Доза вести

Социјалната економија е важен двигател на светската економија

Време на читање: 4 минути

Кон каде се движи светската економија, и кои се придобивките од развојот на социјалната економија?, беа главните прашања на настанот „Социјалната економија – нов тренд во развојот на светската економија“ кој во Битола собра бројни претставници на социјални претпријатија, на бизнис секторот, на граѓански организации, гости експерти од Словенија, Австрија, Белгија, Албанија, кои што разменија мислења и искуства за улогата на бизнисите во постигнувањето позитивни општествени промени.

Настанот кој се случи во хотелот „Епинал“, беше во организација на Центарот за развој на претприемачи и менаџери, ЦЕЕД Македонија и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, кои заедно со партнерските организации Агритра Визион Центер и CEED Албанија од Албанија, го реализираа двегодишниот проект „Социјалните претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“.

Според Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и проектен менаџер во проектот „SE-Bridge“, користиме речиси двојно повеќе од ресурсите кои што годишно ги производува Планетата, а нееднаквостите меѓу луѓето станаа толку изразени што  28 лица поседуваат богатството колку половина луѓе на планетата.

– Ова ја наложи потребата од создавање одржливи бизниси кои што ќе дадат одговор на предизвиците со кои што се соочуваме. Бидејќи светот создава рамки за воведување нова економија базирана на одржливост која има цел да ја регенерира Земјата, да ја намали нееднаквоста меѓу луѓето, а човекот да го извлече од длабоката спиритуална криза во која се наоѓа, индустријата ќе мора да држи чекор со овие определби. А на ваквата индустрија и треба нов капацитет од лидери – вели Илијевски.

Денешното случување укажа и на потребата од соработка за рамномерен локален развој, односно продлабочување на квалитетот на релацијата: традиционални бизниси и социјални претпријатија на што е ставен акцент и при реализацијата на проектот „Социјалните претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“.

– Целта на нашето делување преку проектот беше отворање нови социјални претпријатија со одржливи бизнис модели кој понатаму ќе им помогне да продолжат со нивното производство или услуга, а општествениот импакт да биде колку што е можно поголем. Самата програма понуди развој на бизнис вештините, но поттикна и соработката на социјалните претпријатија со традиционалниот бизинис сектор – објасни Ѓорѓи  Кушевски, извршен директор на ЦЕЕД Hub Скопје и тим лидер на проектот SE-Bridge.

На настанот се обрати и Фрик Јанмат, раководител на одделение при ЕУ делегација, кој укажа на бенефитите кои ги носта проекти како „SE_Bridge“.

– Социјалната економија и општествената одговорност се побитни од кога било. Горд сум што овој проект собра 250 луѓе и награди 6 социјални претпријатија од прекуграничниот регион.  Ќе продолжиме со нашите напори на одговорност, со прекуграничната соработка и со проекти кои ќе го стимулираат развојот на турзимот. Но, при тоа, силно внимавајќи на зачувување на природната средина, паралено со стимулирање на економските активности, нагласи Јанмат.

Гостин на денешното случување беше и Карел Вандерпорт од  Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија на Европската комисија, Брисел. Тој направи преглед на различни модели на кооперативи во Европа и светот кои настојуваат да инкорпорираат одржливи принципи во својата работа, и да ја штитат животната средина.
-Не секогаш се потребни средства од државата и други донатори за да се почне социјален бизнис. Социјалните претпријатија и традиционалните бизниси сѐ почесто разменуваат ставови за подобро постигнување на Целите за одржлив развој, и тоа е интегративно партнерство. Едните го имаат знаењето и капцитетот за бизнис практиките, другите, пак, за одржливите принципи, нагласи гостинот од Брисел.

Во рамките на конференцијата беше одржан  и мини Саем на социјални претпријатија од Македонија и Албанија, кои имаа можност да ги претстават своите услуги и производи пред присутните гости и учесници.

Инаку, проектот „SE-Bridge“, е финансиран од Европската унија во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.

Напишете коментар