Блог

Став на социјалната менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски: 16 дена активизам, 365 дена институционална тишина

Денес почнуваат 16-те дена активизам против насилство врз девојки и жени. Порано споделувавме глобални бројки за да прикажеме колку е порастот драматичен. Со тоа се обидувавме да привлечеме внимание за тоа колку е алармантно прашањето. За жал, глобалните бројки веќе не ни се потребни. И нашиве се доволно алармантни!

Фемицидот на Росица – трагедија што ја разобличи институционалната неказнивост

Ви текнува на фемицидот на Росица? Е, па можеби вас ви текнува ама на државата веќе НЕ!

Фемицидот на Росица ја откри суровата вистина: немаме институционални виновници.

Единствено е виновен сторителот на насилството, оној кој ѝ го одзеде животот, истиот тој кој, додека таа го пријавуваше, за системот не беше виновен. Остана слободен и недоволно казнет. Системот не ја заштити, а тишината и неактивноста на институциите создадоа трагедија која можеше да биде спречена. 

Индиферентноста на институциите е таа која го одзема животот на жените

Некои од жените со кои што јас работам (преку програмата Социјално менторство на „Паблик“) ми споделуваат дека во институциите, наместо да ги користат постоечките мерки и протоколи измислуваат нови мерки. Цитирам:

Господ нека ти е на помош, јас не знам што да ти кажам…

Институција како МВР, највисок орган за безбедност во државава не смее да се „вртка“ само околу пешачки и околу контејнерите, за да нè убеди дека нешто работат. Токму тие треба да бидат првата заштита и првата акција после пријавено насилство.

Не наметнувајте товар на жртвите – системот мора да биде посилен

И, да престанеме да ги учиме само жртвите да бидат посилни, похрабри и поодлучни! Системот треба да биде посилен, системот треба да би похрабар, системот треба да носи побрзи одлуки! 
Потребно е казните да бидат посериозни, поддршката пореална, реакцијата побрза!

Не е доволно да зборуваме 16 дена.
Да слушаме, да веруваме, да штитиме. Секој ден!

(Авторката е социјална менторка во „Паблик“, која работи со жени-жрви на насилство)



Претходен блог на авторката:

Работата на институциите не е да констатираат смрт! Секое игнорирање на пријавите е соучесништво во насилството

Читај поврзани содржини:
Јас сум следната Росица си помислив, а во МВР ми рекоа – Господ нека ти е на помош!

Напишете коментар