Доза вести

Градот Охрид и Агенцијата за млади и спорт ќе го организираат јубилејниот 60. маратон

По повод јубилејниот 60-ти Охридски маратон во просториите на Општина Охрид се одржа заедничка прес-конференција на директорот на Агенција за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт изјави дека му претставува чест и задоволство што оваа година Агенцијата ќе го помогне одржувањето на Охридскиот пливачки маратон.

Како што нагласи Мојсовски, проблемите со кои се соочува Охридскиот маратон се повеќегодишни и во иднина понатамошното организирање ќе го преземе Агенцијата за млади и спорт.

Оваа година Агенцијата ќе го обезбеди наградниот фонд, сместувањето и патните трошоци за учесниците.

Пливачкиот маратон ќе се одржи подоцна од предвиденото од причина што повеќето пливачи се во Италија, каде што во периодов се одржува Европското првенство во пливање, а потоа е закажан пливачкиот маратон во Капри, кој завршува на 5-6 септември.
Следниот викенд, на 10-11 септември, ќе се одржи Охридскиот маратон.

Директорот на АМС ги повика сите спортисти, спортски работници, волонтери и добронамерници да се вклучат во активното организирање на годинашниот јубилеен пливачки маратон во Охрид. Поради ненавремено пријавување, оваа година Охридскиот маратон нема да се бодува, додаде Мојсовски.

Градоначалникот на Охрид рече дека наградниот фонд од 10 000 евра ќе биде покриен од страна на Агенцијата за млади и спорт и додека Општина Охрид на седница на Советот ќе одвои 2 000 0000 денари, средства што ќе бидат префрлени на Охридски клуб кој ќе ги организира потребните технички средства. Досега се пријавени 20 пливачи со надеж дека бројот ќе биде поголем.

-Агенцијата за млади и спорт посакува и оваа година, како изминатите години, да биде успешно организиран Охридскиот пливачки маратон и овие проблеми со кои се судривме оваа година да бидат минато.- потенцираат од АМС.

Ирена Мрческа
фото: Агенција за млади и спорт

Напишете коментар