Yes for less – за одржливи практики кои се дел од решението
„Дали често се наоѓаш во ситуација да сакаш да замениш некој производ со еколошка алтернатива, но не знаеш каде да бараш или мислиш дека тоа не постои во Македонија? Замисли на еден вебсајт јасно и убаво да ти бидат прикажани сите места и бизниси во Македонија кои го нудат тоа што го бараш. Таму ќе може да најдеш и информации и практични совети од други луѓе кои веќе го прават тоа, за да се инспирираш и дознаеш како и ти да започнеш да живееш поеколошки. Не мора веќе да замислуваш, бидејќи наскоро платформата која ќе ги популаризира еко-свесните бизниси и ќе ги доближи до тебе станува реалност. Време е еко-пазарот да порасне!“
Ова е кусото објаснување за „Yes for less“, социјална бизнис идеја која ви ја претставува „Лице в лице“.
Верувајќи дека младите веќе „на големо“ делуваат за да го спасат светот, овој простор е за платформата на Катерина Илијовска, Сара Коцевска и со Марко Гапо. Тие се основачи на „Yes for less“, социјален бизнис кој ќе расте правопропорционално со нашата свест за поодржлива средина.
Tројца млади ентузијасти. Катерина и Сара се најдобри другарки и имаат работено заедно во студентската организација Борд на европски студенти по технологија (BEST). Го запознаа Марко виртуелно, откако го отворија инстаграм профилот @yesforless. Како креативна личност и страстен активист, тие мислеа дека тој ќе биде одлично дополнување на тимот и го поканија да им се придружи во патувањето „RISE“, како совршена можност да ја развијат својата идеја на следното ниво.
„Ние сме тим со различни приказни и искуства, но соединети сме со иста заедничка мисија. Веруваме дека тоа е она што нè прави силни. Сепак, не ги поседуваме сите вештини за целосно развивање на еден бизнис, па ќе ни биде потребна помош и од други луѓе со слични интереси за успешно изведување на нашата идеја“.
Јас сум…
Сара: Јас сум архитектка по професија, фотографка по страст, екологистка и патник по природа. Се борам против секојдневниот отпад и се обидувам да ја намалам секојдневната употреба на предмети за еднократна употреба со изнаоѓање поиздржливи решенија. Мојот најголем сон е Македонија да стане одржлива земја, да има чиста животна средина, енергетско-независни објекти и урбана мобилност. Дипломирав со најголеми почести на „Politecnico di Milano“ во 2020 година и сум магистер по архитектура. Живеам и работам во Париз, како архитектка во компанија која исклучиво се занимава со одржлива архитектура. Сметам дека луѓето треба да се едуцираат и да земат што е можно повеќе знаење од европските поразвиени земји, но тоа знаење да го имплементираат во Македонија.
Кате: Би се споредила со оние големи дрва кои имаат пуштено корења насекаде околку себе, под земја, над земја и во сите правци наоколу. Од мала бев вклучена во најразлични активности. Освен на училиште членував во хуманитарни и граѓански организации, одев на танц, учев италијански, генерално ме интересираа многу работи. Во последниве три години живеам во Барселона, каде останав да работам после моите магистерски студии. Иако сум инженерка, никогаш не ме интересирала само техничката страна на проблемите, туку и социјалната. Една од моите најдобри одлуки во животот беше запишување на мастер програмата за одржлив енергетски развој со силен фокус кон претприемништво од школата „EIT KIC Innoenergy“. Се обидувам да го искористам сето стекнато знаење за развивање на нашата идеја „Yes for less“.
Марко: Јас сум пејач и музичар по струка, студирав на Музичката академија во Скопје, а се занимавам и со глума, видео продукција и од неодамна со еко-активизам. Уживам во планинарење, кампување, поминување што повеќе време во природа, патување, како и истражување на непознати места. Уште од тинејџерски години се вклучував во многу активистички движења и организации. Сега сум дел од граѓанското еко движење „За почиста Македонија“ кое има за цел да ги инспирира и мотивира луѓето да се вклучат во решавањето на проблемите со ѓубрето преку акции за чистење и кампањи на социјалните мрежи. Верувам дека големи и позитивни промени се можни сè додека има луѓе кои работат на нивно остварување.
Кога се роди идејата/сонот за „Yes for less“?
Сè започнало кога Сара и Кате се преселиле во странство поради магистерски студии. Сара во Италија, а Кате во неколку држави – Полска, Португалија и Шпанија.
„Гледајќи како граѓаните на сите овие европски држави живеат и се однесуваат, нè поттикна да размислуваме што и ние во Македонија правиме подобро, а што полошо, и што можеме да примениме и научиме. Така, во јануари 2021, ние, Сара и Кате го започнавме инстаграм профилот @_yesforless каде првичната идеја беше споделување на секојдневни, еколошки навики со нашите пријатели и најблиски и учење едни од други. Со текот на времето, добивме многу позитивни коментари од поединци кои лично не ги познававме, но со кои поминувавме многу часови допишувајќи. Разменивме толку многу совети и научивме толку многу, што решивме дека имаме нова мисија – воспоставување и креирање еко-заедница во Македонија.
Не сакавме идејата да остане само на инстаграм и затоа лани во октомври, заедно со нашиот трет член Марко кој ни се придружи тогаш, аплициравме на програмата за социјално претприемништво „RISE“ која ја организира АРНО. Бевме избрани како еден од двата победнички тима на овој натпревар при што добивме грант кој ќе го искористиме за доразвивање на нашата идеја во наредните месеци. Оваа идеја има голем потенцијал, со оглед на тоа што од самиот почеток па до денес имаме добиено околу 21.000 прегледи од различни профили на нашите објави по органски пат. Тоа ни дава огромна мотивација да продолжиме со ова темпо.
Иако се отселивме поради професионални причини и неможноста да го работиме она што го работиме моментално и во Македонија, сепак ни е важно да придонесеме онолку колку што можеме. Тоа е и нашето мото – да покажеме како СЕКОЈ од нас индивидуално може да направи мала промена, и дека само со мали чекори, можеме да стигнеме до големи промени еден ден“, вели тимот на Yes for less.
Каков домино ефект на промени предизвикувате со она што го работите и која е промената која сакате да ја видите низ призма на „Yes for less“?
Секој ден планетата сè повеќе се дави во пластика, изумираат ретки животински и растителни видови поради климатски промени и се гушиме од загаден воздух. Јасно е дека како човештво не можеме да продолжиме со истото темпо ако сакаме да си ја зачуваме Земјата. За среќа, сè повеќе гледаме раст на „еко-трендови“, односно луѓето се освестуваат и бараат поеколошки алтернативи во начинот на живеење и во производите кои ги купуваат.
Со нашата работа сакаме да бидеме катализатор на ова движење кое што моментално во Македонија не е толку застапено. За сè постојат еколошки алтернативи, но не секој знае од каде да почне или каде да ги најде. Со нашата идеја сакаме овој процес да го олесниме и доближиме до останатите, со што повеќе луѓе би се мотивирале и би се насочиле кон поеколошки животен стил.
Што повеќе расте бројот на еколошки свесни луѓе, толку повеќе ќе расте и побарувачката за еколошки алтернативи на производи, методи на транспорт, исхрана и слично. Тоа во иднина има потенцијал да повлече и поголеми промени на ниво на државни политики и од големи компании. Нашиот индивидуален импакт би бил само капка во море, но ние само се приклучуваме кон зелениот бран кој расте низ многу места во светот и потенцираме дека секој индивидуален придонес е важен.
Ако треба да го претставите со некоја боја „Yes for less“, која е таа боја? Зошто?
Ќе биде многу клише ако кажеме зелена, но не сме љубители на клишеата па затоа ќе одбереме кафеава. Многу од навиките кои ги практикуваме и шириме во јавноста се навики кои нашите баби и дедовци ги применувале во нивниот секојдневен живот, но од различни побуди во споредба со тие што ние ги имаме денес. Живееле многу поедноставно и со помалку работи, не генерирале речиси никаков отпад, за сè наоѓале начин како да се реупотреби и најважно – си помагале меѓусебно во заедницата. Кафеавата боја нè потсетува на нашите баби и дедовци, на нешто старо и рустично кое копнееме еден ден да се врати назад.
Кое е мотото со кое си давате поддршка сами на себе за премостување на тешките денови?
Има многу нешта кои од време на време нè обесхрабруваат – локалните и глобалните политики, несовесни граѓани, неповратните штети кои секојдневно се прават врз природата. Тогаш ни изгледа дека она што го правиме е само една капка во цел океан со проблеми. Кога ни треба мотивација, меѓусебно се потсетуваме на одредени пораки кои сме ги добиле од нашите следачи на инстаграм во текот на претходнава година: „Фала ви дечки, пред да пишете не знаев дека постои овој еко производ/бизнис/сервис во Македонија!¨. Освен тоа, се водиме по мотото: „Во светот не постои повеќе неутралност. Или ќе бидеш дел од решението, или ќе бидеш дел од проблемот”.
Што ве инспирира? Што би препорачале на читателите на „Лице в лице“?
Најмногу од сè нè инспирира природата, кога сме во природа секогаш гледаме нешто ново, слушаме некој интересен звук, чувствуваме мириси кои во градот е невозможно да ги почувствуваш. На читателите би им препорачале да поминуваат што повеќе време во природа, бидејќи Македонија изобилува со прекрасни, недопрени предели кои кријат убавини за кои не сме ни свесни дека постојат. Спознавајќи ги комплексните еко-системи кои нè опкружуваат, еден од најдобрите начини е најпрво да сфатиме што уништуваме со нашето дејствување како луѓе, а потоа и да се мотивираме да го зачуваме она од што зависиме како човечки вид.
Би порачале и: Пази со кого се дружиш, кого читаш и на кого се одгледуваш. Пази дури и кого следиш на социјални медиуми, но пред сè пази и размисли на кого му ги даваш своите пари при купување на нешто ново. Ние како индивидуалци имаме особена моќ да влијаеме врз индустријата и производите. Гледај да поддржуваш што повеќе локални, домашни и органски производи, направени од индивидуалци кои ги изработуваат со огромна љубов. Исто така, од толку многу информации, од особена важност е да се разликуваат изворите и да се филтрира она што ќе се слушне.
Би сакале да споделиме дека наскоро ќе ја отвориме нашата веб платформа и во потрага сме по луѓе кои би сакале да се приклучат и да придонесат на било каков начин за дооформување на нашата еко- заедница. Тоа може да биде во форма на пишување текстови, лекторство и проверка на текстовите, снимање и едитирање видеа, фотографирање и едитирање, UX/UI дизајн, дигитален маркетинг, финансии, итн.
Доколку имаш некакво познавање од овие области, имаш малку слободно време и сакаш да бидеш дел од ширењето на еколошката свест во Македонија, тогаш дефинитивно треба да ни се приклучиш!
Достапни сме на инстаграм: @_yesforless, фејсбук: Yes for less или пак на мејл [email protected].
Те очекуваме со порака!