Доза вести

Работата на Дневниот центар за деца во Шуто Оризари битна, неговата иднина – небитна!

Би било голема штета доколку овој Центар престане да ја извршува својата улога. Сите деца кои добиваат поддршка на кој било начин од наша страна, повторно ќе се вратат на улица и на старите навики како питачење, скитање, прекинување на образовниот процес, стапување во малолетнички вонбрачни заедници. Голем дел од децата нема да го добијат и единствениот оброк во текот на денот, велат од Дневниот центар  

Анета Ристеска

„Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари“ е дом на близу 100-ина младинци, а дел од родителската и образовна улога ја има токму тимот кој неуморно работи на нивното згрижување, едукација, обезбедување на, понекогаш, и единствениот оброк за некои од децата.
Ова е и училница каде предаденоста и посветеноста на тимот е од огромно значење за препознавање на потенцијалите на младите, а потоа и нивно соодветно насочување и развој, Деновиве јавноста воодеушевено ја дочека веста за постигнувањата на младиот штитеник Амир Дестанов, кој освои трето место на натпреварот по математика, „Кенгур“. Неговото учество, со парична котизација, било потпомогнато од тимот во Центарот, а успехот, сред сите предизвици во неговиот живот, е личен. Кога ќе порасне сака да биде учител по математика. Во моментов живее кај вујко му и вујна му, заедно со неговата мајка. Тој е само еден од многуте штитеници пред кои стои голем потенцијален успех, ако со нив соодветно се работи.
Но, и покрај суштински важната заложба и поддршка за младите, Дневниот центар со години живее во финансиска неизвеснот и нестабилност, со што постојано се доведува во прашање грижата за младинците од улица која пред сѐ треба да ја има системот, а во случајов нејзин супститут е Здружението за заштита на правата на детето, под чија капа функционира и Центарот. 
Деновиве, таму, повторно вознемиреност. Во прашање е неговото опстојување по први август.
Улогата битна, иднината небитна.

За ова поразговаравме со координаторката и едукаторка во Дневниот центар, Ирена Велкоска, и со нејзиниот тим, Василка Јовановска, социјален работник и Александра Лозаноска, професор по предучилишно воспитување. Сите тие се и истовремено прва поддршка за младинците кои се приклучуваат кон програмата на „Лице в лице“, чија цел е економски и социјално да ги зајакне.


1. Во Дневниот центар за деца на улица, (кој во рамки на Здружението за заштита на правата на детето постои од 2006 година), доаѓаат деца од најранливата категорија сограѓани, од семејства кои се соочуваат со екстремна сиромаштија, од дисфункционални средини. Деновиве повторно вознемири веста дека опстојувањето на Центарот е доведено во прашање.
Што точно се случува?
Пред каков предизвик се наоѓате?


Велкоска: Ова е 16-та година по ред како тимот, благодарение на ентузијастичкиот дух, успева да го одржи континуитетот на Центарот. Се случувало кога и по неколку месеци, без никаков надомест, да работиме со дечињата, сѐ со цел повторно да не се вратат на старите навики, на улицата, и да го прекинат своето образование. А причини има многу, но, една од повеќето е и поради ниската образовна свест од страна на родителите кои не го поддржуваат процесот на школување и не ја  препознаваат можноста за излез од кругот на сиромаштија. Од месец август Дневниот центар нема да има никаква финасиска поддршка. Во април, проектот поддржан од нашиот долгогодишен партнер ГИЗ заврши, а поддршката од Град Скопје, пак, завршува во јули. Компанијата „Тинекс“, во изминатите 12 години, како општествено одговорна компанија, даде свој придонес за континуирано работење  на Дневниот центар, но, и нивната поддршка за оваа година, исто така, завршува во јули. Поради немање доволно финасиски средства, веќе две стручни обучени лица за работа со дечињата – повеќе не работат во Центарот.

Јовановска: Би било голема штета доколку овој Центар престане да ја извршува својата улога, сите деца кои добиваат поддршка на кој било начин од наша страна повторно ќе се вратат на улица и на старите навики како питачење, скитање, прекинување на образовниот процес, стапување во малолетнички вонбрачни заедници. Голем дел од децата нема да го добијат и единствениот оброк во текот на денот кој го добиваа токму во Дневниот Центар. 


2. Децата кои доаѓаат во Центарот најчесто се соочуваат со егзистенцијални предизвици во нивниот живот. На какви сѐ нивни потреби одговара Центарот? Што добиваат младите како поддршка?
Во што се состои грижата за нив?

Јовановска:
Дневниот центар за деца на улица во работата со децата ги задоволува потребите кои би требало да бидат задоволени во рамките на нивното семејство. Овие деца се обично надвор од образовниот систем, системот на социјална и здравствена заштита. Пред се, самото работење со децата на улица и нивните семејства е предизвик. Започнуваме од најосновните навики кои би требало да се стекнат во матичното семејство како создавање на културно-хигиенски навики (децата секојдневно се капат и добиваат чиста облека со што се учат на основни хигиенски навики,  чистота и здравје) и работни навики за понатаму да се вклучат во редовниот образовен процес. Децата секојдневно добиваат оброк а со дополнителни  донаторски активности и хуманитарна помош  и други прехрамбени продукти, хигиенски средства,облека, обувки. Неформалното образование и припрема за влез во образовниот систем (описменување, пишување усвојување на елементарните знаења) како и поддршка на школските деца за останување во системот на образование преку подобрување на нивното знаење и завршување на училишните обврски. Обезбедување на училишен материјал за работа во училиште: тетратки, моливи, боици, блокови итн, кои што нивните родители не можат да им ги обезбедат а се неопходни за процесот на учење. Психо-социјална помош и подршка на децата и членови на нивните семејства со кои сме во секојдневен контакт. Организирање слободни активности, во кои се  следат потребите, интересите и афинитетите на децата а поттикнати од нивните желби како и активности надвор од Дневниот центар (посета на парк, кино, театар, зоо градина,организирање на летување и зимување). Обезбедување потребна лична документација на деца кои не се заведени во Управата за водење на матична книга на родени и за други документи потребни за остварување на одредени права.

Велкоска: Да, децата на улица и нивните семејства имаат комплексни и специфични социјални и егзистенциајлни проблеми, кои бараат посебен и специјалзиран пристап. Услугите во Дневниот центар можам слободно да кажам дека се мултифункционални, односно димензинонирани и прилагодени согласно потребите на децата и на нивните семејства. Работиме пред сѐ на нивниот најдобар интерес, на нивната заштита и превенција од секакво насилство, занемарување или запоставување.  Со децата се работи на стекнување работни, културни и животни вештини, морални вредности. Паралелно се работи и со родителите на подигнување на родителскиот капацитет за правилен раст и развој на децата и на нивна поголема вклученост во општеството. Родителите добиваат поддршка и при нивно вработување по претходни дадени базичните основни работни вештини за работа, но и вештина за задржување на работното место. Со децата кои со својата 18-та година стануваат и полнолетни, особено се работи на самодовербата, на развојот на социјалните промени и на економското јакнење преку обработка на различни теми преку работилници.


3. Дали во моментов во Дневниот центар ги имате ангажирано сите профили на професии кои треба да одговорат на потребите на младите? Како се организрате во тој дел?
Дали поставената структура на вработени соодветствува на потребите?


Јовановска: Нашата организација од месец август 2021 година е лиценциран давател на социјална услуга дневен престој на деца во ризик-деца на улица а со тоа и дел од стручниот тим  има лиценца за вршење стручни работи од други даватели на социјални услуги, на услуги во заедницата. Со децата и нивните семејства во моментов работат социјален работник, психолог и проф. по предучилишно воспитување што не сосема одговараат на потребите.

Велкоска: Овој тим, кој за жал од месец на месец е сѐ помалку, е ангажиран во сите активности. Дали се работи за теренски активности, работа со деца, работа со родители, водење на досие на децата, работа со младинци, упатување, комуникација со институции, со педагошки служби, наставен кадар и многу други активности, вклучени се во сѐ. Оптоварени сме и со барања на донации за да ги задоволиме потребите на нашите корисници, со пребарување на фондови и пишување на проектни апликации, кои, секогаш, како што милуваат да кажаат – се неподобни. 

4. Опасноста од непостојаност во работата на Центарот може да има сериозни последици во поглед на грижата која е неопходна за децата од ранливи категории.
Дали нашите институции покажуваат разбирање за вашата улога како Центар и дали манифестираат соодветно вклучување?

Велкоска: Услугите кои ги даваме се добро препознаени во институциите. И оваа година Здружението доби финасиска поддршка од Град Скопје, но, потребна е целоокупна поддршка на активностите од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Лозановска: Сме испратиле многу писма, барања за поддршка на нашаата работа, но, како да се нема слух и разбирање. Одговорите се состојат во оправдувања и повлекувања заради пандемиската криза, нешто низ кое и ние минувавме и поминуваме.

Што би требало најитно да се направи?
Од каде очекувате најголемо сојузништво?

Велкоска
: Министерството за труд и социјална политика би требало да објави повик за поддршка на услугите за дневен престој на деца во социјален ризик. Дневниот центар за деца на улица како организациона единица на  Здружението е лиценциран давател на социјални услуги уште од месец август минатаа година.

5. Колку бизнис секторот се вклучува во поддршка на вашиот ентитет? На кој начин се одвива/ше таа до сега? Имате ли порака до компаниите? Но, и на кој начин сметате дека може да се постигне одржливот на функционирање на Центарот? Кои се клучните чекори до тоа?

Велкоска: За време на пандемската криза компанијата „Фармахем“ донираше заштитни маски, дезинфекциони средства, како и половна облека и книги кои ги организираа вработените.

Компанијата „Тинекс“ покрај финансиската поддршка донираше материјални добра, а додека компанијата „Сорсико“ седум месеци го плаќаше оброкот на децата. Тука е и компанијата „Бреон“, која во неколку наврати обезбедуваше храна и хигиенски средства за децата со семејствата и „Комерцијална банка“, која ја покри ужината за еден месец.
Пораката е дека ни е неопходна финансиска поддршка за активностите на Дневниот центар, ако сакаме да постигнеме одржливост во функционирањето.


6. Младинците кои се згрижени во Центарот по навршување на 18 години се наоѓаат и пред предизвикот на вработување. И во овој сегмент Центарот има важна улога.
Во што се состои неговата поддршка? Но


Велкоска: Работиме на нивната истрајност, самодоверба, одговорност, но и на примената на моралните и етичките вредности. По навршување на 18 год. не престанува грижата и работата со децата кои биле дел од Дневниот Центар. Доколку се сѐ уште во средно образование подршката за завршување на истото е неизбежно, но, најголемиот дел од децата немаат можност да се запишат во средно образование поради надминување на возраста. Со младинците работиме на нивна работна интеграција и вклучување во општествените текови како секоја единка која допринесува позитивно за себе и за општеството. Вработувањето е со потешкотии поради ниското ниво на образование, а понекогаш и дискриминација, особено родова. Но, секогаш одиме до посакуваната цел сѐ со намера да се излезе од сиромаштијата која повторно би ги натерала егзистенцијата да ја бараат на улица и со старите навики на заработување.

7. Еден од тие излези за нив е и списанието за одржлив развој, „Лице в лице“. Нивниот ангажман во процес на негова продажба ги зајакнува, и економски и социјално. Како ја гледате улогата на оваа платформа?

Велкоска: Да, негуваме долгогодишна соработка со „Лице в лице“, кое ги вклучува нашите младинци во продажба на уличниот магазин, и претставува одлична подлога за работна навика, заработка, како и мотивација за уште поголеми успеси. Преку оваа интеграција тие стекнуваат самодоверба, имаат поголем круг на пријатели, и заедницата ги препознава како изградени младинци. Многу од нивните проблеми, токму преку „Лице в лице“, навремено се решаваат. Целата платформа е едно движење кои се грижи за овие маргинализирани групи, со цел да ги подоготви подобро за пазарот на трудот. „Лице в лице“ им е одлична отскочна даска.

Напишете коментар