Хелен Луварт е добитничка на „Златна камера 300“ на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Со филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“, француската кинематографка ги освои симпатиите на жирито (членови Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ), а наградата ја прими нејзиниот колега и долгогодишен пријател, Ерик Готје.
„Поради суптилното користење на боите и силните композиции што откриваат емоции на ликовите и нè приближуваат до приказната, Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување на приказни“, е оценката на жирито за најдоброто остварување за 2019 година.
Наградата „Сребрена камера 300“ му беше доделена на Џинсонг Донг за филмот „Езеро дивите гуски“ поради, како што образложија членовите на жирито, „квалитетот на фотографијата што е постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени“. „Бронзената камера 300“, пак, заврши кај Даниеле Ципри за филмот „Пирани“ за „устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото со лесното движење на камерата“.
„Мала камера 300“ заврши во рацете на аргентинската кинематографка, Констанца Сандовал за филмското остварување „Чудовишен господ“ за „поетичноста на сликата и суптилното користење на бои во приказната.
„Многу ми значи оваа награда. Го сакам овој фестивал и не би можела да бидам посреќна во овој момент“, рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на ИФФК „Браќа Манаки“.
Посебни признанија на последната фестивалска вечер им беа врачени на Јоланта Дилевска, кинематографка на филмот „Ајка“, поради интуитивната употреба на камерата, пристап со кој визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик, и на Гијом ле Гронтек за употреба на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на бои на експресивен начин во филмот „Комбето“.
Домаќините и гостите на последната вечер на јубилејното издание на „Браќа Манаки“ се поклонија и на на Јоргос Арванитис кому му беше доделена наградата „Златна камера 300“ за животно дело. Во текот на речиси шест децении, тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и Медитеранот.
Во меланхоличниот свет на режисерите доловува јасност со ненадмината елеганција, со својата камера дава текстура и длабочина дури и на сенишните и лаконски ликови, а работел со Тео Ангелопулос, со Жан Жак Адриен, со Динос Кацуридис, со Волкер Шлендорф, со Лик Дарден, со Марко Белокио, со Агњешка Холанд, со Горан Паскаљевиќ, со Марко Ферери, итн.
„Голема чест ми е да бидам на овој фестивал во друштво на сите големики нематографи. Чест ми е да присуствувам на фестивал која ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум на ова место. Моите корени се одовде бидејќи јас сум Влав“, рече Арванитис.
Годинашното издание на „Браќа Манаки“ почна на 14 септември и опфати осум фестивалски денови, пет локации, 128 наслови што беа создавани од филмски уметници од преку 50 земји во светот и подредени во 14 фестивалски програми.