Со повеќе активности денеска во главниот град ќе биде одбележан 22 Април – Денот на планетата Земја. Тема на годинашното меѓународно одбележување на Денот на планетата Земја е „Заштитете ги нашите видови“ (Protect Our Species) и има за цел да едуцира и да ја подигне свеста за брзото намалување на популацијата на растенија и диви животни предизвикано од човечки активности.
Во организација на Град Скопје во Зоолошката градина предвидени се повеќе настани, а во одбележувањето ќе се вклучи и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во 10:15 часот денеска во едукативниот центар на Зоолошката градина ќе се одржи краток еко-час на тема „Вредноста на дивите видови“ со претставници од Министерството.
Предвидено е и хортикултурно уредување на катче од Зоолошката градина со садење садници од страна на ученици од СУГС Гимназија „Орце Николов“ и штитеници од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“. Поодржувачи се ЈП „Паркови и зеленило“- Флораком, Зоолошката градина од Скопје и организацијата „Cities for Forests“, која на глобално ниво делува на подигање на свеста за значењето на шумите.
Во организација на Градската библиотека „Браќа Миладиновци “ напладне ќе се реализира проектот „Хортикултурна библиотека“ во соработка со учениците од ДСУ „Георги Димитров“- Скопје, отсек хортикултура и учениците од второ одделение од ОУ „Коле Неделковски“ – Скопје.
Целта на овој проект е децата уште од најрана возраст да ја развијат свеста за зачувување на зеленилото, екологијата и за сите нејзини придобивки за здрава животна средина. Задно со поголемите ученици од гимназијата ќе засадат различни видови на цвеќиња и ќе научат како се одгледуваат. Учениците подоцна со посета на библиотеката ќе можат да дојдат и да ги гледаат нивните цвеќиња и да видат како напредуваат.