вечерно училиште и ќе го заврши оваа
година. Планот му е да се запише во средно угостителско за да учи за готвач,
а потоа да се вработи во некој убав ресторан каде што ќе готви највкусни
јадења.
- Тоа ми е сон, ме бива за готвење – вели низ насмевка, а потоа лицето
му добива сериозни црти:
- Постои еден проблем, немам матичен број. Јас сум од тие деца-фантоми
што ги викаат. Неубаво чувство, гадно дури. Како да не постојам. Ако
не ми извадат матичен број, нема да можам ни да се запишам во средно,
а нема да можам ни да станам готвач – вели тој, свесен за причинско-последичните
врски на нефункционирањето на системот, кој треба да му ги овозможи
основните човекови права.
Поради немањето матичен број, Валентин не бил ни вклучен во основно
образование, а ниту може да ги оствари своите права во однос на здравствена
и социјална заштита.Тој нема ни државјанство, па не може ни да извади
пасош и не може да патува.
Продавајќи
го уличното списание во еден од рестораните во Скопје, вниманието
му го задржал еден готвач што правел зеленчук и месо.
- Беше со готвачка капа и со бела униформа. Чист и уреден. Јадењето чадеше,
само што го направил и изгледаше многу вкусно. Кога го видов тоа си реков
дека би сакал да сум како него. Тогаш сфатив и дека ме бива за готвење.
Дома најчесто јас сум одговорен за тој дел од домаќинството – објаснува
младиот Валентин.
Живее со своите тројца браќа, Мендух,
Бертон и Лорен, кои се повозрасни од него, и со една помала сестра, Џенифер. Има
и постара сестра, Бернадета, која е мажена, живее близу до нив и има
свое семејство, но често им помага. Татко му е починат, а мајка му ги напуштила
и оформила ново семејство во странство.
- Дома сите заедно се грижиме за најмалата сестра и за домот. Сите чистиме,
средуваме, переме. Ретко се караме, сложни деца сме. Најголем проблем
ни е што немаме матичен број и ни прават проблем да извадиме. Бернадета
има, но еве за нас е проблем. Верувам ќе може да го решиме најбрзо што може
– вели тој.
Објаснува дека секој ден му е испланиран и точно си ги знае своите обврски:
во работните денови волонтира во Дневниот центар за деца на улица
во Шуто Оризари, местото каде што тој ги добил основните навики и каде
што и самиот научил да пишува.
- Таму помагам за сè што треба. Работам со децата, ги учам да пишуваат,
цртаме заедно, правиме разни изработки од хартија, делам храна, ги
учам да мијат раце – објаснува Валентин.
Вели дека кога ќе заврши со обврските во Дневниот центар, некаде околу
13 часот, оди да продава „Лице в лице“, a омилен реон му е плоштадот и
околината на „Рамстор“.
- Ги поминувам сите кафулиња и ресторани од плоштадот до таму. Некаде
добро ме прифаќаат, некаде ме бркаат и се некултурни кон мене. Кажете
ми, како да им објаснам дека не им мислам ништо лошо? Само да ме сослушаат,
ќе видат дека сум добро момче – се насмевнува и додава дека, најчесто,
младите луѓе се позитивни кон него, додека повозрасните не разбираат
што прави и се однесуваат несоодветно кон него.
Од парите од продажбата на списанието Валентин обезбедува храна
за неговото семејство и објаснува дека, главно, тоа им се парите со
кои располагаат дома. Неговите браќа имаат ангажман со градежни работи,
но тоа е повремено, не е секојдневна работа.
Валентин е и извидник, веќе една година е дел oд Прв скопски извиднички одред, каде што, исто така, работи со мали
деца:
- Многу убави работи учам со извидниците. Неодамна бевме во Михајлово,
на планина, и имаше многу снег. Снеже ми даде чизми и опрема и многу
ми помогна, благодарен сум ѝ. Игравме разни игри со децата, правевме
снешко, се забавувавме.
Денот
му завршува во вечерното училиште, каде што е меѓу најредовните. Задоволен
е од оценките и се пофали дека добил петка по македонски јазик.
- Едвај чекам да завршам таму и да се запишам во „Лазар Танев“. Се гледам
себеси како успешен готвач, па зошто да не и со свој ресторан.