Доза вести

Личната карта зависи „лично“ и од ажурноста на државата

Анета Ристеска

Од Здружението на млади правници, по години застапување, повторно апелираат што поскоро да се донесе Закон за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација.

Младиот Мемет Камбер, продавач на „Лице в лице“, кој почина на 19 години без лична карта, а неговата прва посета во болница беше и последна, ја добива граѓанската поддршка, но, не и таа од системот. Тој не го познава, не го препознава, и не прави обид да ги решава покомплексните ситуации.

Каде се прекинува релацијата помеѓу законските регулативи за оваа ранлива група и остварувањето на нивните права? Дали начинот на кој што се испраќаат пораките до сограѓаните кои се соочуваат со вакви предизвици треба да биде унапреден, адаптиран, подобро осмислен?
Каде бледнее линијата на (не)информираност за правото на живот и правото на здравствена зашита?
Што треба да менува системот, што ние како граѓани, а што да се менува кај ранливите лица без документи?

Од Здружението на млади правници, по години застапување, повторно апелираат што поскоро да се донесе Закон за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација.

„Потсетуваме дека правото на живот и правото на здравствена заштита се основни човекови права и дека сите граѓани мора да имаат пристап до здравствена заштита без оглед дали поседуваат лични документи“, велат од Здружението.

Александра Ефремова од ова здружение, вели дека е несфатливо, во 21 век, млади луѓе да починат како „невидливи“ и покрај нивната заложба да се интегрирани во општеството. Смета дека предизвиците кај оваа  група се комплексни, но, дека системските решенија треба да бидат флексибилни и адаптирани.  

– Само промена на овие закони може да донесе системски решенија за овие наши сограѓани. Потребно е да имаат право, да им се овозможи како адреса на живеење да се впише адреса од центар за социјална работа, или адреса на општината каде живеат. Тоа го има и во други држави. Или, пак, да се олесни пакетот документација потребен за личен документ – нагласува Ефремова.
Таа посочува и дека е потребна поголема сензитивност за овие граѓани, но, и поголема отвореност од системот.
– Овие луѓе се виктимизираат од раѓање, од првиот ден се соочуваат со правен проблем. И потоа 20 години на грб ги носат овие предизвици. Дали е тоа нормално во 21 век? Залудно е сега да бараме кој е виновен кај Мемет. Ајде да превенираме во иднина да не се случуваат вакви работи – апелира Ефремова.

Законот за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште, се подготвуваа уште пред почетокот на пандемиската криза. Но, зошто сѐ уште не се донесени, одговор во моментов нема.

Она што го посочуваат правните експерти е дека е крајно време правото на здравствена заштита да не се врзува за тоа дали лицето има лични документи или не.
– Во случајот на Мемет , како и многу други како него, без лична карта, најверојатно, се инсистирало на родителско присуство, на имотен лист или Договор за закуп. Тој немал ништо од тоа како можност. Тука настануваат тие проблеми. Нема како да се пријави адреса за да се извади лична карта. Затоа е потребна што поитно носење на измени на овие закони, затоа што правото на живот и здравствена заштита се неприкосновени права. Никој не треба да биде жртва на системската тромавост и тврдоглавост – вели Ефремова.

Дури и кога лицата ќе добијат Уверение за државјанство, со месеци потоа минуваат низ административни лавиринти за да стигнат до лична карта, бидејќи тоа е ранлива група граѓани, што најчесто живее во нелегализирани објекти и нема валидна адреса за пријавување.

Сред овој мозаик од небулози е и Валентин Ракип, поранешен продавач на „Лице в лице“, кој после речиси две децении борба со системот, успеа лани во септември да добие Извод од матичен број, со поддршка на Здружението на млади правници, „Паблик“ и УНХЦР. Но, личната карта и за него, во моментов, сѐ уште, е далечна дестинација. Неговите планови зависат од „расположението“, поточно од „мамурноста“ и (не)ажурноста на институциите.

Ракип често кажува дека има една желба, сите лица да имаат документи.

– Еве, јас си чекав 20 години, и добив Извод од матична книга на родените, ама треба и други луѓе да добиваат. Ако немаш документи, немаш здравствено, не можеш ништо да правиш. Ако имаш пари, ќе се заврши што треба. Ако немаш пари, ќе си завршиш или дома лежејќи или во болница, или со смрт. Јас имав среќа што не се разболував често – изјави Валентин за „Види вака“ во септември минатата година, кога го доби изводот, надевајќи се тогаш дека, сепак, патот потоа до личната карта ќе биде побрз.

Но, се излажа, како многу пати пред тоа, и како многумина заедно со него.

– Лицата кои имаат матичен број, а немаат лична карта, се ставени во иста ситуација како неевидентираните лица. Тие, повторно, немаат пристап до права. Тоа е жално, болно, срамно за државата. Не сите луѓе имаат родител што може да ги придружува. Не сите деца, не сите луѓе живеат во легализирани или имаат нивна сопственост… Се инсистира нa некои документи, кои, за жал, оваа категорија на луѓе, навистина не може да ги исполни. Нема како. Се работи за комплексни семејни ситуации. Законот треба да биде за сите, и на сите да им овозможи пристап до права. За жал, ова не се нови случаи… и пред Тони Сали, и пред Мемет Камбер, имаше деца што починуваа незапишани, и многу помлади. Жално е затоа што ова ќе се случува и понатаму додека тие немаат пристап ниту до здравство, ниту до основни документи – додава Александра.

Адресите на виновниците кои потфрлаат во овозможување на правата за овие лица во системот, се бројни. Но, решенијата се можни, само ако постои волја, отвореност и подготвеност за нивно вклучување.
Здружението на млади правници, обезбедува бесплатна правна помош за ранливи луѓе, меѓу кои и за лицата кои се без лична документација. Им покриваат и трошоци за лична документација. Зошто тогаш и државата не покаже поголемо разбирање и сензибилизираност за овие лица?

За позитивни промени, неизбежно е да се напушти шалтерскиот однос „тие два документа ти се потребни, и толку“!
Сѐ додека не се превенира, исходите ќе бидат трагични.

Валентин Ракип по 20 години правно се роди – ВИДИ ВАКА

Претходен текст: Првото влегување во болница за Мемет стана и последно / 25.05.23
Следен текст: Личната документација на ранливите лица – рането прашање без лек? / 05.06.23



Напишете коментар