Ширум затворени очи за појасна слика

Лице кое го води разговорот: Небојша Илијевски, бизнис консултант, тренер и контент директор на Форумот на добри компании
ФОТОГРАФИЈА Ирина Крстевска
Ширум затворени очи за емпатичен поглед кон другите.
Објавуваме дел од разговор помеѓу Небојша Илијевски, бизнис консултант и тренер и Теодора, вработена во српска компанија која беше дел од бизнисите во кои „Паблик“ спроведе програма за инклузивно лидерство.
Некои луѓе гледаат подалеку, дури и кога не гледаат со очи. Теодора е една од тие луѓе. Таа слуша таму каде што другите прекинуваат, чувствува каде што многумина брзаат, и создава вистинска врска — не преку погледот, туку преку вниманието. Разговорот во продолжение покажува дека човечкиот капитал не се мери само во резултати, туку и во способноста да се препознае вредноста во различноста и да се создадат услови таа да блесне.
Во продолжение, влезете во еден вистински искуствен дијалог што сведочи за сето тоа
Нешко: Теодора, како ти успева да бидеш толку успешна во практично „ладните повици“? Да закажеш средби со твојот тим за продажба во семејствата со луѓе што првпат ги слушаш по телефон?
Теодора: Хм… Знаеш, јас не гледам, Нешко… Видот ми е 100 проценти оштетен.
Нешко: Го знам тоа, да… (со едно чудење во гласот дека сум пропуштил да го направам тоа очигледно)
Теодора: Знам дека знаеш, но не сум баш сигурна дека разбираш што тоа значи… Еве (по кратко колебање…), затвори ги очите, вели.
Нешко: Затворам, како по команда – вака би се изразил другар ми Злаја, писател… Мислам дека тој ми влијае својата деловна нарација да ја претворам во многу понеформална…
Теодора: И? Што гледаш? прашува.
Нешко: Хм… Па вака… ништо.
Теодора: Е па гледаш, јас гледам. Гледам дека си тука малку зад и над мене. Ти го „гледам“ и парфемот, дури и мислам дека не е парфем туку некој крем од билки. Веројатно органски.
Нешко: Органски крем од канабис, потврдувам со оној, претпоставувам, изненаден израз на лицето кога малку ја подигаш веѓата во исчекување на следното „чудо“ што ќе ти го сервира магионичарот со картите.
Теодора: И уште гледам дека ти е топло, нели?
Нешко: Молчам, но, знам дека патот од паркингот до оваа нагла промена на температурата во нивните климатизирани канцеларии ми бил долг илјада милји. Сфаќам дека сега телото рапидно ми зрачи топлина.
Теодора: Но, знаеш ли што слушам најмногу? Слушам дека ти е драго што разговараме. Убаво ти е овде. Како да те смирило нешто. А притоа си и малку возбуден, можеби затоа што не разговараш често со луѓе со оштетен вид, па ете сега можност… Или затоа што те изненадуваат моите одговори.. Или претходниот разговор со Тијана (менаџерка за човечки ресурси) ти бил убав. Не е ни важно, главно, убаво ти е, ете барем пријатно, да речеме… Грешам?
Нешко: Осознавам дека сум во полумедитативна состојба, како маѓепсан од зборовите што ги изговара, но тоа го сфаќам дури сега, кога го спомена. Забележувам и дека целото тело ми е во некоја состојба од типот „сега издишете“… Би забележал и повеќе работи, но го прекинувам текот на мислите со едно брзо: „Не грешиш, сосема си во право!“
Теодора: Знаеш, јас во слободно време синхронизирам цртани филмови.
Нешко: Еј, навистина (малку збунет од наглата промена на темата)… и јас го правев тоа пред многу години.
Теодора: Даа!? И?! Кој лик си бил и во кој анимиран филм?
Нешко: Бев Закуми, (велам и пред да продолжам, Теодора ме прекинува).
Теодора: Закуми!? Пред светското првенство во фудбал во Јужна Африка, го знам тој цртан. Леле, мора да го пронајдам, би се заколнала дека твојот глас ми беше познат, но не можев да насетам, сепак си од Скопје, каде би те сретнала овде во Белград…. Сега ми е јасно, хаха.
Нешко: Среќа нема никој друг во канцеларијата, зашто чудењето на лицето ми е, сфаќам, очигледно.
Теодора: Ете Нешко, исто како на овој наш „состанок на слепо“ на кој сме сега, ха-ха, јас кога добивам име и презиме на лицето на кое ќе му се јавам следно на телефон, во моментот во кој компјутерот ќе ми го прочита во слушалките, јас го знам само тоа – името, презимето и полот на личноста што ќе ми одговори на телефон.
Но, тоа што е различно е љубопитноста. Во мене постои таква љубопитност додека во слушалката ми е тој ту-ту сигнал, љубопитност, која, навистина, не знам како ја будам, а која ме прашува: Каков глас ќе се јави? Тажен, среќен, нерасположен?! Во каква дневна динамика го наоѓам? Што му се случувало во последниот час? Со што е оптоварен? Каква му е бојата на гласот и дали во неа, всушност, се крие друг човек, човек, чијашто природа воопшто не одговара на евентуалната нервоза, лутина, тежина или стресот во кој мојот повик, можеби, го наоѓа во овој момент? Сите тие прашања ми вријат во главата со застрашувачка, возбудлива брзина додека чекам некој да го каже тоа „Ало!?“ од другата страна на слушалката. Но, Нешко, кога ќе го слушнам тоа „Ало!?“, ова е важно сега, слушни ме… Јас тогаш точно ги знам одговорите на сите овие прашања. Целосно ја скенирам личноста со која сега сум во врска. Забележи дека не реков „на врска”, туку „во врска”! Ние сме поврзани и мене таа личност многу ми значи во тој момент. Во текот на повикот, едноставно, не дозволувам интересот за неа да престане или не дај боже да исчезне. А штом некој ти е важен, важно ти е и да му биде добро, тоа што му го нудиш да му биде од корист. Ете, тоа е, мислам, во основа, мојот „деловен успех“ кој јас, патем кажано, не го сметам само за деловен туку за длабоко интимен и личен успех, но, навистина, овозможен од компанијата. Тијана (мојата менаџерка за човечки ресурси) ми овозможи слобода да бидам своја, да предлагам работи и да ги спроведувам на начин на кој сметам дека е најдобро. Никогаш не ми кажала „овде мораме вака или така да работиме”. Место тоа, ме охрабруваше да го развивам мојот пристап, а нејзиниот, исто така, беше поддржуван од директорот.
Благодарам, Теодора што ни покажа како се гледа со срце
- АКТО фестивалот: 20 години современа уметност и слобода на јавниот простор
- Скопје џез фестивал започнува на 16 октомври
- Џифони Македонија 2025: Младите од осум земји со филмови, работилници и креативни средби
- Започна теренската работа за Гаранција за млади: Поддршка за младите кон работа, обука или практикантство
- Розев октомври: Аукција на ексклузивна мода за борба против ракот на дојка