Доза вести, ЗЕНици

Од електроника до поп, од поезија до трап – современиот звук што го носи „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“ во Скопје

Од 16 до 18 октомври, Скопје ќе биде центар на урбаната музичка сцена. Во „Јавна соба“ и на малата сцена на Македонски народен театар, ќе се одржи „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“.
Под мотото на промената, поврзана со бројот „14“ како симбол на трансформација, слобода и духовен раст, фестивалот носи програма која ја спојува урбаната култура, новите музички експерименти и автентичниот звук на домашните и меѓународни автори. Ќе понуди динамична програма што ги спојува електрониката, поезијата, попот и трапот, претставувајќи автори кои го обликуваат современиот звук на Македонија и регионот.

Најголемото внимание е насочено кон настапот на „MANGROOVE“, еден од најреномираните хрватски поп-состави, кои за првпат ќе настапат пред македонската публика на 18 октомври во „Јавна соба“. Концертот ќе биде кулминација на тридневната програма, а бендот ќе изведе дел од своите најголеми хитови и песни од новиот албум „Комад неба“. Истата вечер ќе настапи и македонската електро-поп дива Марија Каева, со трио состав и сет од песни од нејзиниот последен албум „Фортуна“, со што ќе го збогати финалето на фестивалот со моќна локална естетика.

Фестивалот започнува на 16 октомври во „Јавна соба“ со настап на Александар Велики, алтер егото на Александар Гавровски, кој повеќе од две децении активно твори на домашната сцена. Вечерта ќе ја заокружи битолското трап-дуо Donplaya & Prince$$ Donatsu, кое со својот провокативен стил и експресија ја освои младата публика. Влезот е бесплатен.

Втората вечер, на 17 октомври, на малата сцена на МНТ ќе доминира електронската музика во уметнички контекст. L.O.V.D (Љубен Дерибан) ќе ја изведе својата авторска продукција во живо, а „Поетроника“ (Оливер Митковски и Андреја Салпе) ќе спојат поезија и електро-звучни текстури. Blackstate (Филип Тасевски) ќе внесе енергична мешавина од експериментална електроника, синт поп и хардкор панк.

„ПМГ Рекордингс Фестивал“ го основа Мирко Попов во 2008 година.
– Со 13 реализирани изданија, фестивалот беше значајна платформа на новата и квалитетна музичка продукција. Подготовките за 14-то издание започнаа во 2023 година со Попов, а годинашнава реализација е резултат на работата на тимот на фестивалот, заедно со музичарите и партнерите, со програма посветена на неговиот роденден – велат организаторите.

Со три вечери исполнети со разновидни изведувачи, музички експерименти и културни соработки, ПМГ Рекордингс Фестивал 14 останува платформа за современиот музички израз и автентичниот глас на генерациите што создаваат нова историја на македонската и регионалната сцена.

„Со три вечери исполнети со разновидни изведувачи, музички експерименти и културни соработки, ПМГ Рекордингс Фестивал 14 останува платформа за современиот музички израз и автентичниот глас на генерациите што создаваат нова историја на македонската и регионалната сцена“, истакнуваат организаторите.

Билетите за програмата на 17 октомври се достапни на веб-страницата на МНТ овде, а за концертот на 18 октомври преку Друга страна.

Напишете коментар