Доза вести

Животот е процес, а развојот е опција

Време на читање: 5 минути
ТРАУМАТА НЕ ЗАПОЧНУВА СО НАС. НИЕ СМЕ РОДЕНИ ВО ТРАУМАТИЗИРАНО ОПШТЕСТВО. СЀ ДОДЕКА СЕ ВОДИМЕ ПО ИНСТИНКТИТЕ И ПОСТОЈАНО ЖИВЕЕМЕ ВО НЕДОСТАТОК, СТРАВ И НЕИЗВЕСНОСТ, НИЕ НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ИСЦЕЛИМЕ ТРАУМИТЕ.

Дали сте безбедни или се чувствувате безбедно?
Звучат слично, меѓутоа се две целосно различни состојби.

Важноста на менталниот имунитет

Да се биде безбеден се мисли на безбедноста во домот во кој живеете, безбедна околина, временски промени, државата во која што живеете и сѐ она што е поврзано со потреба од сигурност за да може беспрекорно да функционирате во секојдневието.

Да се чувствувате безбедно е сосема поразлична состојба и е тесно поврзана со начинот на кој што го восприемате светот околу вас и вашиот ментален имунитет.

Многу од луѓето ги мешаат овие две состојби и иако живеат во безбедна околина, тие не се чувствуваат безбедно. Сѐ повеќе луѓе се плашат од болести, од несакани промени, не им веруваат на другите луѓе, а некогаш не му веруваат ниту на својот ум. Всушност сѐ повеќе луѓе не се чувствуваат безбедно во своето тело.

И медиумите го прават своето, промените се случуваат многу брзо и неизвесноста за иднината е сѐ поголема. Короната и социјалните мрежи влијаат на менталниот имунитет. Многу луѓе живеат во стравови. Сѐ повеќе млади луѓе, деца се соочуваат со панични напади, анксиозност, депресивност, ниска самодоверба, повлеченост, пасивност и ред други деструктивни состојби.
Интересно е и дека има луѓе кои пак воопшто не им обрнуваат внимание на промените во околината, туку продолжуваат да истражуваат, остануваат љубопитни за животот, т.е. продолжуваат да ги остваруваат своите соништа.
Едноставно кажано – не реагираат импулсивно, туку свесно одговараат на ситуацијата во која што се наоѓаат, веруваат во промени и се насочени кон можностите.
Ситуацијата не е никогаш проблем, туку начинот на кој што се справуваме.
Што значи ова?

Справувањето со промени и предизвици е индивидуален процес

Начинот на кој што се соочуваме со промени, предизвици, конфликти и трауматични ситуации е индивидуален процес, поттикнат од минати искуства, верувања и вредности, од семејствата од кои потекнуваме.

Не постои семејство без предизвици, проблеми, конфликти или трауми. Независно што се случувало, траума не е искуството низ кое поминуваме, туку реакцијата што се случува во нас за време на таа ситуација. Кога се зборува за трауматично искуство не се мисли само на смрт, загуба, болест или некаква несреќа. На пример, за дете, тоа може да биде и разводот на родителите, за некого загуба на финансии, физичко или психичко насилство или пак сведочење на трауматично искуство што го доживува некој член од семејството или во околината, сообраќајна несреќа и многу други ситуации и настани.

И ситуацијата со пандемијата ни покажува дека секој индивидуално се справува со ваков тип на криза. Короната е само тригер кој што ја поттикнува нашата стратегија за преживување која што несвесно сме ја формирале, некогаш во минатото, како заштитен и одбранбен механизам за време на трауматично искуство. Не е само до короната како вирус, туку е и до нашата релација со короната. Децата ја доживуваат короната преку реакцијата на родителите. Многу е значајно да знаеме што се случува на ниво на потсвест за време на трауматично искуство.
Кога сме сведок на траума, нашата потсвест, со цел да нѐ заштити од болка, физичка или емотивна, креира дел за преживување т.е. дел за справување со траумата. Во тој момент нашето тело е подготвено за бегање или за борба, а најчесто е смрзнато или блокирано. Ги исклучуваме телото, емоциите и чувствата заради заштита.
Во момент на трауматично искуство ние сме одвоени од телото. Едноставно кажано – не сме во телото.

Сѐ додека несвесно реагираме – нема простор за промена

Сите ние уште од мали креираме стратегија за справување и преживување. Тоа го правиме несвесно, за да се заштитиме или да направиме некаква рамнотежа. Тие стратегии имаат своја мудрост и потребни се за да нѐ заштитат. Меѓутоа во одреден момент од нашиот живот истите повеќе не ни користат туку стануваат наши препреки за да живееме слободно и ослободени од емоции кои што припаѓаат во минатото. Не е секој ментално спремен, храбар или едноставно не знае како да се соочи со себе, да ги освести своите несвесни стратегии на преживување и на тој начин да креира нов, здрав дел. Сѐ додека тригерот на траумата е активиран и несвесно реагираме – нема простор за промена.
Забележувањето на реакцијата, и само доколку одговараме свесно, доживувајќи го сегашниот момент, дисоцирани од емоцијата, ние можеме да го започнеме процесот на исцелување на делот на траумата.
Сѐ додека несвесно реагираме на секој тригер кој што го провоцира делот на траумата, ние ќе продолжиме да ја доживуваме како реалност, ќе останеме заглавени во минатото и во емоцијата која што ја поттикнува стратегијата за преживување.

Многу е лесно да се каже: “Таков сум и не можам да се сменам!” На тој начин се избегнува одговорноста за своите реакции, однесување и секојдневни избори.

Анксиозноста, стравот, паниката, тагата, болката, срамот, грижа на совест, стресот, депресијата, разочарувањето и ред други состојби или болести се само симптоми на траума.
Траумата може и да не сме ја доживеале лично. Може да биде семејна, трансгенерациска, културолошка или колективна. Се пренесува генерациски. Ја препознаваме преку заплетите помеѓу релациите. Прекинати односи, емотивно недостапен родител, недостаток на љубов, пари, емоција, болести во семејството, исклучување на член од семејството, нерешени конфликти т.е. трауми кои што сѐ уште не се интегрирани – се подлога за креирање нови.

Родени во трауматизирано општество

Траумата не започнува со нас. Ние сме родени во трауматизирано општество. Сѐ додека се водиме по инстинктите и постојано живееме во недостаток, страв и неизвесност, ние не можеме да ги исцелиме траумите. Само ги повторуваме несвесните обрасци преку повторување на стратегиите за преживување што сме ги научиле од нашите претци.

Македонија живее во колективна траума. Промените во однесувањето кај голем дел од луѓето се очигледни. Често пати слушаме како има се повеќе негативни луѓе, многу болести, сообраќајни несреќи, смртни случаи, стрес и конфликти.
Короната е тригерот кој што ја поттикнува неитегрираната траума која што сѐ уште е заглавена во телото и воедно го намалува имунитетот како и целосната виталност на физичкото тело. Ние сѐ уште се справуваме со неинтегрирана историја која што е премногу болна за да биде повторно доживувана и затоа се пренесува на следните генерации.
Основата на нашето општество е недостаток, недоволност, отсуство и постојано исклучување на некого, нешто. Траумите од минатото сѐ уште живеаат во нашето секојдневие, во политиката, во институциите, во здравството, во сообраќајот, видливи се во целото наше опкружување. Заглавени во минатото, секојдневно доживуваме нови трауми.

Сите сме поврзани!

Потребно е колективно освестување и индивидуално справување со своите лични трауми за да поттикнеме некаква видлива промена во нашето опкружување. Најдоброто што можат родителите да го направат за своите деца, за идните генерации, е да работат на себе. Да ги освестуваат своите стратегии на преживување и да се ослободат од фамилијарните заплети и нефункционални динамики.
Траумите не е доволно когнитивно да ги објаснуваме за да ги разбереме. Траумата останува заробена во нашето тело. Животот бара од нас да почнеме свесно да ги следиме своите симптоми на траума. Да одговараме на сегашната ситуација со годините кои што ги имаме сега, дисоцирани од емоцијата на детето во нас кое што имало потреба од заштита, љубов, прифаќање и припадност.

Ние сите сме поврзани. Тоа што се случува на индивидуално ниво влијае на колективното. Не можеме да живееме со идејата дека постоиме самите за себе. Секогаш сме во релација со другите, со околината.

Бидејќи животот е процес, а развојот е опција, ние сме одговорни за тоа како реагираме и што предизвикуваме во околината. Што е тоа што им го пренесуваме на следните генерации? Дали и нив ќе ги оставиме да ги живеат нашите трауми или ќе им го ослободиме патот кон изобилство, доверба, прифаќање и чувство на припадност?

(Авторката е меѓународно сертифициран и акредитиран НЛП Мастер тренер и коуч)

Напишете коментар