Граѓаните можат, Доза вести

Расипан прозорец од патарини, но полни срца од приказни: Жеровјане покажа колку е силна локалната енергија

Во Жеровјане вчера се случи нешто повеќе од обична работилница, селото Жеровјане „забрмче“ од идеи, приказни и креативна енергија. Во основното училиште „Лирија“ се собраа локални креатори на содржини, активисти, наставници, доктори, професори и жители со една цел: да раскажат за нивните предизвици и гордост, кои потоа ќе бидат „месо“ за медиумски приказни што ќе го прикажат соживотот, толеранцијата и родовата еднаквост преку очите на самите луѓе од заедницата.

Работилницата, организирана од Платформата „Лице в лице“, заедно со локалната организација „Нисма“, ОУ „Лирија“ и МЗ Жеровјане, покажа колку е важно да се слушне гласот на малите заедници, особено кога токму тие ги носат најавтентичните и најмоќните приказни.

Жеровјане: место каде спортот, уметноста и вкусот на сладолед градат мостови меѓу луѓето

Учесниците ја отворија вратата кон повеќе локални теми што ветуваат силни, инспиративни медиумски стории.

Одбојкарскиот клуб „Лирија“ – 54 години спорт за соживот

Основан далечната 1970 година, клубот „Лирија“ е спортски симбол на селото и вистински пример за мултиетничка соработка. Играчите доаѓаат од различни заедници и од цела земја, а мешаната трибина, кога навива, навива како едно. Тука спортот не е само игра, туку начин на поврзување, прифаќање и создавање пријателства кои траат.

Слаткарницата „Саранда“ – летна сцена на толеранција и џелато-култура

Домашниот сладолед, подготвен по стара рецепта, одамна ја надмина улогата на летен десерт. „Саранда“ е место каде што заедницата „се меша“ исто како и вкусовите: млади, стари, мажи, жени, жители и гости од цела држава. Слаткарницата стана културна точка каде луѓето се поврзуваат преку гастрономијата – доказ дека понекогаш чашка сладолед може да направи повеќе за соживотот, отколку големи политики.

Бесарта Муртезани – голем оперски глас од мало село

Уметноста во Жеровјане исто така има свој херој, поточно, херојка. Оперската пејачка Бесарта Муртезани, која настапувала рамо до рамо со светскиот сопран Ермонела Јахо, сведочи дека талентот нема граници. Нејзината приказна ги инспирира младите дека дури и најмалите места можат да создадат големи уметници, доколку ги негуваме страста и поддршката.

Кога прозорците се расипуваат, а патарините се множат – реалните предизвици на селото

Иако Жеровјане крие многу позитивни приказни, учесниците ја отворија и темата за изолацијата. Без сопствено возило и без соодветен локален пат, тие се отсечени од блиските села и градови. Со сопствено возило, за неколку километри се плаќаат три патарини.

– Прозорецот ми е расипан од плаќање патарини – се пошегува еден од учесниците.

Но, зад оваа шега, стои сериозен проблем: транспортот е најголем предизвик, особено за жените од селото и околните места. Ова прашање отвори дискусија за тоа колку инфраструктурата влијае врз инклузијата, мобилноста и еднаквоста.

Од работилница до реални медиумски стории

Сите собрани идеи, сведоштва и наративи ќе бидат преточени во нови, автентични приказни објавени на платформата „Лице в лице“. Целта е да се даде глас на локалните херои, на приказните кои се двигатели на соживот и толеранција, а кои често остануваат „невидливи“. Истовремено, да се покаже дека животот надвор од големите градови е полн со богатства што вреди да се споделат.

Работилницата во Жеровјане е само почеток. Следуваат нови стории, нови гласови и нови локални херои кои допрва ќе блеснат.

Настанот беше дел од официјалната програма на Денови на медиумска писменост 2025 (17-25.11.2025), кој ја носи темата: „Користење на критичкото размислување за справување со дезинформациите од земјата и од светот“.

Сите ставови, мислења и материјали кои произлегуваат од неа се организираат со финансиска поддршка од Европската унија, во рамките на Reporting Diversity Network. Содржината е единствена одговорност на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Rabotilnica kokreiranje Glasovi Na Inkluzija Zerovjane Lice v lice

Напишете коментар