Доза вести

Промоција на „Аб’т – роман длабок 18 метри“ од Оливера Ќорвезироска

Време на читање: 3 минути

Утре, во 20 ч, во Кино Култура, ќе се одржи книжевно промотивна вечер со Оливера Ќорвезироска посветена на нејзиниот најнов роман „Аб’т – роман длабок 18 метри“ во издание на Или-Или.

Покрај авторката на оваа промотивна вечер ќе учествуваат и актерот Јовица Михајловски и писателот Владимир Јанковски, кој ќе го води разговорот.

Оливера Ќорвезироска (1965) е македонска писателка и критичарка, добитничка на повеќе книжевни награди, авторка на 16 книги (раскази, романи, книги за деца, книжевна критика) од кои во Или-Или досега и се објавени: Есен текст и една жена, 2016, Сошиени раскази, 2017, Улиците што ги нема, 2018, и Аб’т – роман длабок 18 метри, 2019.

Следуваат неколку извадоци од импресиите кон романот „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска.

ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

Новиот роман на Оливера Ќорвезироска, и овојпат со еден талентиран зафат и необична структура, како и во нејзините претходни текстови, ни нуди на показ проседе на еден автор кој не се помирува со веќе банализираните постигања во нашата проза. Романот „Аб’т“ е колку современ, толку и роман за времињата што минуваат и се испреплетуваат влијаејќи си едни на други, толку и роман за човечката душа и за нејзините треперења, па и за нејзините одгласи наоколу, кои се отсликуваат и пресоздаваат во слики што нѐ потресуваат со оригиналноста и многузначноста.

ВЛАДИМИР ЈАНКОВСКИ

По илјадници страници во светската книжевност напишани на темата семејни драми, Ќорвезироска напишала роман за сложеноста на семејните драми, докажувајќи дека не постои тема во книжевноста која претходно е обработена, а на која не може да се пишува на нов, автентичен, добар, сопствен начин. Дека без разлика колку болка, острина и грч носи една семејна драма, за неа може да се пишува без патетика и сентименталност. А сепак текстот да долови цел спектар на емоции кои воопшто и не мора директно да бидат спомнати. Дека литературата е најдобра кога пишува за нешта кои (барем директно) не ги споменува.

КАЛИНА МАЛЕСКА

Романот Аб’т на Оливера Ќорвезироска е подлабок и посеопфатен од бунарот што го копа таткото за да си направи нешто за себе, да пронајде место во кое ќе може да биде свој. Тој подземен – и на почетокот осамен – свет во бунарската дупка се претвора во цела нова димензија, во која таткото се поврзува со нови луѓе и неговиот свет се шири и станува исто толку простран колку и светот над земјата…. Аб’т е роман и за Куманово и за сеќавањата и за имагинацијата, каде биографските елементи се мешаат со измислените, поетизираните, настани и ликови. Но тој е и роман за зборовите, за дипето, за амаркордот, за гаменот, за алината, а секако и за реслото – остаток без кој романот Аб’т би можел да постои, но и дополнителна светлина без која тој не би бил ист.

ЕЛИЗАБЕТА БАКОВСКА

Иако Куманово често се појавува како големото платно на кое Оливера ги доцртува своите приказни (оние кусите како брзи скици со јаглен, или оние подолгите како детални хиперреалистични слики), „Аб’т“ е нејзиното досега најкумановско дело. Токму затоа, тој е и најличната, најинтимната и најхрабрата (или најлудата) од нејзините книги. „Роман длабок 18 метри“, напишала таа под насловот и слегувајќи длабоко во бунарот, до другата страна на реалноста, слегла и во своето детство. Детството минато во седумдесеттите, во куќата во маалото крај болничката ограда, во работничко-занаетчиско семејство. Детството минато во едно време што веќе не постои, во едно маало што веќе не постои, со едни луѓе што веќе не постојат.

Со сиот свој постмодернистички полнеж на паралелни светови и речиси гротескно необични ликови, „Аб’т“ (парадоксално) делува невообичаено реално, дури документаристички.

Напишете коментар