Активистички говори, млади бендови и креативни работилници на „ENGAGE 2023″
Младински образовен форум и Радио МОФ, на 9-ти јуни, во Младински културен центар (МКЦ), со почеток во 13 часот, го организираат дванаесеттото издание на Настанот за социјален активизам ENGAGE.
Присутните ќе можат да слушнат инспиративни говори од домашни и странски активисти за друштвените мрежи како средство за промени, поезијата како отпор против патријархалните норми, за тоа како младите уметници се борат против скептицизмот, но и за правата на текстилните работнички.
Исто така, дел од говорниците ќе се осврнат и на „Мое здравје” – гласот на лицата со оштетен слух, други ќе зборуваат за генерацијата Зет и нивната моќ да го трансформираат активизмот и прават поинклузивен свет, а ќе бидат отворени прашања и за родовата еднаквост во 21 век.
Учесници на „ENGAGE” ќе бидат активистката Kристина Ампева од „Гласен текстилец”, Нина Павичевиќ од Црна Гора, комуниколог и креатор на @kriticki, Леон Шумански од „Гола планина колектив”, потоа Викторија Хамет од САД, од организацијата Gen-Z for Change, Гералдина Гуера Гарсес од Еквадор, од фондацијата АЛДЕА, исто така Христина Божиновска Ѓикова од здружението „Млад знак”, но и активистката Аделина Тершани од Косово, која ќе има и своја изведба на слем поезија.
Овогодинешниот настан ќе биде поделен во 3 дела:
ENGAGE THE STAGE – Каде ќе имате можност да слушнете домашни и меѓународни говорници кои ќе го пренесат нивното искуство на темите: родова еднаквост, животна средина, човекови права, граѓански иницијативи и музика;
ENGAGE THE WORKSHOPS – Каде ќе можете да се вклучите во една од креативните работилници за реупотреба на стара облека со техника на сито принт, техники за справување со стрес и дишење и како да преживеете на планина и
ENGAGE THE NIGHT – Каде ќе може да ги слушнеме и забавуваме со бендови од младата генерација дел од Гола Планина колективот до полноќ.
ENGAGE: The Stage ќе трае помеѓу 14 и 18 часот, а во истиот временски интервал ќе се случуваат и ENGAGE: The Workshops на Партизанска Штампа „Сито печат и реупотреблив дизајн: неограничен креативен потенцијал”, Си Фу Предраг Петрески „Како да го надминете стресот со правилно дишење” и ПК Македон „Планинарење 101: Основи за успешни планинарски авантури”.
На ENGAGE: The Night, гостите ќе имаат можност да се забавуваат со бендовите: КЕМ, Zanadu, The Ooz, Niandra, Sivert и Rend.
Инаку, ENGAGE е единствениот собир за социјален активизам во Северна Македонија. Веќе 11 години домашни и странски активисти споделуваат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, култура, социјална промена, човекови права, дигитална демократија, слобода на говор, активизам и медиуми.
Преку ENGAGE, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн, така и во физичкиот простор. Со програмата, ENGAGE обезбедува едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме.
Повеќе информации за ENGAGE 2023 може да дознаете овде. Настанот е бесплатен, а вашето присуство може да го најавите на Регистрацијата достапна на овој линк.
Настанот е поддржан од National Endowment for Democracy.