Од 14. август почнува 7. издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short“ во Струга
Седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“, годинава ќе се одржи од 14 до 17 август во Струга.
Фестивалската програма и оваа година ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории и тоа регионална, меѓународна, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, во селекција на режисерот Иван Бакрач.
Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special” со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со „DocuFest“ од Косово и „Sarajevo Film Festival“ од Сараево.
Оваа година, во соработка со Еко-Свест ќе биде претставена и ревијална програма на филмови чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.
„Ако филмот е естетска креација, плод на колективен уметнички труд од различни умови, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, плод на подредувањето во универзумот кое овозможува многу различни умови, својот колективен труд наречен филм, да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија, необјасниво чувство на посебност за публиката и можност за размена на вистински вредности што остануваат врежани во колективната меморија. Денес, кога околу нас видливо недостасуваат едноставност, разбирање и мир, среќни сме што со специјалните мали нешта, наречени кратки филмови, придонесуваме во разубавување на времето во кое живееме. Кога светот е во опасност, убавината ќе го спаси. Кога реалноста натежнува, неопходна е убавина. Со нашето седмо издание, под мотото „Неопходна убавина“ ќе посакаме нашиот фестивал да биде само еден од многуте културни блесоци кои денес ни недостасуваат.“, велат организаторите на настанот.
Во музичката ОФФ програма, оваа година ќе настапат Фолтин, милениците на струшката публика, Rootboy со музичка селекција за капење на Дрим и за затворање на фестивалот диџеите Diah и Бодан Јамакоски.
Влезот за сите настани во склоп на Дрим Шорт е бесплатен. Целосната програма и саатница е достапна на социјалните мрежи и веб-страницата на Дрим Шорт.