Хербален туризам што ги зближува луѓето
Во свет полн со пречки, хербалниот туризам ги поврзува луѓето преку билките, природата и заедничките искуства. Сите можат да бидат дел – да учествуваат, да научат нешто ново и, пред сѐ, да уживаат. Тоа придонесува за подобро здравје, чувство на припадност и еднаквост, а притоа ја оживува и локалната заедница
Авторка на текст: Марија Георгиевска
Фотографии од хербалните – едукативни работилници на „Билкилајф“
Во време кога сѐ почесто зборуваме за одржлив живот, заедништво и развој на локалната средина, понекогаш забораваме дека вистинската промена може да биде многу едноставна – да мириса на лаванда, да се случува под отворено небо, со чај в рака и разговор меѓу пријатели. Хербалниот туризам не е само нов тренд – туку природен одговор на потребата да се поврземе со себе и со другите.
Замислете место каде што билките не се само сувенири или производи, туку повод за собирање, за учење, за работа што носи гордост. Место каде што младите го пронаоѓаат својот пат, а лицата со попреченост не се само посетители – туку луѓе со искуство, знаење и желба да придонесат. Токму ова го овозможува „Билкилајф“, Центар за хербализам, туризам и за одржлив развој, сместен во селото Бродец, на Скопска Црна Гора.
Во овој мал рурален рај, опкружен со зеленило и тишина, се случува нешто поразлично – но многу потребно. Приказна во која секој е добредојден. Во која планината е место и за прошетки и за разговори и за нови почетоци. Во која билките се мост, не граница.
Природата како поддршка
Преку едноставни активности – собирање, сушење, подготовка на чаеви – луѓето се чувствуваат исполнето. Особено лицата со попреченост, кои во овие моменти не се третирани како „корисници“, туку како рамноправни учесници. Тие учат нови вештини, се дружат, работат, заработуваат, се смеат. И најважно – се чувствуваат прифатени.
Во средина каде што често пристапноста е реткост, овие градини покажуваат дека не е потребно многу – само малку волја и разбирање – за да се создаде пријатно и достапно место за сите.



Одлични примери – не толку далечни
Иако, овој модел е нов за нашето поднебје, слична практика веќе се развива низ Европа.
Во Италија, Словенија, Хрватска – сѐ повеќе луѓе со попреченост се вклучуваат во билкарски активности. Некои се водичи на билкарски прошетки, други помагаат во градините, трети држат работилници. Ова не се само „хуманитарни“ приказни – туку вистински, одржливи идеи што носат радост и развој.
Младите и нивната улога
Оваа идеја отвора многу врати и за младите – особено за тие што сакаат да останат во селото или руралната средина, но, не гледаат перспектива. Хербалниот туризам покажува дека и од малку може да се создаде нешто свое: билкарски прошетки, работилници, уникатни сувенири, чаеви, нови пријателства. Младите можат ова да го направат нивна приказна, а „Билкилајф“ покажува како.
Лицата со попреченост тука се вклучени – не од милост, туку затоа што можат, знаат и сакаат. И затоа што и тие уживаат во планината, во тревата, во дружбата.
Заедница што се гради на вистински вредности
Придобивката од хербалниот туризам не е само економски потфат. Тоа е модел на живеење што нѐ потсетува на важните нешта: спокој, природа, внимание, поврзаност. Заедницата добива ново катче – за учење, за дружење, за инспирација. И, што е најважно – катче што е достапно за сите.
Според последниот попис од 2021 година, во земјава живеат 94.000 лица со попреченост. Многумина од нив се соочуваат со секојдневни пречки – од образование до забава. Особено е тешко во руралните и планинските места, каде што ретко има нешто „за нив“.
И токму затоа иницијативи како оваа се важни – затоа што ја менуваат реалноста. Ги отстрануваат пречките и ги отвораат вратите. Не само за активности, туку и за нови пријателства, за личен напредок, за чувство дека припаѓаш некаде.
Не исклучок, туку начин на живот

„Билкилајф“ не треба да остане единствен пример. Тој треба да биде инспирација. Да поттикне слични приказни, на други места, со други луѓе, но со иста идеја: природата да биде за сите. Во време кога сите брзаме и ретко гледаме околу себе – можеби токму билките се тие што ќе нѐ вратат назад. Или напред, но во подобар правец.
Првата работилница на „Билкилајф“ веќе го покажува тоа – туризам што не исклучува, туку повикува. Мобилни билкарски градини што можат да ги користат и лица со телесна попреченост. Ова е пат кон туризам што е за сите, што не прави разлика, туку создава заедништво.
Овој модел – едноставен, природен, човечки – гради на тоа што веќе го имаме: убави луѓе, богата природа и желба за грижа.
(Авторката е извршна директорка на социјалното претпријатие „Билкилајф“)

Оваа содржината е објавена во „Лице в лице“ број 57. Изданието е достапно кај нашите продавачи.
Имате можност да го купите списание и онлајн на овој линк и да ја поддржите работата на „Лице в лице“.
- Преку хумор до заедништво: серијата „Чаршија“ ги спојува различните култури
- Хербален туризам што ги зближува луѓето
- Од пасивни приматели до активни граѓани: силата на социјалното менторство во животите на корисниците на социјална помош
- Организацијата на жени од Свети Николе повторно во акција за здравјето на жените
- Фотографии од браќата Манаки во старо-ново руво