Бизнис идејата на младата Мирјана Јосифоска од Тетово е една од победничките во категоријата „зелени бизниси“ на Регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“ кој вчера се одржа во Црна Гора.
Јосифоска доби поддршка од 10.000 долари, а во оваа категорија победија и зелените бизниси BeBeep, идеја за споделување на превоз (Црна Гора) и Задругарство – реупотреба на хартија од кутии од цигари со вклучување на лица со попречености (Србија).
– Поголемиот дел од текстилниот отпад доаѓа во помали количини, а за да произведете една шапка потребно е само 30 сантиметри материјал, додека за стегач потребно е 5 сантиметри. Нашите модели се одржливо и етички произведени во Тетово, и се рачно изработени во 3 големини-достапни за секоја глава. Од остатоците од производството на шапките, произведуваме стегачи за коса, скроени со „нула-отпад“ техника на кроење, со што на крајот не останува воопшто отпад. Благодарна сум на регионалната награда и се радувам што имам поддршка да работам на својот сон и да развивам ваков бизнис, изјави Мирјана Јосифоска.
Во категоријата ембрионски концепти поддршка од 5.000 долари добија: Purteka- мобилна продавничка за комплети за градинарство за деца (Албанија) и Recycling PET Revolution-идеја за собирање и преработка на ПЕТ пластика (Босна и Херцеговина).
Оваа година од Македонија настапи и идејата на Натали Ристовска „Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање на отпад. Изработени од самохрани мајки“, и идејата на Благојче Нaјдовски „APICO-PRO SUPERFOOD“ во ембрионска категорија на идеи.
„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој 12 години поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.
Здружението за социјални иновации „АРНО“, 9-та година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“. Од Здружението велат дека се горди што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 95.000 долари за развој на зелени бизниси во земјата.