Магазин

Педесетгодишна настрешница во Делчево чека ново поглавје

Време на читање: 3 минути

Непостоење јавен превоз до многу од македонските села е една од главните причини за намалување на фреквенцијата на луѓето во руралните средини

Кирчо Анастасов

Руралните населби на крајниот исток, како и насекаде во периферијата на државата, засилено изумираат. Животот во најголем број од ваквите населби стивнува заедно со намалувањето на популацијата. Со децении наназад.
Во последните неколку години, полека, срамежливо, започнува еден обратен тренд. Но тој тренд треба да се негува и унапредува, а одговорност треба да има кај сите надлежни институции организации и поединци кои треба да се вклучат во овој процес на најдобар можен начин.

Анемичен транспортен крвоток до македонските села

Настрешницата на патот кон село, Стар Истевник, Делчевско, градена со камен, дрво и локални градежни материјали е убава реминисценција за минатото, кое полека останува во заборав низ времето.
Како дел од јавната инфраструктура на државата за потребите за транспорт на патници и добра, некогаш оваа настрешница била прибежиште на луѓето кои живеат и гравитираат на потегот помеѓу општините Делчево-Берово- Пехчево. Сместена во ладовина под повеќегодишните борови стебла си ја вршела својата функција за која била изградена пред повеќе од пет децении. Нема точни податоци кога е градена.

На патиштата меѓу споменатите општини некогаш сообраќале повеќе поголеми јавни автопревозници кои што вршеле превоз на луѓе и материјални добра со што биле главен крвоток на животот во овој географски простор. Некогашните транспортни компании повеќе децении го реализирале јавниот превоз на патници во Пијанечко-Малешевскиот регион кон остатокот од државата и светот. Фрекфенцијата на автобуси кои поминувале покрај оваа селска постојка која се наоѓа на отклонот од регионалниот пат А3 на релација Делчево-Пехчево (кај селото Стар Истевник), била на неколку часови, почнувајќи од раните утрински часови па сѐ до доцна попладне.

По пропаста на АД „Полет” Делчево, пред околу 20-тина години, превозот го вршеа компаниите „Берово – Транс“ од Берово и „Авто – Атом“ од Кочани, кои поради нерентабилност ги згаснаа и своите автбуски линии. Потоа, повеќе од 10-ина години, превозот на патници го вршеше компанијата „Пинк Транс“, која, исто така, кон крајот на минатата декада, згасна со работа. Последна компанија која вршеше превоз на патници низ регионот на крајниот исток беше „Интер Турс“ од Скопје, која по повеќе проблеми и недостиг на патници – згасна.

Потребна е поддршка на срамежливото враќање во селата

Денес граѓаните на споменатите општини мака мачат за патување кон Кочани, Штип, Скопје, особено оние кои што немаат соопствени автомобили. Такси компаниите наплаќаат прилично високи билети за патување кон Кочани, Штип, Скопје… Патувањата на граѓаните станаа сериозен финансиски трошок на нивните семејни буџети.

На микро ниво, во рамки на засебните општини на периферијата од државата, недостига организиран локален линиски превоз, поради што опаѓа фрекфенцијата на гравитација на луѓето кон селата. И тоа е сериозна причина за замирањето на животот во руралните населби.

Со срамежливот тренд на враќање на поединци за живот на село повторно се наметнува потребата за воспоставување на редовен јавен превоз помеѓу селските населби, за што надлежните не смеат да останат глуви и неми.

Со тоа оваа камена настрешница можеби повторно ќе продолжи да се радува на човечко присуство, остварувајки ја смислата на својето постоење и функција.

Фотографии: Ирина Крстевска

Напишете коментар