Планетата Земја е кревок, ранлив организам, за кој ако не покажеме љубов, грижа и одговорност, ќе дозволиме да ни се случи алармантно одбројување кое води до ограничени природни ресурси и до исчезнување на цели екосистеми.
Ова е пораката која ја носи 37.издание на „Лице в лице“, чие излегување се поклопи и со седмиот роденден на списанието за одржлив развој, кој се одбележа денес во паркот Ибни Пајко, во присуство на бројни читатели, соработници и поддржувачи, а во рамки на настанот Ден на граѓански организации, (програма на Цивика Мобилитас).
Роденденската прослава, која се одвиваше под мотото „Ја движам промената, читам „Лице в лице“, предизвика големо внимание кај граѓаните, кои, пак, честитката за седумгодишното опстојување ја испратија и со облекување на униформите на продавачите и со охрабрување да продолжат со својата достоинствена работа, која економски ги зајакнува и ги интегрира во општествените текови, како и со заедничка фотографија со хаштагот #ИјасЧитамЛицеВлице.
Најновото издание на „Лице в лице“, посветено на Глобалните цели за одржлив развој, (SDGs), кои претставуваат јасна визија за одржлива иднина во делот на заштита на животната средина и на нашата планета, во целост, укажува на заканите кои нѐ демнат заради нашиот несоодветен однос кон планетата, како кон наш дом.
– Со овој број одлучивме поинтензивно да алармираме и да повикаме на одговорност. Таа е во секој од нас – во нашата неинформираност, во неосвестеноста дека отпадот што го изнесуваме од нашиот дом си го фрламе пак дома, во чекањето властите да направат нешто, а не ние самите, во насочување на вниманието на куп неважни работи заборавајќи ја суштината, во безграничниот консумеризам со кој го храниме неодговорниот бизнис, а ја загрозуваме Земјата и себеси… Во непосветеноста на себеси и на нашата сопствена улога во општеството и на планетата – вели Климентина Илијевски, главен и одговорен уредник на „Лице в лице“ и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, издавач на списанието за одржлив развој.
Врз здравјето на планетата Земја огромно влијание имаат и модната индустрија, но, и односот што го имаме кон храната која создава огромен процент од отпадот кој завршува во екосистемите, велат поддржувачите на платформата „Лице в лице“ и денешна придружба на продавачите, модната дизајнерка Ирина Тошева и ентузијастот за готвење, Бранко Попоски.
– Трендот на одржлива мода е во ек. Модните марки се приклучуваат кон глобалните гиганти да ги усвојат зелените иницијативи за доброто на животната средина. Дел од нив ги отстрануваат токсичните хемикалии, други, пак, ги зачувуваат загрозените дождовни шуми од акциите за добивање вискозна ткаенина, а трети се обидуваат да ги регулираат синџирите на снабдување. Но, и потрошувачите имаат моќ да ја променат модната индустрија, иако, повеќето, не размислуваат за тоа.Неопходно е да пронајдеме значење во тоа што го носиме. Ова не подразбира губење на трката или жртвување на модниот стил. ТУку освојување на филозофија што ќе нѐ претвори во совесен граѓанин – вели Тошева.
Основачот на иницијативата „Готвење со Бранко“, вели дека и храната има важна улога во нашата интенција да дејствуваме одговорно и одржливо.
– Одгледувачите на храна, пред сѐ, потребно е да посветат многу внимание истата да биде одгледана на што е можно поприроден начин и третирана со помалку токсични хемикалии. Така, ќе имаме поздрава храна и почиста почва и околина. Понатаму, конзументите на хран, треба истата да ја користат оптимално. Кога купуваат, да биде тоа во количини кои се доволни за нивните потреби, и на тој начин да се избегне фрлање на вишок храна која се расипала.
Исто, секој човек што може да си дозволи, го охрабрувам да донира храна на луѓе кои немаат толку пристап до истата. Не чини многу, а чувството на задоволство дека е некому помогнато е преубаво. Исто така, убаво е и знаењето дека нечиј стомак е полн тој ден, благодарение на нас – вели Попоски.
Овој број на „Лице в лице“ ги носи и предупредувањата од нашите активисти, дека најранливи сектори на климатските промени во нашата земја се водните ресурси, земјоделството, здравството, биолошката разновидност, шумарството, туризмот…
– Најитно што би требало да се направи е воведувањето мерки за заштита на водните ресурси и на храната, бидејќи директно влијаат на здравјето на луѓето. Пред тоа, потребна ни е силна стратегија за климатските промени, која сега ја немаме и која во наредниот период би била системски и приоритетен документ, кој би го следеле сите национални стратегии и планови и би помагале во неговото спроведување. Приоритетен, бидејќи на органите што донесуваат одлуки им е многу тешко да ја стават во прв план заштита на здравјето на луѓето и на животната средина, и тоа не е така само кај нас – вели Елена Николовска, која работи на програмата за енергетика и клима на невладината организација „Еко свест”.
Инаку и ова издание, како и досега, носи многу нови содржини и од областа на образованието, социјалното претприемништво, новото лидерство, инклузијата, уметничкиот активизам, родовите прашања.
Насловницата страница и внатрешното уредување на 37-от број на „Лице в лице“ е на адреса на дизајнерот Георги Равански, a бројот е создаден во соработка со Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ.
Линк до фотографии: Албум на „Лице в лице“
Фото: Томислав Георгиев