Во пресрет на новото издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, во периодот од 9 април па сѐ до 11 јуни, секоја сабота од 10 часот, во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржува програмата „Џифони филмски денови“ (Giffoni Movie Days).
Филмската програма е намената за учениците од скопските основни училишта и предвидува секоја сабота да се прикажува по еден европски игран филм наменет за младата публика, проследен со дискусија и средба со филмски автор или актер.
Филмовите опфаќаат теми што ја засегаат младата генерација. На првиот ден од манифестацијата ќе биде прикажан филмот „Патешествието на принцот“ (Le voyage du Prince) кој успешно допира две важни теми: првата се однесува на предрасудите во општеството и стремежот да се пронајде место за креативност и слободна мисла, а втората тема се однесува на зачувувањето на животната средина.
Гостинка на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитничка на наградата Green Competition во организација на Europe House. Таа ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за тоа како започналa да снима филмови, а ќе се осврне и на освоената награда – професионална камера.
Потоа на програмата ќе следува „Филмска училница“ – работилница која Кинотеката ја организира веќе трета година. Работилницата која ќе се реализира под менторство на режисерката Марија Џиџева ќе биде фокусирана на поттикнивање на креативноста на младите кои сакаат да ја раскажат својата кратка приказна со аудиовизуелен јазик близок на новите генерации. „Филмската училница“ се организира под покровителство на Кинотеката на Северна Македонија, а во соработка со „Планет-М“ и „Џифони Македонија“. Пријавувањето за „Филмската училница“ е на следниот линк.
Филмовите што ќе произлезат од работилницата ќе бидат прикажани за време на 10. издание на „Џифони Македонија“ и заедно со филмовите направени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.
Проектот „Џифони филмски денови“ (Giffoni Movie Days) е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.
„Патешествието на принцот“ е француско-луксембуршки филм од 2019 година, во режија на Жан-Франсоа Лагиони и Ксавие Пикар.
Лорен, стариот принц на мајмуните, по една бродска несреќа, се буди на непознат брег на земјата Ниокус. Него го наоѓа 12-годишниот Том, а неговите родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во прогонство: нивната заедница ги протерала, зашто се осмелиле да веруваат дека постојат и други мајмунски цивилизации.
Принцот најпрвин ќе биде предмет на истражување, а потоа во придружба на Том, ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што ќе открие непознат и волшебен свет, но и крутите правила кои владеат со него.