Пина колада тиква и други изненадувања: кулинарски свет според Филип Чаловски
Филип Чаловски (лево, на фотографијата), основач на „FJ Culinary Consultants“, ни отвори врата во својот свет на кулинарството, каде што секој рецепт е уметност, а секој вкус раскажува приказна
Фотографии и текст: Натали Китаноска
Кога кулинарството и гастрономијата се повеќе од рецепти, а вкусовите се мешаат како бои на платно, резултатот е магија за сетилата. Добрите комбинаци на вкусови би ги споредила со искусно мешање на бои. Различни материјали и различна уметност. Обете создадени за убавото. Кулинарството никогаш не постоело за да консумираме едноставни комбинации на храна, туку за да експериментираме. Она што е од витално значење, да не биде монотоно, туку да биде доживување. За кулинарството како уметност и умешност, разговаравме со Филип Чаловски, основач на „FJ Culinary Consultants“ и стручен судија во кулинарското шоу „180 степени“ кое се емитува на телевизијата „Телма“. Чаловски го отвори својот свет на гастрономија за нас. Во рамките на мастер класот, се приклучи и шпанскиот шеф Серхио Салвадор, кој за првпат ги вкуси македонските традиционални јадења.
„Лице в лице“ присуствуваше на еден од неговите мастер класови, на кој зборувавме за македонската и шпанската кујна, за иновациите во гастрономијата и за тоа како создава уникатни комбинации на вкусови. На овој час, со Филип беше и шпанскиот професионален готвач Серхио Салвадор, кој ја сподели својата перспектива за македонските традиционални јадења и покажа дел од своето мајсторство.
Од кога се занимавате со кулинарство?
– Моето лично искуство со готвењето започна на шестгодишна возраст, кога првпат се фатив за тава и нож. Професионално, во кујната работам од 2000 година. Во 2009 година се запишав на Факултетот за гастрономија во Охрид, и тогаш ја донесов одлуката целосно да се посветам на гастрономијата, кулинарството и сѐ што е поврзано со храната.
Имате ново кулинарско шоу, насловено „180 степени“? Што е поразлично во Вашето шоу од она што веќе го имаме видено?
– Искрено, не наоѓам многу време да гледам кулинарски шоуа. Не сум гледал многу, но сум гледал „Мастер шеф“ и би рекол дека разликата е во буџетот. „Мастер шеф“ е, да речеме можеби, со стотина до илјада пати поголем буџет од нашето шоу. Концептот е сличен и натпреварувачки. Кај нас би било различно затоа што ќе ја опфаќаме нашата традиционална балканска кујна.


Што е за Вас совршен оброк?
– Зависи од расположението. Кога сум гладен и спремен за гурманлук, совршен оброк би бил: добра шкембе чорба за старт, па потоа сарма или кисела зелка, некоја туршија и чаша црвено вино. За десерт, во овој период од годината, би избрал добра туфахија.
Која е најдобрата комбинација на вкусови?
– Сега имам комбинација која ми е омилена: тиква, кокос и ананас, и би ја нарекол „пина колада тиква“.
„Лице в лице“ со македонската и шпанската кујна: мастер клас со Серхио Салвадор
„Лице в лице“ беше во посета на мастер часот во просториите на „FJ Culinary Consultants“. Тогаш, часот го предводеше професионалниот готвач од Шпанија, Серхио Салвадор. За него, македонската традиционална кујна е специфична и со одлична комбинација на вкусови. За време на неговиот престој во земјава, тој успеал да проба бурек, ќебап и чорба. На часот каде што Салвадор ја претстави традиционалната шпанска кујна се готвеа рецептите: Bacalao al pil pil, Paella, Patatas bravas, Salmorejo, Spanish omelet, Tarta de queso.
Иако веќе се почесто се слушаат коментари дека нема што да се прави интересно, вакви соработки го покажуваат спротивното. Проследете го заедничкото интервју со Филип Чаловски и Серхио Савадор и слушнете што им понудија на присутните во кулинарското шоу.
- Пина колада тиква и други изненадувања: кулинарски свет според Филип Чаловски
- Како да се браниме од дезинформации? Скопје домаќин на ЕУ – Западен Балкан конференцијата за медиумска писменост 2025
- Обука за новинар(к)и: Научи да препознаваш родови дезинформации и добиј поддршка за своја содржина
- Од бројки до поддршка што менува животи: како социјалните ментори го поддржуваат вработувањето на младите невработени луѓе?
- Балканскиот медиумски камион пристигнува во Скопје: Квизови, игри и разговори за вистинитите информации